07 Мај, 2024
0.0197

ШТО ЗНАЧИ ДЕНЕШНОТО ПРЕДАВАЊЕ НА ЕРМЕНЦИТЕ - Аналитичар вели: Европската унија и САД се губитници

Објавено во: Спорт 20 Септември, 2023

Добивај вести на Viber

Етничките Ерменци во отцепениот азербејџански регион Нагорно-Карабах денеска се согласија на рускиот предлог за прекин на огнот, 24 часа откако Азербејџан започна офанзива за да ја врати контролата врз енклавата во која загинаа десетици, а стотици беа повредени.

Ерменските сепаратистички сили во Карабах рекоа дека Азербејџан ги прекршил нивните линии и запленил бројни високи и стратешки патни јазли додека светот стоел на страна и не преземал ништо. Самопрогласената „Република Арцак“ соопшти дека во такви околности нема друг избор освен да ги прекине непријателствата денеска во 13 часот по локално време.

„Постигнат е договор за целосен прекин на непријателствата“

„Властите на Република Арцах го прифаќаат предлогот на командата на рускиот мировен контингент за прекин на огнот“, се вели во соопштението. „Со посредство на командата на рускиот мировен контингент стациониран во Нагорно-Карабах, постигнат е договор за целосен прекин на воените дејствија од 13 часот на 20 септември 2023 година.

Азербејџан потврди дека е постигнат договор за прекин на огнот. Руските мировни сили му го пренесоа на Азербејџан апелот на Ерменците од Карабах за прекин на огнот.

Како сето тоа започна?

Азербејџан ја започна својата операција против Нагорно-Карабах во вторникот, откако некои од неговите војници беа убиени во, како што рече Баку, напади од планинскиот регион, кој Азербејџан го изолираше.

Баку побара сепаратистичките политички власти во Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, исто така да се распуштат пред какви било разговори за иднината на регионот, кој Азербејџан сака целосно да го интегрира, и да го положат оружјето и да се разоружаат.

Сепаратистите го полагаат оружјето, утре почнуваат преговорите за реинтеграција

Ерменските сепаратисти од Нагорно Карабах најавија дека денеска ќе го положат оружјето како дел од постигнатиот прекин на огнот и дека утре ќе започнат преговорите за реинтеграција на спорниот регион во Азербејџан.

„Постигнат е договор за повлекување на преостанатите единици и војници на вооружените сили на Ерменија... и за распуштање и целосно разоружување на вооружените формации на одбранбената армија на Нагорно-Карабах“, соопшти раководството на сепаратистите, најавувајќи почеток на преговорите за „реинтеграција“ на територијата во Азербејџан утре во азербејџанскиот град Џевлах.

Министерството соопшти дека ерменските сили во Карабах се согласиле „да го остават оружјето, да ги напуштат борбените и воените позиции и целосно да се разоружаат“ и да го предадат целото оружје и тешката опрема на азербејџанската армија.

Што значи прекинот на огнот за регионот и светот?

Томас де Вал, виш соработник во Истражувачкиот центар Карнеги Европа, коментираше за Гардијан што значи денешниот прекин на огнот за регионот и светот.

„Примирјето е позитивно, очигледно, доколку трае, бидејќи заканата од масовно крвопролевање ќе биде избегната“, рече Де Вал. „Она што го гледаме овде е интервенцијата на Русија во име на Азербејџан со цел да ги задржи своите мировни сили во Карабах барем на некое време, а со тоа и упориштето во Јужен Кавказ“, додава тој.

Главните губитници се Ерменците од Карабах кои ја загубија својата 35-годишна борба за самоопределување или отцепување од Азербејџан. Тие сега губат секакви средства за самоодбрана и се соочуваат со многу неизвесна иднина во Азербејџан. Карабах можеби избегна целосно уништување, но поверојатно е дека ќе се соочат со бавно отстранување од нивната татковина, бидејќи Азербејџан не им нуди никаква автономија или посебни политички права“, објасни тој.

Други губитници, рече тој, „се Европската Унија и Соединетите Држави, кои многу се трудеа да бидат посредници во овој конфликт, но чија порака за правата и меѓународните гаранции беше удавена во поострите пораки на Азербејџан и Русија“.

Индекс.хр

Фото: EPA