19 Април, 2024
0.0261

Светските лидери резервираат карти за Кина

Објавено во: Колумни 27 Март, 2023

Добивај вести на Viber

Посетата на кинескиот претседател Шји Џинпинг на Москва, резултатите од неа и кинескиот мировен план за Украина одеднаш ги мотивираа светските лидери да започнат акции.За почеток да резервираат карти за пат до Кина, иако некои од посетите се планирани од порано. Џинпинг дојде до Москва со план за мир во Украина. Мотив веројатно се и зборовите на кинескиот лидер кон рускиот претседател Владимир Путин. „ Сега се случуваат промени, какви што немало100 години. А ние заедно ги движиме тие промени“ му рече Џинпинг при напуштањето на Кремљ. Путин одговори дека е согласен со тие зборови. „Чувај се драг пријателе“, додаде Џинпинг, а Путин му посака среќен пат.

Во Русија веќе се зборува за десет тешки години кои го чекаат светот. И двајцата претседатели навестуваат промени во светскиот поредок. Џинпинг можеби ја имаше предвид Октомвриската револуција и потресот што го направи таа на почетокот на минатиот век во светот. Иако тие промени траеја 80-тина години. И беа урнати од Западот, читај САД, кон крајот на векот. Како и да е годините што следат ќе бидат „весели“.

Денес и утре во Пекинг ќе биде новиот-стариот претседател на Бразил, Луис Лула да Силва. Тој има намера да предложи создавање „клуб на мирот“ со учество на Кина за посредување во прекинувањето на војната во Украина. Тоа ќе биде неговиот предлог до Џинпинг. Да Силва се стреми да го обнови дипломатското влијание на Бразил, после изолацијата на претходната влада на Жаир Болсонаро, но одбива да се придружи кон западните земји кои испорачуваат оружје во Украина. Да Силва е заинтересиран за мировни преговори. Оваа негова идеја не е нова и сега ќе сака да направи група земји посредници во која „време е Кина да ја подаде раката“. Станува збор за преговори меѓу Русија и Украина.

Ова не му одговара на Западот, па тој е скептичен, бидејќи Бразил е дел од БРИКС.  Лула да Силва доби поддршка од Аргентина и Колумбија за остварување на неговите намери. И тие две земји се за мировни преговори. Двајцата претседатели, Алберто Фернандез и Густаво Петро во заедничка изјава нагласија дека „Војната ја зацврстува блоковската политика и придонесува кон превооружување и милитаризација, со зголемување на воените трошоци на државите и огромни профити за воената индустрија. Тоа им овозможи на САД да ја преродат некогашната улога на НАТО“. Лула да Силва порано изјавуваше дека за мирно решавање на конфликтот во Украина кон преговорите треба да се присоединат Кина, Индија, а исто така и САД и Русија.

РЕД СЕ РЕДАТ

 Премиерот на Шпанија, Педро Санчез кон крајот на неделава ќе биде во официјална посета на Кина. Повод е 50 годишнината од воспоставување на дипломатските односи. Но, нормално посетата нема да помине без прашањето за војната во Украина. Тој неодамна изјави дека за да се стави крај на војната во Украина, светот треба да ја чуе Кина. Во петокот во Брисел тој рече:„ Кина е глобален играч и ние треба да го чуеме нејзиниот глас, за да разбереме, можеме ли заедно да ставиме крај на таа војна и ќе може ли Украина да ја обнови својата територијална целосност“.

Веднаш по шпанскиот премиер Санчез, во Кина ќе се упати и францускиот претседател Емануел Макрон. Плановите за посета на Кина Макрон ги објави веднаш по публикувањето на документот на Кина кој предлага политичко решавање на војната во Украина. Но, Макрон има намера да резервира карта и за претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен. „И предложив на претседателката фон дер Лајен, да ме придружува во дел од посетата, за да му ја претстави на Пекин единствената европска позиција“, изјави Макрон минатиот петок. Според некои медиуми наскоро во Кина може да се упати и првиот дипломат на Унијата Жозеп Борел.

Тој деновиве е на турнеја во Латинска Америка. Веројатно да ги поттикнува латино американските држави да се оддалечат од Кина. Тоа е новата стратегија на Западот. Кина е плашилото, како што беше и е Русија. Повикувајќи на зголемување на трговијата со Латинска Америка, Борел нагласи дека ЕУ настојува да ја избегне зависноста од Кина, како беше зависна од рускиот гас. „Откривме дека  зависностите кои беа составен дел од мирот, се исто така оружје кое може да се сврти кон нас“, ги пренесуваат агенциите зборовите на Борел. Тоа се гледа после руската инвазија на Украина. Па оттука 2023 за ЕУ била клучна година за склучување договори на други места, посебно со Латинска Америка, рекол тој. Инаку и премиерот на Луксембург повика да се продолжат врските со Пекинг за да се направи обид за зближување со Кинезите. Во четврткот диломатскиот советник на Макрон, Емануел Бон разговараше со високиот кинески дипломат, поранешен министер за надворешни работи, Ван Ји. „Кина очекува дека Франција и другите европски земји ќе ја одиграат својата улога во постигнувањето на политичко решение„за Украина“, изјави Ван Ји.

И БЛИНКЕН ВО КИНА?

Што се однесува до потенцијално најголемиот противник на Кина, САД, нема да биде изненадување после посетите на Санчез, Макрон, Фон дер Лајен и Борел, таму да замине и државниот секретар Ентони Блинкен. Тој пред извесно време ја откажа договорената посета на Кина, поради наводните шпионски кинески балони над САД. Сега тој ќе има шанса да поразговара со својот кинески колега. Дотолку повеќе што САД, претседателот, Џо Бајден,  сака да разговара со Џинпинг, но овој бил зафатен. Џон Кирби задолжен за стратешки комуникации на Белата куќа неодамна рече:„ Ние сакаме да направиме тој разговор да се случи во вистинско време и во правилен контекст. Претседателот Шји е многу зафатен. Само што заврши Народниот конгрес, а сега е во Москва“. Тој патем ја прокоментира и посетата на Џинпинг на Москва. Според него, САД сметаат дека во моментов неприфатливо е примирје во Украина и средбата меѓу Путин и Џинпинг не треба да доведе до тоа. Кирби смета дека примирјето е лошо, бидејќи тоа само ќе ги „ратификува завојувањата од Русија“ на денешен ден и ќе му даде на „господинот Путин време да подготви нови луѓе и да планира нова офанзива, кога ќе му биде удобно“. Кирби и вчера изјави дека разговорот на Бајден и Шји до ден денес не е планиран, додавајќи дек Бајден е заинтересиран за одржување на отворени линии за комуникација меѓу Вашингтон и Пекинг и е нацелен на нов разговор со Шји.

Нема разговри ни меѓу Шји и украинскиот претседател Владимир Зеленски. Во Украина велат дека разговорот се планира, но излегле некои тешкотии поради позицијата на Кина. Дури и САД го повикуваат Пекинг кон разговор со Зеленски, велат украински медиуми. Зеленски пак изјави дека испратил јасен сигнал по дипломатски канали за желбата да поразговара со Џинпинг. Но засега не добил никаков предлог за преговори.

Турски претставник нема да патува во Кина, но Ибрахим Калин, претставникот на претседателот Ердоган во саботата изјави дека „Кина истапила со инцијатива која бара внимателно изучување“. Според него Турција е подготвена да го поддржи предлогот „доколку создаде фундамент за преговори“. Калин вели:„ Јас сметам дека Западот лошо ги проанализирал настаните на Истокот. Санкциите против Русија ја туркаат неа кон Кина. Уште од почетокот тие(Западот) велеа:„ Дајте да ги разделиме Русија и Кина. Реална опасност е Кина„ Таквата политика доведе до ќорсокак“.

ПРОМЕНА НА СВЕТСКИОТ ПОРЕДОК

Во меѓувреме медиумите во светот, посебно западните, трубат за „Промена на светскиот поредок“, и повикуваат да се внимава на „оската Пекинг – Москва“. Се предупредува дека новиот сојуз меѓу „најголемите два стратешки и воени противници на Америка“ може да го промени поредокот во светот, како што тоа го направиле САД пред половина век. Се очекува од Европа да ја убеди Кина да влијае врз Русија да ги прифати западните услови за завршување на конфликтот. И Кина да не ја поддржува руската економија.  На таквата загриженост одговорот на Бајден или констатацијата, беше дека зближувањето на Русија и Кина е „многу преувеличено“, а ако некој создава успешни алијанси во современиот свет,  тоа се САД. Можеби Бајден мисли на „Самитот за демократија“ кој треба да се одржи од 28 до 30 март во кој се опфатени околу 120 држави. Првиот Самит беше кон крајот на 2021 година. Но сепак, некои претставници на американската администрација за „Блумберг“ велат дека без оглед на скептичната јавна реторика, САД всушност се засегнати, дека ги „туркаат во ќош“ и Кина ќе ги убеди земјите уморени од војната дека Вашингтон не е заинтересиран за мир. Што впрочем и не е далеку од вистината, ако се има предвид девизата на Западот „војна за мир“. Кина на многу начини ќе се обиде да спинува се’ од резултатите од кинеско-руската средба за да ги престави САД во негативно светло, предупредуваат експерти. „Блумберг“ пишува дека „и покрај зближувањето меѓу Шји и Путин, Кина наоѓа приемлива публика за нејзините пошироки дипломатски напори ширум светот“.

На Западот сите предупредуваат на опасноста од соработката на Кина и Русија.  А Хенри Кисинџер, кој во мај ќе наполни 100 години во интервју за „Ел Мундо“, вели дека светот  е на прагот на нова студен војна, меѓу САД и Кина, која ќе биде поопасна од првата. Според него, работата е во тоа што двете страни имаат споредливи економски ресурси, а тоа не беше случај за време на првата студена војна. На прашањето дали Кина и Вашингтон треба да се прифаќаат како противници, тој одговара позитивно. И додава дека не треба да се чека Кина да стане земја од западен терк, такво нешто ќе нема.

Како што стојат работите такво нешто нема да се случи, ниту со Русија. Особено по новиот мандат на Путин, кој најверојатно ќе го добие во наредната година кога треба да се одржат претседателски избори. А тоа значи нови шест години на чело на Русија. Инаку лани летото Кисинџер предупредуваше на опасноста Русија да стане кинески бедем, но Западот тоа го проигнорира. „Сега прашањето е како да заврши конфликтот во Украина. По завршувањето неопходно е да се најде место за Украина, а исто така и за Русија, ако не сакаме таа да стане бедем за Кина во Европа“, рече тогаш Кисинџер. Но очигледно таквите укажувања не вродија со плод, особено од оние критичари кои го сметаа „за стар недоветен политичар“.

Сепак има и погледи според кои Глобалниот југ ќе гледа во Шји мировник. Тие земји сакаат крај на војната, на последиците од неа, инфлацијата, дефицити, па ќе го поддржат предлогот Кина да биде посредник. Како што беше посредник меѓу Иран и Саудиска Арабија. На рака на Кина и оди и епилогот од војната во Ирак, која неодамна одбележа 20 години. Последиците од неа, кои се дело на САД. Русија и Кина само ќе ги споменуваат американските воени неуспеси за носење демократија или американски стандарди во тие земји.

НОВИ „ОСКИ“

Украински експерти сметаат дека „Задачата на Кина не е само решавањето на украинската криза, туку воопшто да го извади светот од конфронтациите, враќајќи го во системот на меѓунардни односи засновани врз меѓународното право и Повелбата на ОН. Киев може да дава свои предлози, но Кина нема да ги разгледува. Тој не ја гледа војната во Украина како руска агресија или конфликт меѓу земјите, туку како криза за светската безбедност. Но сите сфаќаат дека не е дојдено време за мировни преговори и дека се’ ќе се решава на бојното поле во периодот пролет-лето годинава. Експертите велат дека Кина и Русија се обидуваат да ја свртат позицијата на Вашингтон против него, затоа што настојува на војна, користејќи го тоа како аргумент за убедување на земјите од таканаречениот „незападен свет“. 

Во саботата вечер на националната телевизија во интервју Путин проговори за соработката со Кина. Веројатно за тоа беше поттикнат од некои реакции. На Индија на пример, дека еве се создава воен сојуз Кина - Русија. На што посочуваа некои индиски медиуми.  Тој изјави :„ Ние не создаваме со Кина никаков воен сојуз. Да, имаме соработка и во сферата на воено-техничка заемна поддршка, но не криеме, се е транспарентно, нема ништо тајно таму“. Посочувајќи дека такво нешто имаат и со други држави со кои исто така одржуваат заеднички воени маневри. Путин го според НАТО со „воен блок на земјите од „оската“ од Втората светска војна“. Сигурно мислејќи на Германија, Јапонија и Италија. Путин не се согласи со мнението дека Москва може да се најде под сериозно кинеско влијание, а таквите луѓе тој ги нарече „не скептици, туку завидувачи“. Инаку по средбата на почетокот од минатата недела во Москва, Путин И Шји дадоа заедничка изјава во која се вели дека односите меѓу двете земји не се воено-технички сојуз, немаат блоковски и конфронтационен карактер, и дека не се насочени против трети земји.

Ако се вратиме наназад повеќе од една година, ќе ни се вратат сликите од јануари и февруари, кога на лента се редеа западни, претежно европски, политичари кај Путин во Москва. На само неколку денови и недели пред почетокот на војната. Ги немаше кога Русија побара од САД и НАТО гаранции и разговори за руската безбедност. А во меѓувреме се подготвуваа за војна предводени од САД. И кога стана јасно дека војната е неизбежна, бидејќи Русите зборуваа за воено-технички мерки, како одговор на не прифаќањето на нивниот предлог за безбедносни гаранции, почнаа да бараат средби со Путин, ако може нешто да се промени во последен час. Но напрасно. Така ќе биде и сега. Се’ додека САД не речат дека ќе се стави крај на војната, таа ќе трае.

Но Кина не е Русија. Шји не е Путин, па да почне да удира прв. Нему му е важно да покаже пред Глобалниот југ и пред БРИКС, ШОС и други, дека САД се тие кои сакаат војна. И дека сите проблеми се од нив.

А Американците заедно со ЕУ ќе водат војна против Кинезите, за почеток преку Тик-Ток , на пример. А добро знаат дека таа мрежа не е ништо повеќе опасна од нивните најголеми мрежи. Згора на тоа сите податоци на американските корисници на таа мрежа, ги има околу 150 милиони, се чуваат на сервери во САД. Но наредбата е дадена и треба да се спроведе. А војната во Украина? Таа, нормално, ќе продолжи. Се до легнување на плеќи на противникот. Ако треба и со обид за НАТО интервенција.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок