СИНДИКАТИТЕ И СО ПОМАЛКУ ЧЛЕНОВИ ЌЕ БИДАТ РЕПРЕЗЕНТАТИВНИ – се менува законот, зошто владините претставници пристапија кон ваков предлог?
Објавено во: Економија 02 Јуни, 2025 07:30
Со законски измени ќе се намалува бројот на членови во синдикатите, односно ќе се намали условот за репрезентативност на синдикалните здруженија. Како што е посочено во предлог законот доставен во Собранието од сегашните 10 отсто од вкупниот број на вработени во земјава, на синдикалните здруженија во иднина ќе им бидат доволни само пет отсто од вкупниот број на вработни.
На предлог на група пратеници во Собранието веќе е доставен Законот, и во него како што пишува „се предлага измена на членот од Законот за работните односи со која условот за определување на репрезентативност на синдикатот за територијата на Република Северна Македонија се намалува од постоечките 10 отсто на 5 проценти од вкупниот број на вработени во Македонија кои плаќаат членарина на синдикатот“.
- Со оваа измена се врши изедначување на условите за определување на репрезентативност на синдикатите со организацијата на работодавачите и се одредува ист процент од 5 проценти – пишува во законското решение за кое предлагачите бараат да се донесе по скратена постапка.
Зад овој предлог стојат пратениците Аднан Азизи, Беким Ќоку, Бобан Карапејовски, Бојан Стојаноски, Ваљбона Адили-Емини, Имрлије Салиу-Фетаи, Мимоза Муса, Саранда Имери-Стафаи, Фериде Хаџиу.
Станува збор за пратеници од редовите на владејачката коалиција, поточно има претставници од сите партии, од поранешната коалиција „Вреди“ кои сега се една политичка партија, но и од ЗНАМ и од ВМРО-ДПМНЕ.
Согласно објаснувањето со измените се намалува процентот за определување репрезентативност на синдикатот и се врши изедначување на условите за определување на репрезентативност со организацијата на работодавачите и се одредува ист процент од 5 отсто.
Согласно сегашниот важечки закон, репрезентативен синдикат за територијата на Македонија е синдикат кој е запишан во регистарот на синдикати кој го води министерството надлежно за работите од областа на трудот, а во него да членуваат најмалку 10 отсто од вкупниот број на вработени во Македонија кои плаќаат членарина на синдикатот. Тој исто така треба да здружува најмалку три синдикати на национално ниво од различни гранки, односно оддели, согласно со Националната класификација на дејности кои се запишани во регистарот на синдикати кој се води во министерството надлежно за работите од областа на трудот. Тие исто така треба да дејствуваат на национално ниво и да имаат регистрирани членки во најмалку 1/5 од општините во Македонија...
Законот исто така утврдува дека репрезентативен синдикат на ниво на јавен сектор е синдикатот кој е запишан во регистарот на синдикати кој го води министерството надлежно за работите од областа на трудот и во кој се зачленети најмалку 20 отсто од бројот на вработени во јавниот сектор и кои плаќаат членарина.
Кои се сегашните причини за промени на Законот останува енигматично. Досега ниту една партија не обзнани во јавност дека се планираат вакви измени и што сака да се постигне со тоа.
Од друга страна, сведоци бевме на неодамнешните препукувања меѓу лидерот на Сојузот на синдикатите на Македонија и еден од пратениците во Собранието од редовите на владејачката коалиција. Иако сегашните владини претставници во минатото имаа средби со најголемиот синдикат во земјава со ветување за подобрување на состојбите по промена на власта, се случи обратен терк.
Какви резултати ќе има намалувањето на репрезентативноста на синдикатите веројатно ќе видиме наскоро.
П.О.Можеби ќе ве интересира
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети
Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март
Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година
СЕ ЗГОЛЕМУВА ЦЕНАТА НА БЕНЗИНОТ: Оваа земја прв пат по 2019 година ја качува цената на горивото
ТАЈНО КУПУВААТ РУСКА НАФТА, А НАС НЕ КРИТИКУВААТ: Сијарто со обвинувања до западноевропските земји
Азески во работна посета со раководството на Филип Морис во Скопје
„ЛЕГЕНДАРНИОТ 'ШПАНЕЦ' СЕ ВРАЌА НА ГОЛЕМА ВРАТА - СЕГА Е МОДЕРНИЗИРАН СО НОВ ДИЗАЈН“: Коруновски објави видео од тест возењето на легендарниот воз
(ВИДЕО) СЕ ВРАЌА НА ШИНИТЕ: МЖ Транспорт го претстави целосно обновениот „Шпанец“
Која е најнапредната економија во светот за 2025 година?




