Добивај вести на Viber
Српските власти бараат итна истрага за убиството на 25-годишен српски навивач синоќа во Истанбул, за време на кошаркарскиот натпревар Црвена Ѕвезда - Галатасарај.
Инцидентот поприма дипломатски размери и заради една провокативна изјава од тренерот на турскиот клуб, кој ги нарече српските навивачи „терористи“.
„Ја напаѓаа нашата полиција и нашите навивачи со факели и камења. Тие 300-400 терористи Евролигата би морала да ги суспендира тиа луѓе. Бев загрижен како граѓанин, на друго место нема вакви работи“, изјави тренерот на Галатасарај Ергин Атаман.
Заради ваквата изјава српскиот премиер Александар Вучиќ изјави дека Атаман не е добредојден во Србија, а од турските власти побара сторителите на убиството веднаш да бидат откриени и најстрого казнети.
Атаман потоа се извини за изјавата, велејќи дека во моментот кога кажал таква квалификација не знаел за убиството на српскиот навивач.
„Сакам да им изразам сочувство на Црвена Ѕвезда и на навивачите, ме потресе оваа трагедија за која нема место во спортот или животот. За време на пресконференцијата по натпреварот не знаев за загубениот човечки живот“, истакна тренерот на домаќините.