Украински експерт за Фактор раскажува дали со војната згасна и туризмот во неговата земја
Објавено во: Свет 21 Јуни, 2022 06:27
Сергиј Толстихин, украински експерт за развој на туризмот во заедницата, и велосипедист кој на велосипед поминал низ 31 земја, вели дека руската инвазија на Украина која почна на 24 февруари, доведе до тоа туризмот во некои региони целосно да згасне, а некаде делумно да функционира. Сепак, војната ги затвори вратите за странските посетители.

„Туризмот во Украина не умре, но многу се промени за време на војната. Би ја поделил Украина на три зони. Првата - зона на активни непријателства - таму туризмот е дефинитивно мртов, втората зона - зона на зголемена опасност. Таму туризмот е релативно жив, но значително намален. Претежно локалните жители се одмараат. Третата зона е зона на релативна безбедност и туризмот овде е добар, бидејќи тука живеат голем број бегалци и тие сега активно одат на одмор. Сега нема странски туристи, туку главно локални жители и бегалци“, вели експертот.
Што се однесува до руските туристи, и пред војната нивниот број бил мал, а по завршување на конфликтот смета дека нив ќе ги нема. Полјаци, Естонци, Италијанци, Французи беа најчести гости во Украина.

„Главниот адут на Украина е еколошкиот стил. Во централна и западна Украина има многу малку индустриски претпријатија и многу интересни споменици oд културното и историското наследство кои вредат да се посетат. Руски туристи речиси немаше пред војната, а уште помалку ќе ги има по војната. Украина е затворена за Русија долги години. По војната предвидувам значително зголемување на странските туристи, најмногу од Европа. Воопшто нема да има туристи од Русија. Досега најпосетени беа Лавов, Одеса, Киев, Закарпатија и Карпатите, брегот на Црното Море. Централна и западна Украина сега се безбедни. Нагло падна туризмот во регионите на Црното Море и Одеса“, изјави Толстихин.

Додава дека Украина се разликува од другите држави по тоа што е еколошки чиста, со прекрасна природа, а воедно изобилува со знаменитости.
„Украина е прилично евтина дестинација, но имаме прилично слаба туристичка инфраструктура. На ова треба уште да се работи. Украина има многу културно-историски споменици, тврдини, цркви, планини, езера, шуми. Таа е најголемата земја во Европа и секој турист ќе има нешто интересно да види во Украина. Имаме многу, илјадници споменици од различни епохи, но всушност сега 50 отсто од туристичкиот потенцијал е мртов. Војната зададе многу тежок удар на 50 отсто од Украина. Но, преостанатите 50 отсто од туризмот се подобри поради бегалците“, додава експертот.

Толстихин ја посетил и Македонија, бил на Охридското езеро. Вели дека Македонија е прекрасна земја која сака детално да ја истражи.

Бројките покажуваат каков туризам имала Украина пред војната. Во 2021 година, повеќе од четири милиони странски туристи ја посетиле земјата. Но, ова е 3.5 пати помалку од пред пандемијата. Во просек, за 7-9 дена престој странските туристи трошеле речиси илјада долари во Украина, покажуваат податоците на Државната агенција за развој на туризмот. Граѓаните на ОАЕ трошеле најмногу пари - повеќе од две илјади долари дневно.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
Трамп нареди „целосна блокада“ на санкционираните танкери за нафта што доаѓаат и заминуваат од Венецуела
Претставник на српска компанија за оружје починал под сомнителни околности во Москва
Европска земја ќе произведува десетици илјади дронови годишно за Украина
Ова ја вознемири Русија: Ги прашувал учениците за националноста, па ги избодел
Австралискиот премиер го посети во болница херојот на Бонди: Ахмед ал-Ахмед e „најдоброто од нашата земја“
САД даваат безбедносни гаранции за Украина, но нема договор за територијални отстапки
Украина добива гаранции од САД слични на Член 5 од НАТО?




