05 Мај, 2024
0.0516

Сите зборуваат, никој не слуша

Објавено во: Колумни 22 Јули, 2015

Добивај вести на Viber

Често се сеќавам на една реченица  од Робин Шарма “не случајно имаш две уши, а само една уста” треба повеќе да слушаш, а помалку да зборуваш. Неодамна бев сведок на лоша комуникација меѓу мои пријатели. Тоа изгледаше како лоша ТВ дебата излезена од контрола, во која водителот нема ниту авторитет ниту пак можност нешто да промени, а во која главните автори, се надвикуваат, не се слушаат и се натпреваруваат кој повеќе и погласно ќе каже нешто, кој знае повеќе, кој ќе биде попаметен! За секој човек неговото мислење или  приказна е најважна. Ретко кога луѓето се подготвени  внимателно да го ислушаат соговорникот, без да го прекинат со цел да си го кажат своето! Човечкото его, недостигот на култура, неадекватното образование, неизвесното и стресно секојдневие влијаат на потребата од зборување и зборување, која само се зголемува. Дури и желбата нешто да се каже е многу поголема од стравот да не се погреши и да не се направи некој лапсус. Денес живееме во време кога трчаме по знаење, информации, вести, кои потоа што побрзо ги прераскажуваме, со цел да излеземе информирани, попаметни, за да оставиме впечаток или да се наметнеме некому. Сите зборуваат, а никој не слуша! А во сето тоа однесување забораваме на мудроста, на сталоженоста, на размислување за самите информации и колку се тие важни за нашиот живот или пак за другите, притоа ги прифаќаме информациите здраво за готово без оглед дали се измислени или се полувистинити, независно дали некој сака да оствари некаков интерес. Истражувањата покажуваат дека луѓето вестите со внимание ги гледаат првите минути од дневникот, а како одминува времето паѓа и концентрацијата на гледачот. Никој не размислува зошто некоја вест оди последна а зошто друга оди прва. Луѓето гледаат слики и ,,фаќаат,, сегменти од кажаното. Токму од таа причина огласувачите плаќаат многу повеќе за нивната реклама да се најде прва во рекламниот блок. Сето ова пренесено во обичната комуникација значи дека луѓето и ретко кога до крај слушаат што другиот сака да каже. Немањето почит за соговорникот е и причина зошто се повеќе се стеснуваат круговите на пријателства и нема блискост меѓу луѓето. А доколку само малку повеќе во текот на денот  би обрнале внимание на другите и би ги ислушале до крај, сигурно би биле подобри менаџери, подобри родители и пријатели и во нас луѓето би имале поголема доверба и почит. Со самото тоа и самите ние би чувствувале помал притисок дека постојано треба нешто паметно да кажеме, би биле повеќе релаксирани и секако посреќни. А колку повеќе зборуваме, значи дека помалку размислуваме и се задоволуваме со површноста и тривијалноста на животот, разминувајќи се со суштинските работи во нашиот живот. Илјада пати ќе се покаеш за она што си го кажал, а ретко за она што ќе го премолчиш, има напишано Меша Селимовиќ, во делото “Дервишот и смртта”. За жал луѓето се помалку жалат  за она што ќе го кажат и продолжуваат да зборуваат и зборуваат. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина