Добивај вести на Viber
Српската Влада подготвила нов нацрт-закон со кој се предвидува воведување на акцизна давачка за сите безалкохолни пијалоци, со исклучок на минералната вода.
Како што објавува „Блиц“, акцизата е предвидено да изнесува од еден до два динари за литар. Акцизата ќе важи дури и за негазирана вода, доколку во неа има додаток, на пример, екстракт од лимон.
Новата давачка треба да почне да се пресметува веќе од Нова година.
Од 1 јануари во Србија ќе се зголеми акцизата и за течниот нафтен гас, дизелот и биогоривата. И цигарите ќе имаат поголеми давачки. Така специфичната акциза која се наплатува за секоја кутија цигари ќе се зголеми за два динари, а таканаречената минимална акциза, која се утврдува врз основа на растот на цениуте на мало и продажните количества во втората половина од годинава, ќе се зголеми за три динари.
Истовремено, српската Влада треба да разгледа и измени на Законот за данок на добивка, со кој даночната стапка по овој основ би се намалила од 15 на 13 проценти. Властите веруваат дека со ваква измена би се придонело за зголемување на интересот на инвеститорите за вложување во Србија.
Сите овие измени би требало да бидат усвоени најдоцна до 25-ти декември.