27 Април, 2024
0.0362

Убиството на демократијата во Русија

Објавено во: Колумни 09 Октомври, 2023

Добивај вести на Viber

Минатата недела, на 4 октомври, се наполнија 30 години од убиството на демократијата во Русија. Можеби, поточно, зародишот на демократијата. Тој ден со тенковски истрели врз домот на народот, парламентот, или тогашниот Врховен совет, беше ставен темелот на денешна Русија.

Бранителите на Врховниот совет на Русија и приврзаниците на претседателот Борис Елцин претходниот ден преминаа кон вооружена преметка. Бранителите го зазедоа зданието на градската управа и се обидоа да го нападнат „Останкино“, каде што се наоѓа државната телевизија. Десетици загинати во тие два обида. После 4 октомври бројот порасна на близу двесте, иако некои тврдат дека има и многу повеќе. „Малата војна“ заврши со апсење на лидерите од Врховниот совет и нивните поддржувачи. Војна во која беа вклучени илјадници луѓе од двете спротивставени страни.

Тие денови бев сведок на настаните, како дописник на весникот „Нова Македонија“. Двете страни беа спротивставен врз основа на политичките и економските погледи на иднината на Русија. Голем број депутати беа против економските реформи што ги започна руското раководство. Претседателот Борис Јелцин, сакаше да има вонредни избори за новиот парламент, бидејќи Врховниот совет беше составен од депутати избрани во  време на СССР.  Депутатите сакаа паралелно со избори за новиот парламент да има избори и за претседател. Но, Борис Јелцин се спротивстави на тоа велејќи дека тој е избран во 1991 година има мандат до 1996 година. Депутатите беа и против „Шок терапијата“ во економијата, која како што се покажа, беше повеќе шок отколку терапија. Народот осиромашуваше, државата се задолжуваше. Депутатите бараа оставка од Јегор Гајдар, прв потпретседател на владата задолжен за реформите во економијата. Реформите беа причина за кавги меѓу законодавната и извршната власт речиси цела 1992 година. Имаше обид за импичмент на Јелцин, но не помина. Па референдум во април 1993 година, на кој Русите го поддржаа Јелцин, но беа против предвремени избори кои ги сакаше претседателот.  

ДВОВЛАСТИЕ ВО РУСИЈА

Во август истата година Борис Јелцин најави „артилериска стрелба“. Но никој не знаеше дали тоа е фигуративно или вистинска намера. И за кога е планирана. На 21 септември Јелцин со декрет го распушти Парламентот, најави основање на Федерално собрание, предвремени избори во декември, а изборите за претседател би се одржале по конституирање на новото Федерално собрание. Тоа значеше и менување на Уставот. Сето ова го најави лично претседателот обраќајќи се преку државната телевизија. Истовремено напаѓајќи ги депутатите. Инаку во тоа време имаше спорови за содржините на новиот Устав, а исто така и за формата на републиката која треба да биде утврдена во него – претседателска или парламентарна. Според она што сум го соопштил во далечната 1993 година:„ Обраќањето на Јелцин беше насочено и кон светската јавност. Тој побара од сите држави во светот да имаат разбирање за неговиот потези, бидејќи се работи за единствениот пат за заштита на демократијата и слободата во Русија. Со овие мерки, забележа Јелцин се заштитува и целиот свет во опасноста од распаѓањето на Русија и анархијата во неа“. Доцна вечерта член на Уставниот суд на Русија изјави дека декретот на Јелцин е противуставен и го нарече претседателот „криминалец“. Следниот ден и официјално претседателот на Уставниот суд, Валериј Зоркин, „потврди потврди дека за мнозинството судии одлуката на Јелцин е противуставна што дава основа за негово отшовикување од функцијата . Други правници, пак, сметаа дека формално уставот е прекршен, ама немало друг начин за излез од сегашната ситуација во Русија“. Патем Зоркин по „паѓањето“ на парламентот се повлече од претседателската функција, но остана член на Уставниот суд. Од 2003 година до денес тој одново е претседател на Уставниот суд. Неодамна му беше продолжен мандатот одново.

Од друга страна парламентот, наредниот ден, го прогласи Александар Руцкој за претседател на државата, па назначи министер за одбрана, за внатрешни работи за државна безбедност.  И Русија доби два претседатела и по двајца министри за неколку министерства. Патем, многу светски држави ја поддржаа одлуката на Јелцин. Во САД изјавија дека американскиот амбасадор во Москва, Томас Пикеринг имал информација за одлуката на рускиот претседател неполн час пред обнародувањето. На страната на Јелцин застанаа и медиумите во Русија. Во нив главно се емитуваа вести за поддршка на Јелцин од Клинтон и други западни политичари, а сосема малку простор беше даден за неготивни реакции. Раководствата на државните телевиззи изјавија дка се на страната на Јелцин. За ова придонесоа и Руцкој и Руслан Хасбулатов, кој беше претседател на Врховниот совет, а кои го обвинуваа јелцин за самовластие, за авторитарни амбиции  и за намера да изврши државен удар.Од страната на Јелцин овие изјави беа карактеризирани како навреда за него.

Патем, околу поддршката од странство. Македонскиот дипломатски претставник во тие денови во Москва бил повикан во руското Министерство за надворешни работи и му било сугерирано и Република Македонија да даде поддршка на потезите на Јелцин.  Ама нашиве се „влечкале“, па поддршката стигнала дури после тенковските истрели на 4 октомври.

БЕЗ КОМПРОМИС

До истрелите останаа речиси две недели. Во меѓувреме имаше обиди за посредување и постигнување консензус. Депутатите во Белиот дом беа оставени без струја, без вода, без комуникации со надворешниот свет. Околу Белиот дом се формираше блокада. Внатре раководството заседаваше, заседаваа депутатите, но се без резултати. Пред крајот на септември со колегите бевме во Белиот дом. Бевме и на 1 октомври, два дена пред немирите и три пред пукањето од тенкови. Патријархот Алексиј Втори во обидот за компромис договори и директни преговори меѓу Кремљ и парламентот. Но на 1 октомври депутатите го отфрлија договорот. Според договорот разврската на кризата требаше да биде етапна. Прво приклучување на струја и вода во парламентот, па воспоставување телефонски врски. Во втора етапа заедничка контрола  и чување на вооружувањето во Белиот дом. А по ова требаше да се водат политички преговори за надминување на кризата. Дента бевме на прес конференција кај Руслан Хасбулатов и Александар Руцкој во опколениот парламент. Еве што сум напишал за посета на парламентот: „Зградата на парламентот беше однадвор опколена, а за влез во неа требаше да се минат четири контроли на полицијата и две на бранителите. Прво што можеше да се види беа зајакнатите барикади на бранителите. Милицијата е побројна. Соперниците се на метар два блиску едни до други, така што можат да комуницираат, ако сакаат. Контрола на влезот во зградата со задолжително впишувње на името во нотесот. Струјата очигледно е вклучена. Но лифтовите не работат. Можност да се „прошушка“ низ лавиринтот од ходници и катови. На пошироките одмаралишта на скалилата можат да се забележат луѓе што спијат или се одмараат во тивок разговор. Бифеата и ресторанот не нудат ништо. Се забележува дека секоја партија има свој штаб. Поминуваме покрај штабот нна „Фронтот за национален спас“. Скришниот поглед открива внатре дваесетина луѓе, меѓу кои жени.

Точно во 15 часот започнува конференцијата за печатот на Хасбулатов и Руцкој. Во салата осумдесетина пратеници и триесетина новинари и сниматели. На почетокот се објаснуваат мотивите за отфрлање на утринскиот договор за преговори. Се повикува народот и војската за заштита на Уставот. „Вака прв пат молчеше војската, па се распадна СССР, а сега, кога таа пак молчи, тоа може да и се случи и на Русија, одговара Хасбулатов на едно поставено прашање. Руцкој, пак, вели дека тие не се штитат себе си, туку уставопт и законите, кои пак го штитат народот. Со нивното кршење се создаваат услови за нова диктатура во Русија, додава тој. Хасбулатов, кога треба да го спомене Јелцин, постојано вели „бившиот претседател“. Според него Јелцин сега воопшто не треба да се занимава со државнички работи, зашто за сето тоа нема никаква правна основаност. Тој им забележува на некои државници што го поддржуваат Јелцин, при што додава дека Борис Николаевич е минато и нема да се одржи на власт. Оваа власт, вели Хасбулатов ја отстранивме правно, а ќе ја отстраниме и формално. На прашањето за одбрана на парламентот следи против прашање, за одбраната и безбедноста на Јелцин. За негова безбедност, според Руцкој, се задолжени 18.000 војници, плус Кремљовскиот полк. На крај забележува дека тие не се откажуваат од компромис, но само  врз основа на одлуките на парламентот, на Конгресот на депутатите, на Уставниот суд и на Советот на Федерацуијата. Подготвеност за такво нешто, компромис, според нив, не се гледа и од другата страна, која има садистички стремежи, забележува Руцкој. По ова следат пример за малтретирање и понижување на пратениците од страна на милицијата и на специјалните сили кои го имаат опколено Белиот дом. Хасбулатов, пред станување, порачува – „не сме победени, а гаранитирам дека екс претседателот  ќе биде отстранет од власта“.

Белиот дом го напуштаме од друга страна. Таму ходниците се празни. Одвреме-навреме од некоја канцеларија ќе се појави човек. На приземје еден пратеник со неколку млади момчиња со метални шипки вежбаат „јапоннски“ вештини за одбрана и напад. На контролниот пункт на излезот ни бараат кибрит. Даваме поклон запалка со натпис „Македонија“. Подарокот се зема со одолжување и забелешка „најјужниот дел од некогашна Југославија, да ви даде Господ и натаму мир“, Кон ова, извинување и објаснување дека изминатите денови останале без без кибрити и без цигари. Добиваат една кутија „капиталистички винстон“.

Од платото пред парламентот патот води кон местото каде што е влезот. Полицијата по втор пат го забележува истото име во нотесот. По патот кон дома тишината ја разбива монологот на таксистот, кој го напаѓа “чеченецот Хасбулатов“ кој не може да го води  рускиот народ и „воената проститутка Руцкој“. Прашањето се наметнува само по себе. Дали овој човек знае што воопшто се случува во Белот дом и околу него? Или подлегнува на информациите од „јелциновата“ телевизија“. На крај, според истата телевизија во Белиот дом има умоболни луѓе, опасни по околината. Колку што можеше да се види, во Домот таков човек немаше. Се беше некако мирно, тивко и забавно. Дури и вежбата на јапонските вештини се одвиваше во апсолуитен мир и спокој.

КРВАВ РАСПЛЕТ ВО МОСКВА

 Помина само еден ден и на улиците на Москва се пролеа крв. Беше прогласена вонредна состојба во градот. Војската излезе на улиците. Исто и полицијата. Белиот дом беше опколен од воен и полициски возила и специјални единици. Борби за телевизијата, борби околу Белиот дом. Дали Русија е на прагот на граѓанска војна? Од САД порака од Бил Клинтон. Поддршка за Јелцин. Обвинување на Руцкој и Хасбулатов за протестите со кои се сака, според него, да се предизвика пропаст на изборите свикани од Јелцин. „Се уште сум убеден дека САД мораат да го поддржат претседателот Јелцин и процесот за спроведување на слободни и праведни избори“, додаде Клинтон.

Наредниот ден во директен пренос на CNN и незаборавната Кристијан Аманпур, тенкови пукаа врз Белиот дом. Камерите беа наместени точно на местото од каде што најдобро се следеа истрелите. Во тие времиња Јелцин прво ги информираше Американците за своите намери, па потоа ги остваруваше. Не е исклучено и овој пат, поради таквите односи, CNN да знаел повеќе од домашните телевизии, што ќе се случува. На руските ТВ-канали се прикажуваат танци и игри, а во администрацијата на претседтелот и оние кои имаа достап до CNN, во живо го  следеа убиството на демократијата во Русија. Дента и Руцкој и Хасбулатов и други беа уапсени. Ги ставија во затвор и ги ослободија со амнестија по некој месец, во февруари наредната година. Некои руски автори прашуваат дали е демократија кога не одиш кон дијалог и почнуваш да ги уништуваш своите противници? Тие додаваат дека Јелцин кон крајот на својот живот дури и му пишал писмо на Руцкој во кое како делумно да ја признал својата вина. А Руцкој дошол на збогувањето со Јелцин во храмот на Христос Спасителот во Москва. Инаку Руцкој по неколу месечниот затвор беше и губернатор на Курската област, од 2006 до 2010 година, по изборот на Јелцин за претседател. 

Нормално,  поддршката на Јелцин беше манифестирана и по стрелањето врз домот на народите. Прашање е колку некој од светските лидери би се обидел да го направи она што го направи Јелцин. Да стрела врз парламентот? Сите државници едногласно ги осудуваа конзервативните сили. А за убиството на стотици луѓе се обвинуваат силите кои му се спротивставиле на претседателот. Се верува дека сега се отвора патот кон реализација на реформите кои биле сопирани од неговите противници. И политички и економскин рефпрми. Бил Клинтон по трет пат за две недели го поддржа Јелцин. Овој пат тој рече дека антирефромските сили се виновни за жртвите во Москва. „Ние не можеме да бидеме неодлучни во овој момент или пак да се повлекуваме или да ги охрабруваме луѓето кои единствено сакаат да ги бојкотираат изборите и не се обврзани да променат нешто во Русија“, рече Клинтон и додаде дека:„ Ја сум сепак убеден дека САД мора да го подддржат претседателот Јелцин, како и процесот за спроведување на слободни и фер избори“.  Браво, ако треба нека загинат стотици луѓе. Ама нема бојкот на избори и мора реформи. Во САД сега имаат проблем со избори, а допрва ќе имаат. Но дали ќе има пукање? А за фер избори доволно беше да се биде сведок на изборите во 1996 година во кои беа вклучени американски политтехнолози.

ВИНАТА НА „ФАМИЛИЈАТА“

Алексеј Наваљни, неодамна по изрекувањето на новата казна од 19 години затвор, првиот текст што го објави е „Мојот страв и омраза“. Текстот предизвика многу врева во Русија. Од тоа дали е пишуван од Наваљни, па се до содржините во кои тој е немилосрден кон властите од деведестите години на минатиот век. Поточно кон Јелцин, неговата фамилија, прилепените олигарси, новинари...Тој смета дека тие се виновни што Русија не станала нормална држава со сите демократски атрибути. Неговите претензии се кон не создавањето на независна судска вертикала, судска власт, иако во 1991 година имало добра концепција и консензус во општеството, но во 1993 година  се’ пропаѓа. Според него во деведесеттите во Кремљ никој не сакал независен суд. „Затоа што таквиот суд би бил пречка на патот на корупцијата, фалсификувањето на избори, преобразување на губернаторите и градоначалниците  во несменливи кнежиња“, пишува Наваљни.

Тој има претензии кон „независните медиуми“ и „демократската јавност“, кои обезбедија поддршка на фалсификатот на претседателските избори во 1996 година. Кога Јелцин беше избран за претседател „на сила“. Наваљни вели дека тогаш и тој дал поддршка на таквото однесување. Но сега пишува дека:„Плаќаме за тоа што во 96-тата сметавме дека фалсификувањето на изборите не е секогаш лошо. Целта ги оправдуваше средствата“. Според Наваљни често се слуша дека јелцинската влада не можела ништо да направи, бидејќи им се спротивставувале комунистите. Но, кога станува збор за аукциите на кои се даде државно благо и се родија првите олигарси, а за возврат да му помогнат на Јелцин на изборите, ништо не пречело. А имало пречки за судска реформа и за реформи на специјалните служби.

Наваљни прашува: „ Во која држава толку министри од „реформски влади“ станале милионери и милјардери?“ Тој не сака да ги види авторите на  „најглупавиот Устав, кој го протуркувале како демократски, уште тогаш давајќи му на претседателот овластувања исти како на монарх“.  „Не со Путин во 2011 година, туку со Јелцин, Чубаис, олигарсите и целата комсомолско-партиска банда  во 1994 година тргнавме, не кон Европа,туку во Средна Азија. Менувајќи  ја нашата европска иднина со вилите  на ќерката и зетот на Јелцин на „островот на милионерите“ Сен Барт. И кога озогласените путински КГБешники/ФСбешники добија слободен достап до политичките функции, тие не требаше ништо да работат. Само да гледаат и со зачудување да викаат, а што и така можело? И ако се такви правилата на играта, да може да се краде, лаже, фалсификува, цензурира, а сите судии под наша контрола, тогаш нема да ни биде лошо тука“, пишува Наваљни.

Осврнувајќи се на текстот на Наваљни, Михаил Зигар пишува дека во својата книга „Сите се слободни“ го раскажал она што Наваљни сега го зборува за раѓањето на олигарсите и изборот на Борис Јелцин во 1996 година. Според него властите тогаш под слоганот за борба за демократија успеале да ги разурнат речиси сите демократски институти кои биле во зародиш. За скандалната приватизација,наречена аукција со залог, тој вели дека најголемите индустриски претпријатија биле продадени на банкари блиски до власта со услов тие да го поддржат Јелцин на изборите. Така во Русија се појавиле олигарсите. Потоа се спроведе бессрамна предизборна кампања без преседан. Државата тајно на олигарсите им дала пари од државниот буџет а тие потрошиле дел од нив за предизборната кампања на Јелцин. На прв поглед се изгледало, како да крупниот бизнис го поддржува „демократот“ Јелцин, за да не дојде до комунистички реванш. А всушност бизнисот заработил, зел буџетски средства ,а само дел од нив ги дал за кампањата.

ЛОШ ТЕМЕЛ НЕ ДРЖИ КУЌА

Незаконската шема за финансирање на изборите не била тајна за Западот. Канцеларот Хелмут Кол, претседателот на Франција Жак Ширак и претседателот на САД, Бил Клинтон исто така помагале во фиансирањето на кампањата на Јелцин, работејќи според принципот „тој е кучкин син, но наш кучкин син“. Конечно, вели Зигар, уште едно страшно откритие, кое го направив, кога ја пишував книгата. Во јули 1996 година Јелцин имаше тежок инфаркт, меѓу првиот и вториот круг од гласањето, одвај остана жив. Повеќе од тоа, тој веќе никогаш фактички не се вратил во дотогашната форма. Почнувајќи од 1996 година тој веќе не можеше да ја води државата. А кој ја водел тоа е загатка. Има разни верзии, ќерката и зетот на Јелцин, за кои се тврди дека го избрале и Путин за наследник на Јелцин. Зигар смета дека „системските либерали“ од деведесеттите години, кои се’ до војната во Украина го поддржувале Владимир Путин се виновни за неуспесите во реформите. Затоа што се воделе од принципите „целта ги оправдува средствата“.

Најверојатно и Наваљни и Зигар се во право. Но, што од тоа? Лошо поставениот темел врз кој се гради државата и се раководи со неа власта максимално го користи. И не се само „системските либерали“ виновни за целата ситуација. Мора да се споменат суетите на поединци политичари. Во почетокот на деведесеттите години либералите беа малку настрана. Но затоа Борис Јелцин сакаше да биде „цар“ на Русија. Така се однесуваше и при распадот на СССР и при отстранувањето на Михаил Горбачов од власта. Хасбулатов и Руцкој не се за оправдување, но тие сепак имаа „подемокртаски“ чувства од Јелцин. Тие мислеа дека, готово, со раѓањето на нова Русија, таму пристигнала и демократија. Дека има устав, кој треба да се почитува. Дека има закони кои исто треба да се почитуваат Ама не знаеја дека демократија од учебници нема никаде.

Многумина си го поставуваат прашањето каков режим би бил воспоставен во Русија доколку победеше парламентот. Некои сметаат дека би бил повеќе лево настроен. Би спроведувал поинаква економска политика, но тешко би можело да се претскаже каков би бил резултатот од неа. Хасбулатов, кој по амнестијата се врати во образовно-научни води, пишува дека во случај на победа на парламентот би бил направен двоец со него и судијата Зоркин. Хасбулатов би го водел парламентот, а Зоркин би бил кандидат за претседател, но со намалени овластувања. Убаво, ама Јелцин не сака намалени овластувања. Па си скрои устав по своја желба. Затоа не е прашањето што ќе беше, ако беше. Прашањето е каква Русија остави Јелцин, каков темел постави? Да не ја убиеше демократијата во 1993 година сигурно немаше да биде реизбран за претседател. И можеби тогаш ќе зборувавме за друг темел. Сето горе е минато, но дава простор за извлекување поуки. И не само за Русија.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД