08 Мај, 2024
0.0231

Виктор, Владимир и Македонија

Објавено во: Колумни 20 Февруари, 2015

Добивај вести на Viber

Рускиот претседател Владимир Путин за неполни три месеци два пати ги изваде од такт Европјаните. Не станува збор за Украина. Таму работите се уште не се јасни и ќе има многу нервози, закани, вадење од такт, а можеби и војна. Во прашање се два потега на Путин со економски, пред се, но и политички белег. На 1 декември минатата година во Турција, при неговата посета на таа земја, беше објавено дека гасоводот „Јужен поток“ нема да се гради. Вината за тоа, според него, лежи во Европската Унија која не дозволила, со директни и индиректни притисоци врз земјите низ кои требаше да минува гасоводот, да почне изградбата на гасоводот. Најави нов гасовод, „Турски поток“, кој ќе треба да оди низ Турција, до границата со Грција, меѓу градовите Ипсала и Александрополис. Ова беше шок за Европа. Вториот шок или вадење од такт се случи изминативе денови. Виктор и Владимир се сретнаа во Будимпешта. Станува збор за претседателите на Унгарија и Русија Орбан и Путин. Само две недели по посетата на канцелкарката Ангела Меркел на Унгарија, таму на широко творена врата дојде Владимир Путин. И не само што дојде во ек на големи борби во Украина, туку се договори со Орбан за снабдување на Унгарија со гас. Политички договор е постигнат, а остануваат технички детали. Се разбира Унгарија се испазарила и за пониски цени. Дури станало збор и за заедничка работа со Турците во делот на таканаречениот „Турски поток“. Европјаните не можат да веруваат во она што се случи и се договори во Будимпешта.  А Орбан своевремено им рече дека санкциите против Русија е „пукање во сопствена нога“. Ако се има предвид изјавата на првиот човек на „Гаспром“, Алексеј Милер, во средината на јануари, дека ЕУ мора да размисли да гради гасовод од Турција/ Грција кон Европа, во спротивно по некоја година ќе нема гас за Европа, а и дека гасоводот кој сега ја снабдува со гас Турција преку Украина, Романија и Бугарија, поради несигурност на поставките на гас се доведува во прашање, станува јасна стратегијата на Русија кон ЕУ. Заменикот претседател на Европската комисија за енерегетика  Марош Шефчович, кој бил во посета на „Гаспром“, останал вчудоневиден кога го чул ова од Милер. „Ова за нас е голема новост затоа што јас дојдов да разговараме за развој на нашата соработка во областа на гасот, во интерес на земјите од Југоисточна Европа. Ние сме зачудени. Ова штети на имиџот на „Гаспром“, рекол тој. А Милер му одговорил „Ние својата стратегија и натамошните дејства ги градиме поаѓајќи од планот за создавање во ЕУ на Енергетски сојоз“. Со други зборови отсега натаму Русија ќе има работа со тој сојуз. Па, еве ви гасовод до Грција, а вие мислете како ќе го носите натаму гасот. Одовде натаму во целата работа се појавува и Македонија. На 20 декември лани Путин појасни дека гасоводот „Турски поток“ може да биде продолжен низ Грција, па низ Македонија да дојде до Србија и Унгарија, па се до Австрија. Дали сака Македонија да се реализира оваа идеја на Путин? Дали може Македонија да го направи тоа реалност? Се повеќе има идеи Бугарија да се заобиколи, иако не е отфрлена до крај онаа, од Грција гасот да оди по маршрутата на порано предвидениот „Јужен поток“.Македонија повторно е спомената и во Будимпешат и тоа од устата на Виктор Орбан. Според она што го пренесуваат руски весници од посетата на Путин на Унгарија, сега маршрутата за продолжување на гасоводот би ја заобиколила Бугарија, би одела низ Грција, Македонија и понатаму по поранешната маршрута на „Јужен поток“, нагласил Орбан и додал дека „И во Унгарија и во Србија има предлози, ние со Македонија зборувавме за тоа и со Грција. Можеме ли тоа да го направиме е прашање на иднината, но во секој случај Путин ми даде надеж“. Сега се зависи како сега ќе игра Европската Унија. Се чини дека ЕУ И САД избрзаа со притисоците врз Бугарија да го одолговлекува и да не го реализира „Јужен поток“ со разни изговори. Кога се виде дека таа држава може да остане со прстот во уста, и дека и се распрснуваат илузиите да биде енергетски центар на Балканот, почнуваат новите игри. Путин, во Будимпешта изјавил дека може гасот да оди и низ Бугарија, но сега само преку Грција. Значи освен Турција, како глобален,  и Грција ќе стане енергетски јазол за овој дел на Европа, дотолку повеќе што низ неа ќе минува и Трансјадранскиот гасовод. Според него Европската Унија веќе ја моли Русија за оваа варијанта. Имало и обраќања од претставници на Европската комисија Бугарија да се искористи како транзитна земја при евентуално продолжување на „Турскиот поток“. За разните комбинации кои постојаст, луѓе блиски на „Гаспром“ велат дека „Нас треба да не молат, а не обратно“. По ова одговорите на погоре поставените прашања за Македонија сигурно не се обнадежувачки. Македонија сигурно сака таа идеја да стане стварност. Но тешко дека може да го направи тоа. Од едноставна причина што немаме тежина како држава и човек способен да ја истурка таа работа до крај. Ако моли, тогаш треба за тоа и да плати. А во крајна линија на Русија повеќе и одговара Бугарија да биде повеќе енергетски зависна од рускјиот гас, отклоку Македонија, која не го користи до крај капацитетот на госоводот што го има.  Најдобро е да заборавиме на оваа идеја и да се свртиме кон трансјадранскиот гасовод. Не друго, нема да бидеме зависни само од еден извор на гас. А тоа повеќе вреди, отколку да си транзит, а целосно зависен. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина