Добивај вести на Viber
Иако со пресуда на Европскиот суд за човекови права Словенија е обврзана да ги исплати некогашните штедачи во Љубљанска банка надвор од словенечките граници, премиерот Миро Церар не ја исклучува можноста земјата да возврати со контра-тужба против нив.
Имено, Церар појасни дека одлуката на Европскиот суд Словенија мора да ја изврши во согласност со законот и откако штедачите ќе и ги предадат податоците тие ќе имаат право на исплата на влогот. Но, тука не се вклучени побарувањата што Љубљанска банка ги имала кон нив.
„Тоа е сосема одвоено прашање и тука не ги исклучувам тужбите. Нашите побарувања мораат да се земат предвид. И другите имаа големи долгови кон „Љубљанска банка“, а тука не е исклучено дека ќе одиме со тужби. Тоа во моментов интензивно го проучуваме“, вели Церар.
Согласно пресудата од Европскиот суд, Словенија мора да најде системско решение за исплата на некогашните штедачи од поранешните ју-републики во рок од една година. Словенечкиот Парламент допрва треба да донесе оперативен закон за спроведување на пресудата и да обезбеди средства во државниот буџет зџа оваа намена.