27 Април, 2024
0.0266

СТАР КРЕДИТ ОД 2015 ГОДИНА ОД 90 МИЛИОНИ ЕВРА - тоа е причина за големиот раст на долгот на АД НЕР

Објавено во: Економија 26 Јануари, 2022

Добивај вести на Viber

Големиот раст на долгот на државното акционерско друштво Национални енергетски ресурси се должи на стар заем од 90 милиони евра, земен од државава уште во 2015 за изградба на три лота од преносната мрежа на гас во земјава, кој лани бил внесен во билансите на претпријатието, откако бил направен репрограм на тој долг.

Фактот што ова акционерско друштво сеуште нема приходи е пречка долгот да почне да се подмирува, но првиот човек на АД НЕР, Бајрам Реџепи, за Фактор најавува дека оваа година, откако проектите ќе бидат пуштени во употреба, друштвото ќе почне да остварува приходи.

Како што веќе пишувавме, Национални енергетски ресурси, или скратено АД НЕР, на крајот на минатата година изби на позицијата убедливо најголем должник во државава од јавниот сектор, со неплатен долг од дури 83 милиони евра. Овие податоци ги објавува Министерството за финансии на крајот на секој квартал, а АД МЕР за прв пат во историјата на земјава се искачи на прво место според задолженоста на листата на „неславни“ државни борчлии, преземајќи ја таа непосакувана позиција од досегашниот „вечен“ прв должник, МЖ „Транспорт“. Или, на крајот на третиот квартал од годинава, што значи пред само три месеци, долгот на НЕР бил на ниво од 23 милиони евра, што значи дека за само три месеци задолженоста им пораснала за цели 60 милиони евра.

Зошто дојде до вака рапиден пораст на долгот, Фактор праша директно до раководството на АД НЕР. Директорот Реџепи вели дека ова се должи на заем земен од државата во 2015 година, каде АД НЕР како државно акционерско друштво се јавило како подзаемен корисник. Бидејќи претпријатието се уште не остварува приходи, долгот се уште не може да се врати и лани бил репрограмиран.

„Во 2015 година владата преку Министерството за финансии склучила договор за заем со Дојче Банк и Ерсте Банк, во вредност од 90 милиони евра за изградба на три лота од преносната  мрежа на природен гас во државата. АД НЕР е подзаемен корисник на овој заем. Бидејќи АД НЕР уште не остварува приходи од дејноста, овој долг не беше во можност да се подмири. Но, тоа е така планирано. Оваа година ќе се пуштат во употреба сегашните проекти и со тоа ќе почнеме да остваруваме приходи, со што ќе поче да се подмирува овој долг. Затоа, минатата година беше направен репрограм на овој долг кон Министерство за финасии“, објаснува за Фактор директорот на АД НЕР, Бајрам Реџепи.

Како што веќе пишувавме, АД НЕР ќе направи уште едно задолжување, а тоа е заемот од 29,8 милиони евра кој ќе биде земен од Европската инвестициска банка, за изградба на Интерконекторот кон Грција. Тој заем ќе го земе токму АД НЕР, а за него гарантира државата, за што беше изгласан и Закон во Собранието во декември минатата година. Инаку, со Интерконекторот за гас од Грција треба да се овозможи земјава да се снабдува од повеќе различни извори со гас, како исклучително значаен енергенс. АД НЕР и ДЕСФА Атина веќе потпишале Договор за соработка, со кој двете страни се обврзале навремено да го изградат Интерконекторот, секој на територијата на својата држава. Целиот овој проект од наша страна треба да го спроведува токму АД НЕР. Инаку, вкупната инвестициона вредност на Интерконекторот ќе биде 57,8 милиони евра. 

Фактор го праша директорот Реџепи кога ќе се случи спојувањето на АД НЕР со ГА-МА и дали од таа одлука зависи кредитирањето на Интерконекторот кон Грција од страна на ЕИБ.

Првиот човек на АД НЕР за Фактор вели дека одлуката за спојување е веќе во владина постапка и се очекува да биде донесена на наредните владини седници. Целата постапка ќе трае неколку месеци, а планот е формалното спојување да биде формализирано до средина на оваа година.

„Кредитирањето на интерконекторот со Грција не зависи од тоа, бидејќи договорите веќе се потпишани. Повлекувањето на средствата е условено со спојувањето, но тоа не ни претставува никаков проблем, бидејќи сигурно нема да има доцнење во спојувањето“, вели Реџепи.

За долгонајавуваната траса од гасоводот од Клечовце до Штип, и за прашањето кога ќе протече гас по таа делница, директорот на АД НЕР вели дека планот е оваа делница да биде пуштена во употреба во текот на оваа година.

Инаку, јавноста долг период наназад се прашува каков напредок е остварен во изградбата на преносната гасоводна мрежа. Реџепи вели дека веќе се изградени 270 километри, а за оваа година остануваат уште осум километри, но најголем проблем е експропријацијата. 

„Во трите делници што се во тек на градба се веќе изгадени околу 270 километри, за оваа година ни остануваат уште околу осум километри. Во нормален режим на работа успеавме да градиме и по еден километар на ден, но најголемиот проблем во реализацијата на овие проекти е експопријацијата, и тоа на зависи од нас.  Планот ни е оваа година да завршиме со градбата на овие проекти, но во време на пандемија не знам дали можеме да дадеме точни рокови, бидејќи има многу непредвидливи ситуации. Но, изградбата на преносната мрежа секако дека ќе продолжи и со нови пректи, и тоа ќе биде во постојан развој во наредните 10 до 20 години“, објаснува реџепи за Фактор.

НЕР е акционерско друштво за вршење на енергетски дејности во државна сопственост, кое е формирано во 2010 година, со цел реализација на проектот за изградба и развој на националниот гасоводен систем во земјава, односно изградба на магистрални гасоводи за пренос на природен гас, како и интерконекции со преносните системи на соседните држави, или со меѓународните транзитни гасоводи.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра