26 Април, 2024
0.1163

Трамп невиновен, Русија воздржана, медиумите на тапет

Објавено во: Колумни 29 Март, 2019

Добивај вести на Viber

На крајот од минатата недела во САД беа објавени резултатите од истрагата на специјалниот обвинител Роберт Милер. Тој дојде до заклучок дека за време на изборната кампања во 2016 година немало договор меѓу изборниот тим на американскиот претседател Доналд Трамп и руските власти.  Нема цврсти докази дека Трамп пречел во истрагата, а Русите се мешале во изборите.

Резултатите во форма на сублимат од истрагата ги соопшти државниот обвинител Вилијам Бар, и тој беше соопштен на четири страни. За Трамп ова беше потврда на неговите изјави дека нема никаков договор со Русите, веројатноста за импичмент се намалува, а тој добива и ветер во неговите едра за изборите во 2020 година.

Демократите не веруваат на сублиматот на Бар и бараат објавување на целиот извештај на „специјалниот“. Инаку, во Претставничкиот дом дури во седум комитети се води паралелна истрага по таканареченото „руско дело“.  Евентуален импичмент на Трамп може да му се направи за некаков криминал или нешто друго што може да исплива на површина во текот на истрагата, но коешто нема врска со „руското дело“. Сепак и за тоа ќе требаат доволно цврсти докази.

Специјалниот обвинител Милер две години водеше истрага за претпоставките за „руското мешање“ во изборите кои Москва ги негира постојано, а исто така и претпоставките за врска на Трамп со Русија, што беше негирано и во Кремљ и во Белиот дом. Во текот на истрагата Милер обвини Руси за мешање во изборите. Истовремено тој обвини и поранешни соработници на Трамп за лажно сведочење и други нарушувања. Па така  за финансиски криминал во затвор се најде Пол Манафорт бившиот шеф на изборниот штаб на Трамп, како и еден од неговите адвокати.

Резултатите од истражувањето сега можат да му ги подослободат рацете на Трамп, кои му беа врзани од страна на конгресмените и сенаторите во поглед на односите со Русија. Сите тие беа толку убедени во негово „шурување“ со Русија што донесоа закони, во 2017 година, со кои тој практично не можеше да направи никаков чекор кон евентуално унапредување на односите без конечен амин на Претставничкиот дом. Овластувањата во тој поглед му беа ограничени до максимум. Конгресмените и сенаторите се плашеа дека Русите имаат „компромат“ за Трамп, дека го имаат во џеб и оттука беа изгласани ограничувањата за политиката на претседателот во поглед на Русија. Сега Трамп не ќе мора ним да им докажува дека не е во никаква зависност од Русите.

Во Кремљ реагираа воздржано на објавените резултати од истрагата. Димитриј Песков, прес секретар на рускиот претседател Владимир Путин се откажа од подробно коментирање бидејќи властите немале можност да се запознаат со целосната верзија на извештајот. „Резимето, впрочем, не кажува ништо ново, освен признанието дека немало договор. Обвинувањата кои како и досега звучат во адреса на Русија на планот на нејзино мешање во изборните процеси во САД, ние како и  досега ги сметаме за неиздржани“, изјави Песков. Истрагата тој ја спореди со барање на „црна мачка во темна соба“, а зборувајќи за перспективите за подобрување на односите со САД, забележа дека Русија е заинтересирана за тоа, но првиот чекот треба да го направи некој друг, а не таа.

Официјалниот претставник на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Москва се залага за публикување на целата верзија на извештајот на специјалниот обвинител за „руското дело“. За неа е неразбирлива ситуацијата кога дел од документот е отворен, а друг затворен. „Нека го публикуваат целиот, а ние во крајна линија ќе дознаеме врз што се заснова“, забележа Захарова. Инаку Американците и досега не сакаа да објавуваат делови од истрагата на „специјалниот“ со образложение дека тоа ќе нанесе штета врз безбедноста на државата.

Првиот човек на Комитетот за меѓународно односи при Советот на Федерацијата, Константин Косачев не е уверен во некаков напредок на односите меѓу САД и Русија. Според него во догледно време тоа нема да се случи. Причината за тоа не е во волјата на Трамп за такво нешто, туку во фактот дека во изминатите две години тој се опкружи со јастреби и против Русија за тој период се воведени десетици санкции кои ја ограничуваат соработката. „Постои шанса многу работи во нашите односи да се подобри, но засега е прашање дали Трамп ќе се обиде за такво нешто, смета Косачев, додавајќи дека „Ние во Русија нема нешто посебно да празнуваме тука, бидејќи обвиненијата на наша сметка остануваат“. Косачев тоа не го кажува, но јасно е дека санкциите кон Русија ќе останат, независно од новонастанатата  ситуација. Во изминатите две години во поглед на санкциите Трамп беше поригорозен од претставничкиот дом. И не само поради желбата да им докаже на сенаторите и конгресмените дека тој нема никаков договор со Русите, туку заради тоа што тој сметаше дека така треба да се однесува во одредени ситуации, па иницираше санкции.

По сето ова што се случи во Америка со истрагата на Милер, се чини дека допрва таму ќе се разгоруваат страстите. Многумина во САД велеа дека Русија води политика на поделби во американското општество.  Ама од пред некој ден тоа го прават самите Американци. Тие се жртви на  пропагандата или поточно на „стварноста“ создадена од одредени медиуми во САД. Се повикуваа на разни тајни досиеја за зависноста на Трамп од Русите, на независни доброинформирани извори... Предничеа CNN, Њујорк тајмс и MSNBC. И по шокот за нив од Милеровиот извештај токму овие медиуми се на удар на јавноста, но и на официјална Москва.

Во коментарот на руското министерство за надворешни работи напишаа дека главниот заклучок од американската истрага „не ни можеше да биде подруг“. „Зачудува меѓутоа што за ваков заклучок на тимот од 19 правници, 40 агенти на ФБИ, криминални експерти и други соработници им беа потребни речиси две години работа, во текот на кои беа испратени 2.800 судски покани, беа испрашани 500 сведоци и беа направени толку претреси. То ест, за да се демантира очигледниот фалсификат, беа потрошени колосални напори и очигледно големи средства од даночните обврзници“, прокоментираа во руското МНР.

Портпаролката на министерството Марија Захарова на ФБ побара од новинарот Фарик Закарија, после обнародувањето на сублиматот од извештајот на Милер, „ за почеток да се извини за се’ што изговорил во изминатите две години. И не само на Трамп, колку на народите на двете земји. На Русите за бесконечното полевање со гнасотии, а на Американците за глупата еднонасочна пропаганда. Па дури потоа да се врати во етерот со своите „заклучоци и прогнози“, напиша Захарова публикувајќи видео снимка од настап на Закарија.

Очиглено проработува руската пропаганда. Но „американските „мејнстрим“ медиуми како да си го бараат тоа. Впрочем и портпаролката на Трамп, Сара Сандерс, го нарече 24 март голем ден за Америка. „После две години дива хистерија претседателот и милиони негови приврзаници беа во целост оправдани“, изјави таа. Постојаните напади од демократите и либералните медиуми врз Трамп таа ги прогласи за „клевета“ и „злонамерна, неубава лага“. За задоволството на Трамп не треба да се трошат реченици. Тој постојано тврдеше дека е невин во поглед на договор со Русите и дека Њујорк тајмс, CNN и други медиуми шират лажни вести. Тој побара сега да се посвети внимание на „другата страна“, имајќи ги предвид демократите. Неговиот адвокат Руди Џулиани е попрецизен и бара истрага  против нарачателите на истрагата против Трамп и колку платиле за неа.

Првиот човек на CNN Џеф Закер на обвинувањата дека неговиот канал постојано пренесувал „теорија на заговор“ во однос на Трамп поради „руското дело“ изјави дека новинарите едноставно си ја вршеле својата работа и соопштувале „факти кои ги имале“. „Ние не сме истражители. Ние сме новинари и нашата улога е во тоа да ги соопштуваме фактите во оној вид во кој ги знаеме и токму тоа го правевме“, нагласи Закер. Руди Џулиани, пак,  во интервју за CNNја повика компанијата да му се извинат на Трамп за направените „мачења“ врз него во текот на две години и за тврдењата за „договор“ меѓу него и Русите. Но одговорот на водителот беше „А ве молам ли јас вас да се извините за целата невистина што ја зборува претседателот?“

Медиумите од другата страна, пак, како што е Fox News, а кој е близок до Трамп, ги обвинуваат „мејнстрим“ медиумите за „двогодишна лага“ за истрагата и за распространување на теорија на заговор. Има главни уредници кои сметаат дека главни губитници во резултатот од истражувањето на Милер се „медиумите“. Па се бара од колегите да направат анализа на сопствената работа или „повеќе да не се жалаат, кога Американците ќе зборуваат за лажни вести или ќе ги сметаат медиумите за најотровна и деструктивна сила во општеството. Има ставови дека новинарите си ја поткопаа довербата кон својата професија со однапред пласираните тврдења, како факти, дека Трамп е „руски шпион“. Во едно истражување половина од испитаниците сметале дека Трамп навистина е „руски шпион“, а исто толку дека се работи за „лов на вештици“. Се заклучува дека ова секако се темелело и на известувањата од медиумите. Па сега многумина ќе почувствуваат дека некој намерно ги излагал. 

Поделбата во медиумите во САД сега ќе се засили. Но погласни ќе бидат оние кои беа блиски до Трамп. Шон Хенити водител од  FoxNews имал 25 минутен монолог во кој ги обвинувал демократите и противниците на Трамп за лажење на американското општество. Тој побарал одговорност од медиумите кои биле против Трамп, од „тајната власт“, од луѓето кои ја злоупотребиле власта и кои тоа го направиле на демонстративен начин. Сето тоа го бара за Американците да не ја изгубат државата!

А што да кажеме ние за она што се прави од нашите медиуми?

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД