Трансформаторот за РЕК Битола заглави, ЕСМ го испраќа комерцијалниот директор во Турција

Објавено во: Економија 05 Декември, 2022
Новиот трансформатор за Блок 3 во РЕК Битола кој се изработи во фабрика во Турција, на 14 ноември тргна со специјален камионски транспорт кон Битола, но се уште е во земјата на потекло.
ЕСМ претходно зацрта дека трансформаторот без кој третиот блок во РЕК Битола не може да работи, треба да пристигне до 22 ноември, но рокот е веќе две недели пробиен.
Трансформаторот треба да се пренесе преку Солун и Меџитлија, по што ќе бидат потребни 10-тина дена за да се изврши монтажа на истиот.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска откри дека ЕСМ во Турција го испраќа комерцијалниот директор Ардијан Муча за да се види каде е запната работата со дозволите.
- Веќе почнуваат монтажните активности на блокот 3 во РЕК Битола, со оглед на тоа дека дел од опремата е пристигната, а денеска комерцијалниот директор на ЕСМ е во Турција со цел да се доорганизира транспортот на трансформаторот со оглед на различните транспортни дозволи кои што треба да се добијат од турската страна и од грчка страна, изјави Ковачевски.
400-киловолтниот трансформатор со тежина од 240 тони чини 5,5 милиони евра, а композицијата долга 60 метри која се пренесува, побарува специјални услови за движење, зајакнување на патната инфраструктура на одредени делови на трасата, посебна сообраќајна регулација и управување со мала брзина.
Трансформаторот е насушно потребен за енергетската криза, бидејќи со доаѓањето на зимата ќе биде потребно што е можно поголемо домашно производство на електрична енергија. Ковачевски денеска рече дека термоелектраната Осломеј е ставена во функција, а во наредните денови ќе се оспособи за работа и ТЕЦ Неготино.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Лани државата за 17 отсто ги зголемила приходите од даноци

НОВ БРАН ПРОТЕСТИ ЈА ПАРАЛИЗИРАА ФРАНЦИЈА: Училиштата затворени, сообраќајот во застој

Анѓушев: Од мај продажба на електрична енергија за извоз
ПЕНЗИСКИОТ ФОНД НА НОРВЕШКА ДОЖИВЕА НАЈГОЛЕМА ЗАГУБА ВО ПОСЛЕДНИТЕ 25 ГОДИНИ: Помалку има дури 152 милијарди евра
Официјално: Над 10.000 Македонци лани работеле како странци во Хрватска

За колку се намали вредност на рубљата во однос на доларот?

ПОТРЕБНИ СЕ И ВО ЈАВЕН И ВО ПРИВАТЕН СЕКТОР: Оваа професија станува популарна

Прогнозите на ММФ контрадикторни: „Очекувајте го неочекуваното“, а оваа земја дефинитивно оди во рецесија
