Спојувањето на двете најголеми берзи во Европа пропадна
Објавено во: Свет 29 Март, 2017
Спојувањето меѓу двете најголеми берзи на Стариот континент - Лондонската берза (LSE) и Дојче берза практично пропадна.
Причината - ЕК ја блокира зделката поради стравување дека ќе се создаде монопол во однос на некои финансиски услуги. Решението не е изненадување, откако минатиот месец LSE објави дека го отфрла барањето на ЕК да се лиши од својот мнозински удел во италијанската трговска платформа MTS. Според Комисијата продажбата на MTS би спречила создавање на монопол во трговијата со акции и би обезбедило решение за загриженоста на Брисел.
Спојувањето на двете берзи беше најавено минатата година и доби поддршка и од Лондон, така и од Берлин, и покрај претстојниот Брегзит.
Но несогласувањата во Германија се зголемија, откако стана јасно дека нов почеток на компанијата ќе биде со седиште во Лондон, а не во Франкфурт. Спојувањето предизвика критики и од Франција, Белгија, Португалија и Холандија, кои изразија загриженост за иднината на своите стокови берзи, сопственост на компанијата Euronext.
Ова е трет пат во кој LSE и Дојче берза се обидуваат да се обединат. Досега тие имале слични обиди во 2000 и 2005 година.
Од Дојче берза која одговара и за седиштето во Луксембургската куќа Clearstream и платформата за деривати Eurex, изјавија претходно овој месец дека сеуште има меѓународни амбиции, и покрај очекуваната забрана на спојувањето.