27 Април, 2024
0.0353

Шверц

Објавено во: Колумни 17 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Во искрената намера да се засолнам од секојдневното бомбардирање (избалансирано) со разни платени и неплатени политички емисии на овдешниве медиуми шетам со далечинското в рака по програмите, главно, на соседите.

Ми направи впечаток информацијата од кај нашиот северен сосед дека  во градскиот сообраќај на неговиот главен град безмалку никој не плаќа возен билет, односно дека белграѓани се возат шверц. Решението го бараат во изградбата на метро, во кое за да се влезе,а и да се излезе мора да се купи возен билет. Настрана тоа што зафатот ќе чини едно чудо пари, евра-разбира се. Но, тоа си е нивна работа.

Шверцот во автобусите на ГСП, на фудбалски натпревар, на игранка, на концерт и во кино, кај нас во Скопје беше нешто што се подразбираше. Беше стил на живот на една цела генерација. За возење во автобус имавме месечна карта за две возења дури трае школската година, но со впишан датум, која не важеше во саботите и неделите. Кај е секојдневното излегување на корзо, кај се посетите на утакмиците на сите нивоа-од сојузно до локално,па кај се рандевуата и што уште не. Џепарлакот од тенок- потенок, за што побргу да го намениш-сакал нејќел одиш на шверц варијанта, барем кога стануваше збор за превоз низ градот што се распосла на релации што се потешко се совладуваа пешки. Кондуктерите имаа печатчиња со кои ни го заверуваа возењето, но ние безгрешно знаевме кој кондуктер е на линијата и се возевме во неговата смена за која важи неговиот број од мастилавиот муур на месечната. Користевме и билети што патниците на излегување ги лепеа  над излезот од возилото наводенети со плунка, а често од немајкаде се правевме „на тошо“ стравувајќи потајно од контролорите главно  регрутирани од пионерското вовче што замина во историјата.

Не можам а да не се сетам на легендарната урбана прикаска за Џанго (секој маалски мангуп го имаше прекарот добиен од култниот каубоец од италијанско потекло-„ пуца први“) кој на барањето на контролорот да покаже возен билет одговара одважно-„Џанго не вади карта“!Сосе патниците автобусот го носат во полициската во Карпош, а на повтореното прашање од дежурниот фатениот повторно одговара-„Џанго не вади карта,Џанго има месечна“! Урнебес од смеа и одобрување од патниците главно корзаџии, студенти и средношколци.

Кога ни заврши ерата на „чичко да влезам со тебе“ на утакмица влегувавме со фалс- влезници што Бела, Папац и компанија успешно ги токмеа од штотуку фрлени и подготвени за палење влезници од страна на редарите, дури беа и перфорирани како да се вистински. Како и да е поминуваа,влегувавме и здушно се деревме и навивавме со цел глас за нашиот Вардар или Работнички, сеедно. По истиот терк се шверцувавме секаде каде што требаше да се купи влезница и тоа го сметавме за сосема нормално, што имаше тука чудно-немаш ни скршен динар у џеп, а сакаш да гледаш нешто по секоја цена...

Белграѓани ќе се возат со метро по некоја година,сетики,но во си-ви-то и во спомените ќе им остане запишано дека возењето шверц им бил стил на живот во некое време-се ла ви...

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД