23 Април, 2024
0.0335

УКИМ БИЛ И ОСТАНУВА ЛИДЕР ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Интервју со Проректорот Билјана Ангелова

Објавено во: Интервјуа 23 Март, 2023

Добивај вести на Viber

За добар квалитет во високото образование предуслов е да се воспостават цврсти релации во триаголникот: високо образование и наука - бизнис сектор – јавни институции, истакнува во денешното интервју за Фактор проф. д-р Билјана Ангелова, Проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Цени дека потребно е да се стимулира и поддржува создавањето на центри на извонредност и зајакнување на истражувачките и иновативните капацитети кои се клучни фактори на успех за долгорочниот економски развој на земјата. 

-Од друга страна, високообразованите институции кај нас сеуште се борат за својата финансиска и кадровска автономија која е длабоко нарушена. Не постојат критериуми и правила на финансирање кои би ги диференцирале достигнувањата на универзитетите. Затоа спрегата на Државата и високообразовните институции е клучната карика за успех на системот. Шангајската ранг листа на универзитети во светот е една од најпрестижните, посебно поради фактот што критериумите според кои истата се составува се прилично високи и ги вреднува научните достигнувања на универзитетите преку објавени трудови во реномирани часописи со фактор на влијание, алумни носители на Нобелова награда, висок степен на цитираност и.т.н., за што се потребни финансиски средства за истражување. Во услови кога истите не се обезбедени, единствената можност за финансирање е интернационализацијата и соработката со бизнис секторот.

Како или што треба да се направи да се зголеми квалитетот во високото образование и како Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје одговара на таквите предизвици?

Проф. Д-р Билјана Ангелова: Генерално проблемите и предизвиците со кои се соочува високото образование во Македонија можеме да ги разграничиме од аспект на  квалитетот и проблеми кои произлегуваат од постојниот начин на финансирање. Квалитетот во високото образование, произлегува од синергијата меѓу наставата, науката и соработката со бизнис секторот. Тој е нераскинливо врзан со кадровските капацитети, финансиските и материјалните ресурси на универзитетите.  Со други зборови, без наука и без истражувања не може да се очекува квалитет во наставата. За таа цел потребни се системски решенија во насока на поголеми издвојувања во буџетот за наука, кој со години се наоѓа на поразително ниско ново. Напредните економии, се економии на знаење, земји каде издвојувањата за наука се движат најмалку над 2% од нивниот БДП, а повратот што науката го има во економијата е импресивен.  За добар квалитет во високото образование предуслов е да се воспостават цврсти релации во триаголникот: високо образование и наука - бизнис сектор – јавни институции. 

Потребно е да се стимулира и поддржува создавањето на центри на извонредност и зајакнување на истражувачките и иновативните капацитети кои се клучни фактори на успех за долгорочниот економски развој на земјата. Интерно, за обезбедување на квалитет во високото образование и подобрување на аутпутите од наставата и учењето, потребна е континуирана евиденција и евалуација на наставниот процес, воспоставување на механизми на контрола како и пристап до обработените податоци со цел да се идентификуваат сите предности и слабости и причините кои довеле до нив и што е најважно да се воспоставуваат критериуми и практики за континуирано унапредување на наставниот процес.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, бил и останува лидер во високото образование во земјава, но простор и потреба од подобрување постојано има. Нашиот Универзитет поседува голем потенцијал на знаење, извонредни кадри и материјални ресурси со кои може да се носи на меѓународната сцена. Токму во таа интернационализација и ги гледам перспективите за идниот развој на УКИМ.  

Подготвуваат ли нашите факултети кадри со кои ќе се задоволат потребите на пазарот на труд?

Проф. Д-р Билјана Ангелова: Динамичниот глобален развој и дигитализацијата која навлегува во сите пори на општеството наметнуваат потреба од брзи реакции, современи знаења и вештини и иновативно ориентирани поединци, институции и општества. Анализите на состојбата детектираат сериозни системски, но и поединечни институционални слабости. Сведоци сме дека пазарот на трудот во Македонија и надвор од нашите граници бара кадри со интердисциплинарни, напредни знаења и вештини, кои не се секогаш продукт на постојните студиски програми. Важен фактор во контекст на успешна трансформација на високото образование во Македонија е подобрување на неговата контрибуција во развој на вештини потребни за пазарите на труд. Тековните состојби покажуваат дека постојните високообразовни институции не држат чекор со изменетите потреби од вештини и знаења а покрај тоа некои од нив, немаат ниту доволен капацитет да преземаат напредни истражувања и да продуцираат високо квалификувани дипломци кои ќе бидат активни носители на националната агенда за иновации и развој. Подобрувањето на квалитетот на високото образование и науката во Македонија, создавањето на центри на извонредност и зајакнувањето на истражувачките и иновативните капацитети се клучни фактори на успех за долгорочниот економски развој на земјата.

Дали постојниот систем на финансирање на универзитетите сметате дека е одржлив и соодветен на финансиската автономија?

Проф. Д-р Билјана Ангелова: Меѓународните искуства покажуваат дека универзитетите кои се целосно автономни се во подобра позиција да станат иновативни и респонзивни на брзите промени во екстерното опкружување и да развиваат програми компатибилни со потребите на пазарот на труд. Во исто време сите јавни високообразовни институции треба да бидат целосно отчетни за соодветното користење на јавните средства преку механизми на независна ревизија и јасно воспоставени мерила за перформансите, што дефинитивно треба да доведе до дистинкција во квлитетот на јавните универзитети во земјава. Финансиската, кадровската, функционалната автономија се со Закон и Устав гарантирани права на универзитетите во Македонија. За жал морам да констатирам дека и финансиската и кадровската автономија се нарушени. Финансиската автономија се однесува на способноста на универзитетите слободно да управуваат со своите финансиски средства и независно да го алоцираат својот буџет, да ја одредуват и наплатуваат школарината, да го менаџираат долгорочното финансиско планирање и конечно, на универзитетите да им обезбеди флексибилност што им е потребна за да ги исполнат своите различни мисии на најсоодветен начин.

За жал високообразованите институции кај нас сеуште се борат за својата финансиска и кадровска автономија која е длабоко нарушена. Не постојат критериуми и правила на финансирање кои би ги диференцирале достигнувањата на универзитетите. Финансирањето во тековните години е сведено на буџетски проекции на првично одобрените буџети од претходните години и согласно Законот за извршување на Буџетот во последниве години тоа не е повеќе од 5% до 10%. Тоа придонесува за сериозни кратења на финансиските планови на универзитетите, така што многу енергија и напори се вложуваат во текот на работењето за да се обезбедат дополнителни средства или да се менаџираат одобрените планови. Ваквата состојба се должи на скромниот буџет за високо образование кој за 2023 година изнесува нешто помалку од 60 милиони Евра (од основниот буџет на МОН) или околу 98 милиони Евра консолидиран буџет од буџетските сметки и приходите на универзитетите од самофинансирачки активности и донации, односно меѓународни проекти. Со вакви минимални проекции на буџетот за високо образование кои се движат од 2% за УКИМ па се до 7% за останатите јавни универзитети, јасна е дека отсуствува стратегија и визија за развој на високото образование.

Како ја гледате перспективата на високото образование и науката кај нас?

Проф. Д-р Билјана Ангелова: Перспективите на високото образование не може да се согледуваат одвоено од науката. Ова се два дела на еден систем. Државата треба да донесе нова стратегија за развој на високото образование и науката во која ќе се вградат стратешките приоритети на Владата за технолошки развој и паметна специјализација со кои се веќе таргетирани идните правци во развојот на науката и технолошкиот развој. Универзитетеската автономија која е гарантирана со Уставот и со Законот за високо образование треба доследно да се почитува и со тоа да се отвори можност за поголема иновативност во сите домени. Да се обезбеди континуитет во врботувањето и обновувањето на научно-истражувачки кадри, бидејќи процесот на нивно создавање е долг и комплексен.

Конечно да се воспостават и механизми на финансирање базирани на мерила со ќе се направи дистинкција во квалитетот на јавните универзитети и ќе се обезбеди целосна финансиската автономија. Поаѓајќи од искуството на ОЕЦД земјите во изминатата декада, како и од други странски искуства, потребно е да се воспостави адекватен модел на финансирање на високото образование кој треба да обезбеди неколку принципи:  финансирање усогласено со националните приоритети за високо образование и наука; да е базиран на перформанси;  да обезбедува објективност и транспарентност во процесот на алокација на средствата и критериумите за распределба на средствата; да обезбедува конзистентност и компатибилност меѓу различни финансиски инструменти и мерки за поддршка; да е стабилен; да обезбедува институционална автономија и да е отчетен;  да обезбедува финансирање базирано на блок трансфери од Централно ниво до јавните универзитети, наместо сегашниот систем на детализирано, линиско трезорско работење.

Како би го коментирале рангирањето на универзитетите на Шангајската листа и последниот извештај на AD Scientific Index систем за рангирање на универзитетите и рангот на УКИМ?

Проф. Д-р Билјана Ангелова: Државата треба да обезбеди средства за развојот на науката и високото образование со што нашите универзитети би станале препознатливи и афирмирани во светските кругови на науката и високото образование! Тоа не е ништо ново. Искуствата ги имаме од најблиското соседство па се до најразвиените држави во Европа и во светот. Доколку нашите професори имаат компетитивни можности да користат алоцирани буџетски фондови за научни истражувањa, тогаш ќе се зголемат можностите за постигнување врвни резултати, нивно објавување во референтни публикации индексирани во светски реномирани бази, цитираноста како и застапеностa во еминентни европски и светски кругови од соодветните научни области, што несомнено ќе влијае на подобрување на научно-истражувачките перформанси, чија мерливост се следи преку бројни индикатори дефинирани од страна на системите за рангирање на универзитетите во светот, а со тоа и подобрување на позициите на светските универзитетски ранг листи.

Искуствата во нашето соседство, јасно покажуваат дека кога високото образование и науката се висок приоритет на владите, и издвојувањата за истражување и развој и за високо образование растат, расте и рангот на универзитетите. Затоа спрегата на Државата и високообразовните институции е клучната карика за успех на системот.  Што се однесува до рангирањето, факт е дека секоја од светските универзитетски ранг листи, има своја специфично дефинирана методологија за рангирање, која базира на метрика и следење на различни индикатори. Во однос на Шангајската листа, за жал не сме рангирани бидејќи истата објавува податоци кои се однесуваат на рангирање на само 1000 универзитети. Шангајската ранг листа на универзитети во светот е една од најпрестижните, посебно поради фактот што критериумите според кои истата се составува се прилично високи, на пример - критериумот Универзитетот да има алумни носители на Нобелова награда. Некои од универзитетите во соседството, успеваат да бидат рангирани на Шангајската ранг листа, но таму издвојувањата за научно-истражувачка работа и високо образование се многу повисоки отколку кај нас. Досега, ниту еден универзитет од нашата држава никогаш не бил рангиран на оваа листа.

Во однос на рангирањето според AD Scientific Index, без резерва можам да констатирам дека станува збор за нерелевантен сервис за рангирање во светската академска заедница. Според објавените податоци на AD Scientific Index, како релативно нов сервис, кој сеуште е во фаза на обработка на научните перформанси на научно-истражувачките кадри, во моментот обработени се само 16,5% од кадрите на УКИМ, што е многу помалку од обработените 26,7% за УГД и 34,6% за УЈИЕ, кои што во моментот се рангирани на повисоки позиции од нашиот Универзитет. Или, во моментот на најдобра позиција од земјата е МАНУ, со презентирани научни кадри кои се професори на УКИМ, а AD сервисот не ги поврзува со УКИМ. Дополнително, се уште не се опфатени научните работници од академската заедница на УКИМ, кои се истакнуваат по својата извонредност, како дел од најдобрите научно-истражувачки работници на Универзитетот и во државата како и надвор од границите на нашата земја.. Со завршувањето на активностите на AD Scientific Index, очекуваме дека УКИМ сигурно ќе се најде онаму каде што му е местото, а тоа е на чело на оваа листа во нашата земја и на многу повисока позиција во светски рамки, од сега најдобро пласираниот од државата.

Анита Буховски

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“