14 Декември, 2025
0.0537

Што покажува трговската размена со светот и каде се загуби извоз вреден 313 милиони евра?

Објавено во: Економија 08 Октомври, 2024 09:57

Добивај вести на Viber

Како и досега во континутитет имаме кусок во трговската размена со светот. И тоа не е толку страшно особено затоа што увозот пораснал, но само на ниво од статистичка грешка. Значи нешто веќе видено и ние знаеме да живеевме со тоа. Но сега имаме ситуација во која се намалува нашата конкурентност односно се намалува вредноста на нашиот извоз. И тоа е сигнал што ако се повторува и во наредните месеци треба да ја зголеми „борбената“ готовност сите што го креираат извозниот амбиент на македонската економија

Македонскиот вкупен извоз во првите осум месеци годинава е помал за 313 милиони евра во споредба со истиот период лани, а нашите компании надвор испорачале стоки во вредност од 5,19 милијарди евра. Ако има во лошото нешто добро тоа е што увозот е речиси на исто ниво како и лани, а кусокот од трговската размена со странство изнесува 2,15 милијарди евра, покажуваат официјалните податоци од најновиот статистички преглед на Државниот завод за статистика достапен на следниот линк https://www.stat.gov.mk/pdf/2024/7.1.24.12_mk.pdf

Важно е да се истакне дека наш најголем трговски партнер останува Германија со која традиционално имаме суфицит во трговската размена. На тој пазар нашата економија пласирала стоки вредни 2,157 милијарди евра. Но има и лоша вест. А таа е дека нашиот извоз таму е намален за речиси 300 милиони евра во споредба со истиот период во 2023 година.

Лошо е и тоа годинава се намалил и нашиот извоз во соседна Грција. И тоа за 32 милиони евра помалку од лани. Годинава за првите осум месеци во Грција сме пласирале стоки во вредност од само 181,6 милиони евра. Дефицитот со соседна Грција традиционално е голем пред се заради увозот на нафтени деривати и годинава до крај на август изнесува 493 милиони евра. И тоа е најголемиот реален дефицит, по оној со Велика Британија кој  пред се е креиран од суровините и репроматеријали што ги увезува „Џонсон Мети“ Скопје.

Светла точка на нашата надворешна трговска размена е растот на извозот во Чешка. Годинава тој изнесува 186,8 милиони евра и е зголемен за 60 милиони евра во однос на истиот период лани.

Косово останува наш најлојален партнер и пазар. Таму се извезени наши стоки вредни 241 милиони евра. Но не е добро тоа што извозот годинава е помал за 16 милиони евра. Нашиот суфицит од косовскиот пазар годинава е 171,4 милиони евра.

Вреди да се истакне и тоа што е намален нашиот извоз во Белгија. И тоа за 90 милиони евра во споредба со лани. Голема е веројатноста дека причина за тоа е периодот кога беше запрено производството на автобуси во „Ван Хоол“. Извозот за осум месеци годинава изнесува 106 милиони евра.

Очекувано најголем трговски дефицит имаме со Кина. Вкупниот увоз од таму изнесува 691,2 милиони евра и е повисок за 54 милиони евра од лани. При тоа кусокот во трговската размена е 655,6 милиони евра. И тука треба да се знае дека нашиот скромен извоз на најголемиот светски пазар е преполовен во однос на лани и сега изнесува скромни 39 милиони евра.

Една од двете земји од ЕУ со која имаме суфицит е Унгарија. Нашиот извоз таму годинава изнесува 181 милиони евра и бележи пад од 11 отсто. Сепак ние сме во плус безмалку 40 милиони евра од нашата трговска размена.

И за да не биде дека е се црно треба да се истакне дека имаме суфицит во нашата трговска размена со земјите од ЕУ и дека нашиот вкупен извоз таму изнесува над 4 милијарди евра, а во него само германскиот пазар учествува со 2,16 милијарди евра.

Р.Ф.

Можеби ќе ве интересира

Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети

Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети

Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март

Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март

Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година

Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година

СЕ ЗГОЛЕМУВА ЦЕНАТА НА БЕНЗИНОТ: Оваа земја прв пат по 2019 година ја качува цената на горивото

СЕ ЗГОЛЕМУВА ЦЕНАТА НА БЕНЗИНОТ: Оваа земја прв пат по 2019 година ја качува цената на горивото

ТАЈНО КУПУВААТ РУСКА НАФТА, А НАС НЕ КРИТИКУВААТ: Сијарто со обвинувања до западноевропските земји

ТАЈНО КУПУВААТ РУСКА НАФТА, А НАС НЕ КРИТИКУВААТ: Сијарто со обвинувања до западноевропските земји

Азески во работна посета со раководството на Филип Морис во Скопје

Азески во работна посета со раководството на Филип Морис во Скопје

„ЛЕГЕНДАРНИОТ 'ШПАНЕЦ' СЕ ВРАЌА НА ГОЛЕМА ВРАТА - СЕГА Е МОДЕРНИЗИРАН СО НОВ ДИЗАЈН“: Коруновски објави видео од тест возењето на легендарниот воз

„ЛЕГЕНДАРНИОТ 'ШПАНЕЦ' СЕ ВРАЌА НА ГОЛЕМА ВРАТА - СЕГА Е МОДЕРНИЗИРАН СО НОВ ДИЗАЈН“: Коруновски објави видео од тест возењето на легендарниот воз

(ВИДЕО) СЕ ВРАЌА НА ШИНИТЕ: МЖ Транспорт го претстави целосно обновениот „Шпанец“

(ВИДЕО) СЕ ВРАЌА НА ШИНИТЕ: МЖ Транспорт го претстави целосно обновениот „Шпанец“

Која е најнапредната економија во светот за 2025 година?

Која е најнапредната економија во светот за 2025 година?