Тајната на настанувањето на човекот се крие во делчевски Стамер?!
Објавено во: Мои пари 27 Април, 2015
Македонските научници и палеонтолози укажуваат дека на локалитетот Стамер кај Делчево, на истокот од нашата Македонија, судејќи по се, се наоѓа тајната на настанокот на човекот и карика во алка на еволуцијата, која до денес не била пронајдена.
На тоа место е откриена единствената праисториска гробница од животни.
Фосилите од праисториските животни, стари повеќе од 10.000 години, кои денеска живеат во Африка, пронајдени се во близина на Делчево на локалитетот Стамер. Пред седум години тука е пронајден череп од првата жирафа во Европа, останки од сабјест тигар и питаринска фауна. На оваа локација во март се откриени фосилни останки од праисторискиот носорог, стари од две милиони години.
-Со откривање на останките на носорогот завршуваме со истражувањето за оваа година на локалитетот Стамер во бизина на Делчево. Се надевам дека нашата институција ќе добие повеќе пари за понатамошните истражувања, изјави, Ивица Здравков од Природно-научниот музеј на Македонија.
Праисториската гробница во близина на делчевското село Стамер случајно пред седум години ја откри рударскиот инжинер Љубе Митевски, кога после ерозијата на земјиштето на површина се појавиле останки од праисториски животни. Тогаш пред целата јавност и наука беа изнесени фосилните останки од жирафа, сабјест тигар, а денеска и делови од праисторискиот носорог.
За откритието на инжинерот Митевски прв се заинтересирал светски познатиот палеонтолог од Македонија, проф.др Ристо Гаревски. Врз основа на староста на откирените останки тој заклучил дека на овие простори можат да се најдат докази за неколку стадиуми за континуираната еволуција на човекот, која одговара на тој период, а не им е позната на светските научници.
Неговите претпоставки ги потврдија и пелеонтолозите Денис Жардер од Националниот центар за научни истражувања во Париз и Николај Спасов од Природно-научниот музеј на Бугарската академија на науки. Тие се согласни дека се работи за единствената масовна гробница со фосили од големите праисториски животни, за прв пат откриени во Европа.
-Научна вистина е дека животните, кои сега ги среќаваме во Африка, имаат потекло од нашите простори. Слична судбина доживееаја и предците на човекот, па затоа со право очекуваме да пронајдеме и останки од прачовекот, верува Светозар Петковски од Природно-научниот музеј на Македонија.
Тој објаснува дека заради промената на климата за време на изминатите милениуми овие животни се преселиле на југ, во топлите краеви.
Доколку се потврди барем дел од претпоставките на палеонтолозите, Стамер ќе биде претворен во македонски „Јура парк“ на фосилни останки од праисториски животни.