29 Март, 2024
0.1916

ИМА ЛЕК ПРОТИВ КОВИД, ЗОШТО ВАКЦИНА?: Интервју со Гордана Гоџо

Објавено во: Интервјуа 02 Септември, 2021

Добивај вести на Viber

Вакцината не го спасила светот е ставот на Гордана Гоџо од Здружение за заштита на човековите права „Од нас, за нас“. Во интервјуто за Фактор, вели дека во вакцините, вклучувајќи ја и оваа против ковид има штетни состојки од кои произлегуваат низа нус ефекти, заради што е клучно правото на избор, дали една индивидуа ќе избере да ја прими вакцината или не. Секакви условувања и наметнувања, како што потенцира се кршење на правата. Гоџо, повикувајќи се на низа истражувања, потенцира дека е и против носењето маска и против тестирањата, бидејќ според неа, маската не штити од ништо, а веројатноста на ПЦР тестовите за грешка е 98 проценти. Треба да заборавиме на ковид, нема да се вакцинирам, јас живеам нормален живот, досега не сум купила маска, ниту имам намера, ниту пак правам тестови, вели Гоџо во интервју за Фактор.

Во Македонија повеќе месеци, некаде од февруари, март, почна и масовната вакцинација против корона вирусот, но генерално во Македонија, претходно во рамки на Југославија, постои календар на имунизација, според кој од новороденчка возраст се вакцинира населението против разни болести. Тоа е така, бидејќи според епидемиолозите и голем број научни истражувања, и најтешките болести се искоренети благодарение на вакцините. Дали вие поинаку гледате во однос на ова?

Според тие „научни истражувања“, вакцинацијата се базира на три столба: вакцините се безбедни, вакцините се ефикасни, вакцините го спасиле светот. Сега говорам за третото тврдење, дека вакцините го спасиле светот. Ако ја погледнеме статистиката од 1900-та година, прикажана во Journal of American Academy of Pediatrics издание од декември 2000 година, не само за морбилите, туку и за големата кашлица и дифтеријата, на пример, се забележува драстичен пад на смртноста од овие заразни болести. Па така, на пример, во 1964 година кога е воведена вакцината против морбили од страна на Merck, смртноста од оваа „болест“ веќе била намалена за 98 проценти. Сосема исто е и со големата кашлица и дифтеријата, над 90% пад на смртноста. Интересно е што се прави споредба и со шарлахот,  болест за која воопшто не е произведена вакцина, а исто така е намалена смртноста од неа. За сето ова говореше и д-р Лидија Гајски, интернист од Хрватска, на научната конференција под мотото: „Вакцините во 21 век-предизвици со кои се соочуваме“, која се одржа во септември 2019 година во организација на Здруженијата Од Нас За Нас и Здравје со игла не влегува. Таа истакна дека санитаризацијата и канализацијата се тие кои го спасиле светот од овие болести, а не вакцините. Јас се држам до тој став, навистина не сметам дека вакцината е таа што го спасила светот. За тоа има и други аргументи, особено ако ги земеме нус појавите како последица од вакцина кои што се запишани во секое упатсво на вакцините, вклучувајќи ги овие против ковид кои сега немаат статус на вакцина, туку експериментална инјекција.

Споменавте нус појави кои се наведени во упатствата на вакцините, но во сите упатства на лековите се наведени разни можни нус-ефекти. Би го навела дури и далеронот-антипиретик, лек за симнување на температура, кој се дава и на бебињата, и за овој лек се наведени нус појави. Дали во тој случај луѓето не би требало да пијат разни лекарства?

Да, сите лекови имаат нус појави. На пример тамифлу кој се дава против свинскиот грип за кој излегоа студии дека е штетен, парацетамолот го уништува црниот дроб, итн. Затоа секој треба да одлучи сам, врз база на информирана согласност дали ќе прими одреден лек или не, вклучувајќи ја и вакцината. Ние го имаме тоа право според Законот за заштита на правата на пациентите каде што е објаснета оваа информирана согласност која вели дека треба да бидеме информирани за користите и негативните последици од некој лек, вклучувајќи ја вакцината и имаме право да одлучиме дали ќе се лекуваме со одредена терапија или не. Како на пример, за хемотерапија или дијализа, пациентите сами потпишуваат согласност. Секако треба да сме целосно информирани иако кога јас го носев детето на вакцинација, никој не ме информираше за можните нус појави, како последица од примена вакцина. Инаку, упатствата се достапни на страницата на МАЛМЕД под шифра Ј07, таму може да се прелистаат сите вакцини, секој може да ги прочита и нус појавите и составот на вакцините. Значи, ДА, од секој лек има последици, но никој не ме принудува да примам. Зошто сега ме принудуваат да примам вакцина? Се вели не е задолжителна, а ниту пак во член 33 од Законот за заштита на населението од заразни болести вакцината против ковид не е нотирана како задолжителна, но и покрај тоа, индиректно ме присилуваат да примам нешто за кое сум истражила дека не ги дава ефектите кои ги кажуваат. Ниту ќе ме заштити, ниту пак ќе постигнеме колективен имунитет. Тоа го кажуваат редица научници....Многу е важно да се евидентираат овие нус појави. Македонија има систем за пријавување на нус појави како последица од лекови и вакцини преку страницата на МАЛМЕД. Тоа може да го пријавуваат и здравствените работници, но и самите граѓани. Мое мислење е дека не се води релевантна статистика за овие нус појави, прво бидејќи самите оштетени страни не се свесни дека можат да пријават, и второ бидејќи здравствените работници одбиваат да пријават. А доколку немаме вистинска статистика, не можеме да направиме анализа на тие нус појави, а со тоа, не можеме да донесеме ниту адекватни одлуки.

Би ви поставила тука едно хипотетичко прашање. Сакате да патувате во Кенија, позната по сафари турите, дали би се согласиле да ги примите сите можни вакцини бидејќи таму постои ризик од инфекција со тропски и карантински болести (пример: маларија, жолта треска, колера и друго)? Затоа и сите кои патуваат се повикуваат во Центарот за јавно здравје Скопје, каде ги добиваат  потребните информации и здравствени совети за превентивни мерки пред патувањето во овие земји, соодветна профилактичка терапија или вакцинација.

Никогаш не би се согласила. Ако ме принудуваат да ги примам тие вакцини, односно со самото тоа што треба да добијам виза за влез во тие земји, условот е вакцинација против тие болести, во тој случај нема да одам. Како што сега не патувам надвор од Македонија. Тоа за мене не е слобода. Прими вакцина за да патуваш. Ако јас сум принудена да направам нешто што не го сакам тоа не е слобода. Така што не, во никој случај нема да примам вакцини, Вирусите се тука со нас, исто како и бактериите. Ние живееме со нив и доколку нив ги нема, ќе го немаме и имунитетот што го имаме. Нема потреба да се вакцинирам. Зошто во денешно време имунизацијата ја поистоветуваат со вакцинација? За мене тоа се два различни поими. Имунизацијата доаѓа и од природно стекнат имунитет. Зошто тоа денес веќе не важи, а до вчера беше факт?....Значи желбата да отпатувам во тропски предели, би останала само желба....Инаку, постои лек против маларијата, хидроксихлорокин, лек стар над 70 години кој лекарите го користат за успешно лекување на маларија и е еден од лековите со најмалку нус појави, што значи зошто вакцина за маларија? Додека вакцините пак содржат алуминиум, некои содржат жива, сега новите вакцини содржат MRC-5, а тоа се ќелии од белодробно ткиво на 14 неделни абортирани машки фетуси. Некои вакцини пак се прават во бубрези од мајмуни, други во пилешки ембриони. Зошто да примам вакви состојки и дали таа туѓа ДНК влијае на мојата? Не знам, се прашувам...? Верувам, се сеќавате пред да си ги вакцинираме децата нѐ прашуваа дали пробале белка, односно дали се алергични на белка, за да може да му се даде некоја вакцина, зошто алергијата на белка е контраиндикација да не се дава вакцина направена во пилешки ембрион. Но, во 2019 година, кога беше епидемијата на морбили во Македонија, воопшто не ги ни прашуваа децата , едноставно вакцината мораше да се прими. Зошто?

Значи вие практично од 2019 наваму барате остварување на правото на избор во однос на примањето вакцини, може ли конкретно да појасните зошто токму од тогаш?

На 2.јануари 2019 година добивме порака на Вибер од наставничките од градинка дека оние деца кои немаат примено МРП вакцина против морбили, рубеола и заушки, не смеат повеќе да одат во градинка. Тоа беше навистина шок. Станува збор за моето второ дете кое е родено пред време, поради што не му се ставени ниту првите вакцини при раѓање. Но и потоа, не го вакцинирав. Јас тогаш го отворив Законот за заштита на населението од заразни болести и сфатив дека таква правна мерка, да не се примаат невакцинирани деца, едноставно не постои. Напротив,мерката во Законот е целосно затворање на објекти, како што сега што беше случај...затворија градинки, трговски центри, со цел спречување на ширење на епидемијата. Во нашиот случај дечињата преку ден не смееја да одат во градинка, а после 16.00  часот децата си играа најнормално. Зарем вирусот работи од 8 до 16 часот? Навистина немаше никаква логика тоа. За овој случај, 30-тина родители покренавме и судски постапки. Според нашиот адвокат, кој се изјасни како проваксер, во овој случај се прекршени правата на децата, односно се дискриминирани. Стигнавме и до Стразбур, но сѐ уште чекаме пресуда оттаму. И дури потоа навлегов многу подлабоко и во медицинскиот аспект на вакцините. Го прочитав упатството за МРП вакцината и дознав што сѐ таа содржи и што може да предизвика, а дека не е ниту ефикасна, односно некои приматели може и да не развијат антитела. На научната конференција во Скопје, која веќе ја споменав, зедоа учество тројца доктори од Хрватска, еден од Србија, еден од Словенија и тројца адвокати кои зборуваа за правниот аспект на задолжителната вакцинација. Тие прекрасни доктори уште толку ми ги отворија очите во однос на вакцините. Тогаш беше морбили во фокусот, па така д-р Јована Стојковиќ од Србија даде пример од British Medical Journal од 1959 година, каде се вели дека тоа е обична детска инфекција со одредени симптоми која е добро да се прележи во детството. Нагласувам „инфекција“, не „болест“. И сведоци дека постарите знаат да кажат, не само за овчите сипаници, туку и за морбилите, дека оделе кај заболеното другарче од соседството за да ја префатат инфекцијата. Колку помало детето ги прележи сипаниците, толку полесно ќе помине. Како тоа наеднаш морбилите станаа толку страшна болест? Во последниве стотина години се појави некоја „квази наука“, барем за мене, не само за вакцините, не само во медицината, туку тоа е случај и со други области, како „науката“ за родот.

Дали повторно планирате да ви се слушне гласот на евентуално уште еден протест, особено и поради тоа што има голем број вработени во приватниот сектор кои реагираат дека на некој начин тивко се приморани да се вакцинираат?

Јас не сум организатор на ниту еден протест од овие кои до сега се случија, освен на собирот лани во септември во градскиот парк на „Школка“, под мотото СЛОБОДАТА НЕМА ЦЕНА. На тој настан презентиравме доста факти околу ковидот. Говоревме и за маските, и за тестовите и за потенцијалните „вакцини“, она што се знаеше тогаш. На спонтани, неорганизирани протести излегувам од мај 2020, па на скоро секој нареден. Започнавме со педесетина, стотина луѓе и кои бевме свесни дека прифаќајќи маска, ќе прифатиме и често тестирање и вакцини. Воведувањето на последните мерки, навистина мислам дека ја прели чашата, особено од аспект на нивната нелогичност и аспектот на дискриминација. Затоа и излезе толку народ на 15 август, имаше помеѓу 10-тина и 15 илјади луѓе. Помина во навистина мирна атмосфера, со исклучок на некои несакани скандирања. Кога од Собрание одевме кон Влада, чувството беше волшебно: Река од убави луѓе, дотерани, разбудени, свесни луѓе, маршираа мирно против воведените мерки. Вакцинирани и невакцинирани, Македонци и Албанци....Браќа и сестри, луѓе! Според мене, овие мерки не се донесени врз база на медицина базирана на докази, како што милуваат да кажат, туку се чисто политички, односно треба да принудат да се вакцинираме. Доколку ние како здружение организираме протест тоа ќе го направиме на организиран начин, со претходно утврдена агенда, со назначени говорници, обезбедување и сѐ што е потребно. 

Постојано велите „свесни луѓе, разбудени луѓе“. Истовремено пак, мнозинството од луѓето кои имаат сосема спротивни ставови и убедувања во однос на вакцинацијата и тоа не само против ковид, сметаат дека тие се општествено одговорни, дека се свесни за придонесот на вакцинацијата. Кој е тука разбуден всушност?

Секој има право на свои верски и философски убедувања врз основа на своите истражувања и согледувања. Јас разбирам дека стравот од вирусот е доблест и тој се подгрева секојдневно преку пропаганда, а стравот од вакцините се смета за неодговорност. Јас знам дека многу луѓе починаа, многу луѓе се изтрауматизирани, но причина за тоа не е непочитувањето на мерките или невакцинираните. Причините треба да се бараат во задолжителноста за тестирање дури и кај пациенти без симптоми на ковид, неможноста за закажување на прегледи, протоколите за лечење од ковид, недостапноста на здравствените установи и лица. Но, ако едните имаат право да се плашат од вирусот, другите имаат право да се плашат од вакцините. Јас се сметам за „разбудена“ токму поради стравот од вакцините и тоа добро му го должам на сегашниот министер за здравство кој индиректно ми го избрка детето од градинка. Зошто така сметам? Кога ги прочитав медицинските факти на МРП вакцината и сфатив дека не постои правна рамка на тогаш предложените мерки, наеднаш се преврте нешто во мене, сфатив што всушност се случува, во каков свет живееме. Фазите низ кои поминував, се неверување, бес, немоќност и сл. И на крајот, или се помирувате и гледате да фатите кривини низ системот или се борите. Јас го одбрав второто.  Дознав и дека во првите 24 часа новороденчињата примаат две вакцини, против Хепатит Б и против тубекулоза. Хепатит Б е сексуално пренослива болест. Зошто на новороденче му се става вакцина против хепатит Б? Во многу држави не се става Хепатит Б, освен ако мајката е позитивна. И дека не се прават долгорочни студии за вакцините, итн....Значи таа пропаганда за вакцините, луѓето ја примаат како наука, сметаат дека тоа е вистината. Тоа е воспоставена пракса и затоа сметаат дека тие се свесни, општествено одговорни и разбудени. Од друга страна, пак јас сум свесна дека ние не можеме да ги убедиме тие луѓе дека таа вакцина не може да нѐ заштити, ниту пак дека е безбедна, тоа може да го направат официјалните лица...Токму поради тоа ние се залагаме за право на избор, кое всушност го имаме и по Устав и по закони и по меѓународни конвенции. Тоа што некој сега сака да ни ја укине таа слобода под превезот на „грижа за општото здравје“, за мене претставува само едно обично присилување и уцена, ништо повеќе.  

Дали сметате, конкретно за ковид, дека постои лек кој успешно лекува, наспроти тврдењата дека вакцината е единствен излез од пандемијата?

Би го цитирала д-р Владимир Зеленко, украинско-американски семеен лекар со над дваесетгодишно искуство, кој го подготви т.н. Зеленко протокол за лекување од ковид, особено успешен во раните фази од заболувањето. Тој вели дека 85% од заболените оздравуваат преку неговиот протокол кој се базира на хидроксихлорокин, цинк и азитромицин (кај нас сумамед), а зависно од фазата на заболеност се додаваат и различни дози на витамин Ц и Д.. Тој обучил 100-тици лекари кои го практикуваат протоколот, а тој и неговиот тим заедно излечиле 6000 луѓе. А пак општо, преку неговиот протокол излечени се милиони луѓе меѓу кои и Претседателот на САД, Доналд Трамп, Џули Рудијани, министерот за здравство на Израел, Претседателот на Бразил и други. Неговата студија е основа за уште 200 други студии за хидроксиклорокинот. Во моментов има 340 студии кои докажуваат дека хидроксихлорокинот лечи, од кои 248 се рецензирани. Значи потреба од вакцина нема. За својот протокол тој го извести тогашниот американски претседател Доналд Трамп кој издаде извршна наредба до Институтот за здравје во САД овој лек да го препорача за секој Американец и тоа го кажа на прес конференција. Наместо тоа, Агенцијата за храна и лекови на САД, FDA, издаде Итно одобрение за хидроксихлорокинот како лек за ковид и со тоа го ограничија лекот само за болничко лекување, а не и за домашна употреба. Знаеме дека во престижниот Лансет излезе студија која „докажа“ дека хидроксихлорокинот „не лечи ковид и дека е штетен“, иако таа студија беше повлечена само после три дена заради неточни податоци. Но, последново медиумите не го раструбија и веднаш потоа го повлекоа хидроксихлорокинот и итно одобрение доби лекот Ремдесивир, бидејќи со итно одобрение може да има само еден лек на пазарот кој лечи одредена болест. Ремдесивирот не се покажа како многу ефикасен и е премногу скап, односно чини 3.200 долари дневно по пациент за разлика до хидроксихлорокинот кој чини само 20 центи и тоа на домашно лекување...

Зеленко, на 11 август годинава пред Израелскиот Рабински Суд сведочеше и изјави дека ако ја оставиме целата популација да не се лечи од ковид воопшто, стапката на смртност ќе биде помалку од 0,5%, тоа значи би починале околу 35 милиони луѓе, што е пак висока бројка и не треба да се дозволи. Но, ако се вакцинира целата популација, како што нѐ убедува Бил Гејтс, тогаш смртноста би била 2 милијарди. Во однос на ефикасноста на вакцината вели: Во Израел има опфат на вакцинација од 85%, а во моментов има епидемија на делта сојот. Ако вакцината штити, зошто има епидемија? Зошто ако првите две дози биле ефикасни, сега треба и трета доза? Роберт Мелоун, пронаоѓачот на мРНА технологијата кажува дека мутацијата делта и сите други мутации потекнуваат токму од вакцинираните. И ова не е прв пат, ние кои сме истражиле и во однос на другите вакцини, знаеме за вакви појави. Таков пример е масовната вакцинација против морбили во Дизниленд, каде потоа се појавува епидемија од морбили. Колку повеќе има вакцинирани, толку повеќе епидемии се појавуваат. Во време на епидемија не се вакцинира. Доказ за тоа денес се Израел и Австралија. Во однос на безбедноста д-р Зеленко вели дека во првите три месеци по аплицирање на инјекцијата, најчесто доаѓа до појава на тромб, од кој настанува мозочен или срцев удар. Според него, 40% од случаите на тромб се појавуваат во првите три дена. Понатаму, утврдено е дека степенот на абортуси кај трудници кои се вакцинираат во првите три месеци од бременоста расте за осум пати, од 10 на 80%. Тогаш зошто да се вакцинираме? Тој ги споменува и животинските студии, кои се правени претходно со мРНА технологијата, но не и за ковид вакцината. При тие обиди, утврдено е дека животните ги добиле посакуваните антитела, но кога подоцна биле изложени на истиот вирус, се случила т.н. засилена реакција зависна од антитела и голем процент од нив погинале, ги убил нивниот сопствен имун систем. Дали ова ќе се случи и со луѓето? Не знаеме. Во моментов тоа се испитува врз сите нас. Се водат статистики и ќе се спроведат анализи, врз основа на кои ќе следат и одлуки. Статистиките од системот за известување за нус појави како последица од вакцини за ЕУ заклучно со 7 август годинава велат дека вкупно пријавени штети има 2.018.917 за 802.786 оштетени луѓе, од кои 21.310 со смртен исход кои следеле после примање на четирите вакцини против ковид-19.  Дали Македонија води вакви статистики? Колку случаи има до сега?

Сметате ли дека всушност е подобро да се прележи болеста?

Според податоците од CDC, децата оздравуваат со стапка од 99,998%, а оние од 18 до 45 години 99,95%, што значи постои природен имунитет. Зошто би се вакцинирале со нешто кое создава недоволно ефикасни или опасни антитела кога веќе имаме здрави антитела од прележана болест? Надлежните лица велат и оние кои прележале ковид, потребно е да се вакцинираат најмногу до 45 дена по прележувањето. Врз база на кои докази е донесена таа мерка? Постојат студии кои покажуваат дека и 10 месеци по прележувањето, човекот има антитела. Па дури и д-р Пановски, кој е голем пропагатор на вакцините, смета дека оние кои ја прележале болеста нема потреба да се вакцинираат. 

Ако успеете во вашата „борба“ да си го задржите правото на избор и по никоја цена не се вакцинирате, што мислите за брзите тестови? Секако ќе треба да се прави контрола, некој не е вакциниран, но пред да влезе на работно место, во училиште, институција, културна установа, на фризер,...ќе мора да направи тест со кој ќе докаже дека не е позитивен на корона вирусот. Тоа беше пракса во светот пред вакцините, па и се уште се спроведува, особено во западно-европските земји, каде овие тестови чинат по 80 центи, а граѓаните за разни потреби ги добиваа и бесплатно, и тоа по неколку во текот на неделата. Се согласувате ли да правите вакви тестови?

Тоа не смее да се дозволи. Параметар во дефиницијата за пандемија во моментов е број на заболени, а не на починати. Како се детектира бројот на заболени? Преку ПЦР тест кој дава позитивен или негативен резултат. Знаеме дека има и асимптоматски позитивни. Зошто сите позитивни се бројат како заболени? Зошто тест, а не клиничка слика? Кога не би постоел ковид и тестот, која би била клиничката слика и дијагноза? Тестот не служи за дијагноза, тоа го кажува и СЗО и Агенцијата за храна на лекови, како и самиот изумител, Нобеловецот Кери Мулис кој го изумил ПЦР тестот. Значи се пропагира пандемија врз основа на број на заболени, детектирани преку ПЦР тест чија веројатност за неточност достигнува и до 98% на бројот на циклуси на кои се подесени тестовите (барем во САД до 20.1.2021 година). Нашето министерство не нѐ удостои со одговор на нашите прашања со кои сакавме да утврдиме на колку циклуси се подесени тестовите кои се користат во Македонија.  Знаејќи го сето ова, велам апсолутно НЕ, никакви тестови не треба да се прават. Овој тест, инаку,  има итно одобрение за употреба, исто како и вакцините, а не за целосна употреба. Ова одобрение истекува на крајот од годинава и CDC препорача новите производители на тестови за ковид да се осигураат дека тестот ќе прави разлика помеѓу ковид и грип....Исто како што и маските се високо неефикасни во спречување на ширењето на заразата од ковид, а истовремено можат да предизвикаат и штетни последици.

Јас се прашувам дали луѓето побарале декларација кога купуваат маска? Дали таму пишува дека штити од нешто? Има ли упатство за употреба?  Дали и телевизор купуваме без декларација и упатство за употреба?Знаеме ли дека СЗО вели дека треба да се менуваат секои два часа и да не се допираат воопшто со раце? Ако САРС-КОВ-2 е високо заразен вирус и маските нѐ штитат од него, зошто ги фрламе насекаде? Зарем тоа не е опасно? Зошто никој не предупредил на тоа? Премногу прашања, на кои нема одговор....И сега, протоколите за деца се целодневно носење на маска, дезинфицирање, мерење температура, тестирање се предлага, итн....Како јас, како мајка, која имам толку осознаето за целата пандемија, а и многу повеќе, да прифатам моите деца да почитуваат такви протоколи? Врз база на кои мерења и научни докази надлежните утврдиле дека овие протоколи ќе придонесат во спречување или намалување на ширењето на заразата од ковид? Во цитираниот документ издаден од страна на СЗО наведен во одговорот на министерството за здравство на нашето барање да ни кажат според кои препораки ја препорачаа мерката носење маска во училиште, утврдивме дека таква препорака не постои. Испративме повторен допис каде го објаснивме ова и баравме појаснување, но одговор не добивме. Како и на сите наредни барања потоа. Исто така, во тие препораки пишува дека доколку една држава донесе одлука да препорача носење маска и на отворено, како што беше до пред некое време, треба да го измери коефициентот корист/штета од таквата мерка. Дали се води таква статистика? Дали е измерен тој коефициент? Исто и за децата во училиштата.....Значи моја заложба е децата да следат настава со физичко присуство, но без никакви протоколи, ниту тестирања. Единствено, треба да внимаваме со евентуалната вакцинација без наша дозвола, но тоа ниту еден директор не би требало да го дозволи, бидејќи би се соочил со казни. Јас маска две години не сум купила,ниту имам намера секаде влегувам без маска, ми викаат полиција, се расправам културно, им кажувам дека тоа е мое уставно право...,зависи каде како, некаде се справуваш, некаде оди потешко. Водам најнормален живот и така треба да живееме.

Дали се сметате за антиваксер?

Јас навистина не сум проверила што всушност значи таа дефиниција, но еден мој статус гласеше: Ако антиваксер значи да станеш свесен за злото наречено вакцина и притоа да ги заштитиш децата, тогаш со гордост ќе ја носам таа титула.

Р.Ф.

Редакција Фактор го направи интервјуто со Гоџо во насока на стандардите на новинарството кои значат и објективност во информирањето и простор за сите мислења. Фактор во континуитет со сите објавени текстови дава исклучителна подддршка на процесот на вакцинација во земјава и во светот