(ВИДЕО) ГОЛЕМО НЕВРЕМЕ: Во Белград поплавени 20 градинки и зоолошка
Објавено во: Балкан 24 Јуни, 2019
Големо невреме проследено со пороен дожд, а на некои места и со град со големина на тениски топчиња имаше во последното деноноќие во Србија.
Поради невремето кое што вчера го зафати Белград на некои од улиците се формираа гејзери повисоки од пет метри. Заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ изјави дека по обилните дождови што го погодија главниот град, биле поплавени 20 детски градинки и дека 6.000 домаќинства немаат електрична енергија, главно во Земун и во Нов Белград.
Автопатот Белград-Загреб наликува на голема река, поради што со часови беше затворен, а возачите добија препорака доколку немаат голема потреба да не тргнуваат на пат.
Поројните дождови, речиси целосно ја поплавија и зоолошката градина во Белград, а српските медиуми пренесуваат дека оггромно количество вода тече кон живеалиштата на голем број животни. Ветеринарот во белградската зоолошка градина, Јожеф Езвеѓ вели дека ова е најголема поплава што му се случила на Белград во последните години, но за среќа животните се неповредени и се во добра состојба.
Во делови од Белград вчера за помалку од два часа паднало количество дожд колку за цел месец. Во Борча наврнале околу 100 литри дожд на квадратен метар, додека просекот, врз основа на 100-годишната низа за јуни е 85 литри.