ТРОШОЦИТЕ ЗА ЛЕКОВИ БЕЗ РЕЦЕПТ СЕ ОГРОМНИ: Како сезонските болести го оптоваруваат семејниот буџет?
Објавено во: Македонија 01 Октомври, 2024
Здравјето, особено во студените месеци,
може да биде скапа инвестиција. Секојдневно сè повеќе луѓе се соочуваат со
дополнителни трошоци за лекови кои не се на рецепт, но без кои тешко се
справуваат со симптомите на настинки, вирусни инфекции и сезонски грип. Покрај
антибиотиците кои се препишуваат од лекар, пациентите трошат големи суми за
лекови како антипиретици, спрејови за грло, назални спрејови, сирупи против
кашлица, витамин Ц и Д, магнезиум и различни имуностимулатори. Честопати,
купувањето на овие лекови претставува голем финансиски товар, особено кога се
разболуваат повеќе членови на семејството истовремено.
Според информациите од неколку скопски аптеки, луѓето најчесто купуваат назални спрејови и спрејови за грло, заедно со разни имуностимулатори.
„Во нашата аптека, многу луѓе купуваат препарати со екстракт од ехинацеа, прополис, или комбинации на витамин Ц со цинк и магнезиум, со цел да го зајакнат имунитетот. Но, кога настинката веќе ќе се појави, тие дополнително купуваат сирупи за кашлица, пастели за грло, како и разни инхалаторни капки за олеснување на респираторните симптоми. Трошоците брзо се акумулираат, особено ако болеста продолжи неколку недели, но и доколку од вирусната инфекција се зарази целото семејство истовремено. Честопати, кога еден член на семејството ќе се зарази со вирус, останатите брзо се разболуваат. Во такви случаи, родителите купуваат антипиретици, капки за нос и сирупи за кашлица во големи количини за да бидат подготвени. И покрај тоа што некои лекови имаат достапни генерички верзии, сепак цените остануваат значителни за просечното семејство. Луѓето многу често купуваат и лекови за зајакнување на имунитетот, што дополнително ги зголемува трошоците
Пациентите, пак, честопати се наоѓаат во ситуација каде што мораат да го планираат својот буџет за лекови.
Гордана Спасова од Скопје вели дека само во последниот месец потрошила околу 3.000 денари на лекови за децата и сопругот.
„Купивме назални спрејови, таблети за намалување на болки во грлото, сируп за кашлица и витамински додатоци. Само еден од тие лекови чини околу 400 денари, а кога сите се болни, тоа значи големи трошоци, вели таа.
Марко Петковски, исто така од Скопје, кој неодамна се разболел заедно со сопругата и детето, истакнува дека трошоците за лекови растат неконтролирано.
„Кога се разболе синот, прво купивме лекови за него – сируп за кашлица и мултивитамини. Но, кога се разболевме и ние, на крајот потрошивме уште повеќе, бидејќи моравме да купиме и спрејови за грло, капки за затнати синуси, како и таблети за намалување на температурата. На крајот, за само неколку дена потрошивме над 4.000 денари.“
Овие искуства на граѓаните ја потврдуваат потребата за ревизија на цените на лековите кои не се на рецепт. Секојдневните трошоци за лекови можат значително да го оптоварат семејниот буџет, особено во време кога болестите се почести, па лековите стануваат неопходност.
Анита Буховски