28 Април, 2024
0.0259

Треба ли бизнисот да стравува од поскапување на струјата и како да се заштити од идни ценовни шокови?

Објавено во: Колумни 28 Септември, 2023

Добивај вести на Viber

Мерките кои ЕУ ги усвои само неколку седмици по почетокот на Руската инвазија во Украина, како што беше одредувањето на минимум 90 отсто полн капацитет на залихите на природен гас секоја година пред 1 ноември (мерка донесена во јуни 2022) како и мерките за намалена потрошувачка на гас за 15 отсто во ЕУ донесени во август 2022 година, обезбедија историски највисоки залихи на природен гас во земјите на ЕУ по завршување на грејната сезона 22/23.

На крајот од април 2023 резервите со гас беа на ниво 38 отсто повисоко од историските резерви на истиот датум. Во текот на септември 2023, извештајот на ThomsonReuters за Европските залихи на природен гас покажува ниво на наполнетост од 90,12 отсто, односно околу 93 милијарди кубни метри гас (цца 1211 TWh енергија содржана во гасните залихи). Оваа количина претставува околу една третина од потребите на Европа во текот на зимскиот период, а би се користелa доколку во одредени периоди во текот на зимата потрошувачката на гас ги надмине капацитетите на тековното снабдување преку постојните гасоводи заедно со капацитетот на сите постоечки ЛНГ терминали. Со оглед на фактот дека Русија еднострано ги ограничи т.н. Руските гасоводи кон Европа на ниво под 10 отсто од потребите на Европа, тоа значи дека Европа сепак успешно обезбедила алтернативни извори за снабдување со гасот.

Сепак, алтернативните извори (Средниот Исток, Северна Африка, Северно море, Холандија и ЛНГ од САД) значат и цени кои пазарно се одредуваат и не се на нивото на цените на Рускиот гас од пред пандемијата. Покрај тоа, од причини што втечнетиот гас (ЛНГ) се тргува и транспортира глобално, Европа сега се натпреварува за ЛНГ количини со сите брзорастечки или високо развиени економии од светот, пред сѐ Кина, Индија, Јапонија и Јужна Кореја. Ова значи дека без разлика дали цените на гасот, а со тоа и на електричната енергија, ќе останат стабилни во текот на зимата 2023/2024, во Европа цените сепак ќе бидат повисоки од оние на кои бевме навикнати во периодот пред пандемијата.

Просечната цена на електричната енергија на Унгарската берза во текот на 2023 година се спушти од 150 EUR/MWh во јануари на ниво под 110 EUR/MWh во септември. Слично, цената на гасот во средна и источна Европа се спушти од 65 EUR/MWh на ниво од 35 EUR/MWh во текот на деветте месеци од 2023 година. Може да се забележи дека движењето на електричниот мегаватчас е во строга корелација со гасниот мегаватчас поради фактот што гасните електроцентрали кои се користат во часовите на вршна потрошувачка за регулирање на електроенергетскиот систем се фактор за определување на пазарната цена на електричната енергија. Единствено, извесно отстапување од овој принцип се забележува во летниот период кога климатизацијата во текот на туристичката сезона се покрива единствено со електрична енергија.

Во однос на очекувањата, фундаменталната техничка анализа покажува оптимизам во однос на цените на гасот и електричната енергија во текот на зимата 2023/2024 година. Се очекува умерен пораст на цените во однос на сегашните во текот на грејната сезона и поради зголемената потрошувачка на гас и струја, но и поради намалениот број сончеви часови за производството на фотоволтаичните централи. Високите резерви на гас во Европа при просечно ладна зима гарантираат доволни количини за снабдување, а со тоа не би се очекувале непредвидливи скокови на цените. Како и секогаш, мора да напоменам дека покрај физичките количини гас кои вообичаено Европа ги троши, а се веќе обезбедени или ќе се обезбедат тековно во текот на зимата, постои плејада на други фактори и причини кои можат неочекувано да гонарушат пазарот на енергенси и цените неочекувано да пораснат или пак да се намалат. Такви фактори можат да бидат: нагли промени на воените дејствија во Украина, нагли промени на пазарот на сирова нафта поради наметнување или кревање санкции на накои поголеми извозници на нафта, изразени политички несогласувања помеѓу големите светски сили кои би го зголемиле ризикот од нови конфликти или несигурност, забавување на големите економии поради евентуални повторувања на пандемијата и други. Во принцип секој глобален инцидент кој влева несигурност кај инвеститорската јавност, влијае врз берзанските цени.

Конкретно во Македонија, големите компании од приватниот сектор ќе ја имаат истата судбина со сите останати потрошувачи во регионот на средна и југо-источна Европа бидејќи пазарот е интегриран и цените се прелеваат на исто ниво во сите држави. Најдобар совет за бизнисите кои интензивно користат струја и гас во своите производни процеси е да инвестираат во  енергетска ефикасност, во модерна производна технологија како и умерено да инвестираат во обновливи извори на енергија во комбинација со батериски системи. На тој начин компаниите ќе го намалат учеството на потрошена енергија во финалната цена на својот производ од една страна, а во услови на пораст на цените на енергијата ќе успеат дел од ризикот да претворат во можност за заработка. Изразот „умерено да инвестираат“ е совет до бизнисите да не претеруваат во максимизирање на инсталираниот капацитет на ФВ централите кои решиле да ги изградат. Умереноста значи дека финансирањето на тие централи треба да се димензионира да може да се покрива и со редовниот готовински тек од основниот бизнис бидејќи во отсуство на батериски системи за трансфер на продажбата во скапите часови, во текот на летните месеци цената на струјата во сончевите часови опасно се приближува до ниво на кое финансирањето на ФВ централите станува невозможно само од приходите од продажба на сопственото производство.

ЕДС АД во својот редовен седмичен извештај за движењето на цените за струја и гас, почна да презентира т.н. SolarPeak индекс, односно просечна цена на струјата во часовите во кои се произведува 90 отсто од сончевата енергија (тоа е од 9-тиот до 15-тиот час во текот на денот во целата година). Она што може да се заклучи од следењето на цените е дека освен во ноември, декември и јануари, во остатокот од годината цените во сончевите часови се пониски од останатите часови.

На линкот (ЕДС ИнфоПоинт – профилот на ЕДС на мрежата linkedin.com) може да се види дека во текот на месец август 2023 година, просечната цена на SolarPeak индексот била нецели 75 EUR/MWh на HUPX (а во јули 2023 цената била 71 EUR/MWh), или само 12 евра поскапа на МЕМО – не цели 87 EUR/MWh. Овие цени можеби сеуште дозволуваат позитивен готовински тек од самата централа во однос на финансиските обврски кон банките, но од следната година, дури и ако се оствари само една четвртина од планираните инвестиции во обновливи извори во југо-источна Европа, цените на SolarPeak индексот нема да им обезбедат доволни приходи на ФВ централите да ги сервисираат своите обврски кон банките и ќе бидат приморани да користат ликвидни средства од своите основни бизнис приходи. За ова второво да биде можно без притоа да создава поголеми проблеми, умереноста во проектирањето на големината на ФВ централата е многу важна.

Златко Черепналкоски,

Директор за деловен развој и стратегија во ЕДС АД 

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД