СМРТОНОСЕН, НО МАЛКУ ПОЗНАТ ВИРУС ПРЕДИЗВИКУВА ЕНЦЕФАЛИТИС: „Смртноста е многу висока“, д-р Горица Попова за Фактор
Објавено во: Македонија 04 Јуни, 2025 07:37
По смртта на еден маж и хоспитализацијата на друг во германската покраина Горно Баварија, јавноста повторно го насочи вниманието кон ретката, но фатална инфекција со вирусот Borna Disease Virus 1 (BoDV-1). Иако овој вирус најчесто е познат по тоа што предизвикува заболувања кај животни, сѐ повеќе докази укажуваат дека може да биде смртоносен и за луѓето.
Во разговор за Фактор, д-р Горица Попова, специјалист микробиолог, појаснува дека вирусот има исклучителен афинитет кон централниот нервен систем и води до сериозни оштетувања со висока смртност.
Што е вирусот Borna и каде се јавува?
-Болеста Борна или уште т.н. Borna Disease е ретко заболување, воглавно, кај овците, коњите но и други топлокрвни животни. Истото е предизвикано од вирус т.н. Borna disease virus 1 (BoDV-1). Болеста е карактеристична за централните делови на Германија, и всушност името потекнува од градот Борна во Саксонија каде во 1885 е опишана епидемија на невролошко заболување кај коњите кое било проследено со голема смртност. Во раните осумдесетти години кај експериментални модели на глувци кои биле инфицирани со вирусот, забележани се одредени пореметувања кои многу наликувале на карактеристиките на биполарните оштетувања кај човекот. Отогаш се наметнуваат одредени размислувања за инволвираноста на BoDV-1 при одредени невролошки заболувања кај човекот. Од скоро, интеросот за овој вирус е зголемен откако истиот е докажан како причинител на фатални енцефалопатии кај човекот. Кај домашните животни и човекот, вирусот има изразен афинитет кон централниот нервен систем каде истиот предизвикува перзистентни инфекции кои водат до имунопатолошко оштетување на нервниот систем проследено со висока смртност, појаснува д-р Попова.
Како се пренесува вирусот?
Таа посочува дека природен резервоар на вирусот е т.н. двобојна белозабеста штреберка од која што вирусот се шири преку плунка, фецес, урина, но начинот на пренос на вирусот од природниот домаќин на домашните животни и човекот се уште не е разјаснет.

-Реоните каде се среќава заболувањето се поклопува со природните живеалишта на домаќинот на вирусот. Според податоци од литературата, досега има 46 лабораториски (со RT-PCR) потврдени случаи на ова заболување кај луѓето со предоминантна клиничка слика на фулминантен енцефалит со голема смртност, вели д-р Попова.
Инкубација и симптоми и тек на болеста
Времето на инкубација може да биде од неколку недели до неколку месеци што зависи од начинот на инфекција и инфективната доза (количината на вируси со која сме се инфицирале). Инфицираните ииндивидуи може да имаат покачена температура, главоболка, различни невролошки нарушувања или нарушувања во однесувањето и болеста вообичаено напредува до кома. Смртноста е многу висока и настанува во тек на неколку месеци од почетокот на невролошката симптоматологија.
Антивирусна терапија и вакцина нема
Д-р Попова вели дека стандардизирана антивирусна терапија и превенција во форма на вакцина не постојат, така што единствена превентивна мерка е намалување на експозијата на вирусот.
Анита Буховски
Можеби ќе ве интересира
СПАСОВСКИ: Македонија не смее да стане земја што ќе спроведува азилски постапки за други држави, а притоа да ѝ остануваат мигранти што нема каде да ги врати
„ДЕЛОВНА ТАЈНА Е ДЕКА НЕ' ТРУЈАТ“: Арсовска тврди дека загадувачите добиле право да ги кријат доказите под мотото „деловна тајна“
УАПСЕН ЕКС ДРЖАВНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА: Осомничен е за поткуп од десетици илјади евра
Најголемиот шлепер во Македонија го вози жена и тоа токму оваа: „Најтешко е да си далеку од дома и од блиските“ - Цеце Мирчевска за „Женски магазин“
НЕ Е ЛЕСНО ДА СЕ РАБОТИ ДАЛЕКУ ОД ДОМА: Познатиот готвач Настески со потресно сведоштво „Поголема болка од ова нема!“
„ОВК НЕ БЕШЕ КРИМИНАЛНА ОРГАНИЗАЦИЈА, СЕ БОРЕШЕ ЗА ЕДНАКВОСТ НА АЛБАНЦИТЕ“: Протест за поддршка на осудените водачи на УЧК
ДЕТАЛИ ЗА ПАДНАТИОТ АВИОН ВО МАВРОВСКО ЕЗЕРО: Техничките податоци откриваат дека станува збор за вистински авијациски „олдтајмер“




