Добивај вести на Viber
Украинскиот тајкун Сергеј Курченко добил српско државјанство по забрзана постапка, но веднаш потоа била покрената постапка за да му се одземе.
За чудниот случај на 29-годишниот „крал на гасот“ од Украина, за кој известуваат сите српски медиуми, потврда стигнала и од Кабинетот на премиерот Александар Вучиќ.
Според Ројтерс, ова е уште еден пример кој го става во фокус значењето на надворешнополитичките врски на Србија, која е кандидат за членство во ЕУ, но одржува и блиски релации со Русија.
„Мултимилионерот и бизнисмен во индустријата за гас, кого полицијата во Украина го бара и кој се наоѓа на црната листа на ЕУ, накратко доби српско државјанство, за веднаш потоа денеска српската Влада да ја поништи одлуката, која можеше да привлече негативни критики од Запад“, пишува Ројтерс.
Српската Влада најпрвин го одобрила барањето на Курченко „во согласност со надлежностите и одредените услови“, но премиерот Вучиќ лично го блокирал процесот, тбрдат српски владини извори.
Сергеј Курченко, еден од најбогатите Украинци, е државјанин на Русија, но е роден во Харков, Украина. Се смета дека бил близок со соборениот украински претседател Виктор Јанукович, а по промената на власта во Украина заминал во Белорусија која му одби гостопримство.
Од таму заминал за Москва. Неговото име се наоѓа на „црната“ листа која Европската унија ја состави во првиот бран санкции против поранешните власти во Киев и нивните соработници.