26 Април, 2024
0.0562

Статистички извозот расте, но во суштина…

Објавено во: Колумни 07 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Веројатно, случајно е совпаѓањето на времето кога се објавија податоците за обемот на стоковната размена со странство во првите осум месеци од годинава и одржувањето на Конференцијата за поддршка на извозот насловена „Како до поголем извоз“. И јавноста и учесниците на Конференцијата беа информирани со податоците според кои  извозот пораснал за 4,8% , а увозот само за 0,9%, така што надворешно-трговскиот дефицит изнесува само 1,5 милијарди долари. Станува збор за резултати посакувани веќе подолг период, бидејќи побрзиот пораст на увозот од извозот, присутен во изминатите години, водеше  кон пораст на надворешно-трговскиот дефицит и на дефицитот на тековната сметка од платниот биланс на земјата (бидејќи не го покриваат ниту нето трансферите од странство), а тоа резултира во пораст на долговите на Македонија спрема странство.

Нема сомнение дека остварените резултати индицираат поволни движења во секторот на надворешно-трговските односи со странство, меѓутоа, нема доволно информации за да се процени дали пресвртот во динамиката на извозот и увозот ќе се одржи до крајот на годинава, а уште помалку дали ќе продолжи и во наредните години. Годинешниот поголем пораст на извозот е резултат и на тоа што во минатата година извозот беше помал во однос на претходната година, а увозот стагнираше. Треба да се има предвид и тоа дека извозот во последните пет години,  во две години (2009 и 2012) забележа и опаѓање. Во петгодишниот период просечниот пораст на извозот изнесуваше 2,8%, а просечниот пораст на БДП 2,3%. Учеството на извозот од Македонија во 2012 година учествуваше само со 41,3% од БДП, а во претходната година со 42,5%. Ова значи дека, се’уште, мал дел од порастот на БДП се насочува кон извоз, а пресвртот во обезбедувањето на одржлив развој може да се очекува само доколку се обезбеди неговото учество постојано да се зголемува.

Сериозна причина за резерва околу годинешните остварувања во извозот е и долгиот список на барања (желби) на бизнис заедницата од  владата за поддршка на извозот. Тие се такви што, и покрај порастот на извозот, укажуваат дека условите за извоз не се поволни за да се одржува и постојната динамика, а уште помалку таа да се интензивира. Се бара државата да размисли за формирање на гарантен фонд преку кој ќе се поддржуваат македонските компании за реализација на поголеми и поскапи проекти во странство. Се побара владата да размисли и за отворање на агенција за стимулирање на извозот, за поддршка на компаниите во делот на саемското претставување и за зголемено кредитирање со поволни кредити. Од бизнис заедницата се истакна и тоа дека  владата треба да ги согледа и можностите како може да ги снабди стопанствениците со евтини енергенти и да ја подобри инфраструктурата, итн итн.

Овие погоре наведните, се само дел од барањата на бизнисмените кои укажуваат дека е неопходно да се утврди подолгорочна политика за поддршка на извозот, а не само со инцидентни мерки да се интервенира на конкретни барања од бизнис заедницата. Парцијалните решенија помагаат во определени фази на извозната активност, но проблем е што тие не се постојани и на нив не може да се смета за да се планираат зголемени извозни активности. Тоа може да се прави само доколку однапред и за подолг период се знаат условите за настап на странските пазари. Малку значи ако за краток период се определи некаква поддршка за настап на пазарите во подем или во помалку развиените економии. Свртување на извознте активности и кон споменатите пазари бара подолгорочна поддршка. Нивните пазари се помалку истражени и има помалку искуство за условите во кои функционираат  нивните економии. Краткорочните поддршки често не се доволни да ги оправдаат само вложувањата за истражување на новите пазари. И не е случајно што подолг период се инсистира на освојување на нови пазари, меѓутоа работите не се менуваат. Главнината од извозот е концентрирана во десеттина земји од најблиското окружување и од Европа. Затоа, пресвртот може да се очекува само доколку на извозот се гледа како на долгорочна активност. Меѓутоа, проблем е што бизнисмените, оптоварени со тековните проблеми, инсистираат на брзи решенија, а владата, преземајќи некои до нив, смета дека одговорила соодветно. И никако да се излезе на патот на долгорочно определување на условите за извоз кои ќе овозможат негово динамизирање.

Останувањето на позиција на „гаснење пожари“ може да доведат и до влошување на состојбите доколку се прифати предлогот за формирање на Агенција за стимулирање на извозот. Тоа е замка во која, доколку се влезе, нема рационален излез. Почетните стимулации стануваат недоволни, а никојпат нема да има доволно средства да се стимулира извозот на недоволно конкурентни производи. Рационално е ако однапред се утврдат условите за извоз за подолг период, па секој стопански субјект да се организира, согласно неговите економски интереси, каде и со колку производство ќе настапува на странските пазари. Ова значи дека решение за извозните проблеми може да се бара само во изградувањето на извозно-ориентирана развојна стратегија на земјата.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД