19 Декември, 2025
0.0610

Што погрешија енергетските политики и како да се зајакне моќта на граѓаните - Анализа со Видоески

Објавено во: Економија 03 Ноември, 2022 07:14

Добивај вести на Viber

Македонија беше една од најдобро оценетите земји во Европската енергетска заедница, со обврските за либерализација на пазарот на струја и ветувањата дека до 2030 година ќе ги затвори електраните на јаглен. Но, заканите од енергетска сиромаштија во пресрет на зимата и грејната сезона ги покажаа сите слабости на виделина.

За тоа дали и како можеше да се ублажи енергетската криза, но и што треба итно да се преземе за долгорочна стабилност, разговараме со Срѓан Видоески, магистер по управување со енергетски ресурси и енергетска транзиција, кој се образувал во Франција и Шведска и има искуство со водење проекти низ Европа и регионот.

Како се случи овој расчекор на ветувања и економски реформи, а од друга страна на значително поскапување на енергенсите (покрај инфлаторниот притисок од странство) и неизвесност дали ќе има струја, парно, горива, како и бавност и несигурност за индивидуални инвестиции во соларни панели (фотоволтаици)?

ВидоескиСтратегијата за енергетски развој од 2019 година покажува дека и од финансиски аспект како најисплатливо е оценето зеленото сценарио за енергетска транзиција, кое предвидува драстично зголемување на производство на струја од обновливи извори на енергија како и постепено затворање и трансформација на Осломеј и РЕК Битола.

Сепак, веќе во 2021 година Македонија прогласи енергетска криза, која се одолговлечи, а со војната во Украина веќе се продлабочи како кај нас така и насекаде во регионот. Поскапените енергенси и руската агресија врз Украина како надворешни околности, врз кои што нашата земја има малку контрола, можат многу лесно да послужат како главен аргумент и изговор за забавената енергетска транзиција.

Но, и покрај неспорното влијание врз продлабочувањето на енергетската криза што ја има војната во Украина, факт е дека и реформите кои што би требало да донесат поголема пазарна либерализација и демократизирање на енергетскиот сектор, не ќе беа во целост успешни.

Кои се недостатоците или грешките во досегашната енергетска државна политика?

Видоески: Од аспект на енергетска демократија и пазарна либерализација, македонските власти направија две грешки кои веќе носат поголеми последици и поскапувања кои можеби ќе беа помалку драматични. Прво, отварање на енергетскиот пазар за инвестирање во обновливи извори на енергија само за големи инвеститори, наместо создавање на поволни услови за сите граѓани и мали претпријатија да се вклучат во транзицијата брзо и лесно, и второ, отворање на линија на субвенции за обновливи извори на енергија кои што брзо почнаа да се слеваат кон изградбата на штетните мали хидроцентрали и кон големите соларни капацитети, наместо кон широка децентрализација и претставување и поттикнување на концептот „просумери“, односно маса на мали потрошувачи на струја кои сами ќе инвестираат во сопствено производство од обновливи извори на енергија, преку соларни панели, мали ветерници, или биогас.

Разбирливо е дека големите капацитети и тоа како се потребни од аспект на енергетска сигурност и побрзо достигнување на поставените цели за зголемено производството на струја од обновливи извори на енергија. Но, важен елемент на енергетската сигурност, а и на самата енергетска транзиција, е и широката децентрализацијата и локалното самоуправување со производството и дистрибуцијата на струја, а тука нашите власти потфрлуваат.

Со промовирање на просумери, граѓанска енергија, енергетски задруги и заедници, и слични мали проекти кои би задоволиле значителен дел од локалните потреби за струја и греење низ регионите и општините во Македонија, значително би се растовариле големите производствени капацитети, за нивното производство да се насочи претежно за потребите на индустријата, обезбедување на енергетска сигурност и покриеност на регионите кои би потфрлиле во децентрализацијата. Со таквиот пристап земјата би го постигнала и посакуваното зелено сценарио значително побрзо и подемократски, со рамноправно учество на сите локални заедници, домаќинства и мали претпријатија.

Какво е вашето досегашно искуство на работа на проекти со обновливи извори на енергија, поконкретно на ветерни централи во регионот и во Европа, какви иницијативи ни се неопходни за да направиме исчекор во енергетиката, не само од аспект на производството и намалување на зависноста од увоз, туку и на ширење на енергетската демократија и правилна и праведна енергетска транзиција?

Видоески: Како позитивни примери кои би можеле да се следат, и покрај нивните маани и недостатоци кои и таму ги има, вреди да се споменат Германија и Шведска. Како една од водечките европски и светски економии, Германија уште со зачетокот на иновациите во полето на обновливите извори на енергија, обезбеди рамноправно учество на сите релевантни актери, за и тие да придонесат кон трансформацијата на енергетскиот систем, преку соодветни субвенции и олеснети процедури, како и функционална децентрализација на преносот и дистрибуцијата на електрична енергија, како и централното греење. Локалното население и локалното управување со струјата и грејните решенија таму прераснаа во една од клучните алки на енергетската транзиција, и покрај критиките за пребрзото затворање на термоцентралите, зголемената зависност од рускиот гас, и комплицираната координација на федерално ниво.

Што се однесува пак до моето досегашно искуство со студии и работа во Шведска преку Упсала Универзитетот, таму увидовме примери за тоа како функционира зелена енергетска транзиција според скандинавскиот модел на социјална демократија. Шведска е земја со највисок процент на учество на обновливите извори на енергија од преку 50 отсто од потребите за струја во земјата. Најмногу преку ветерните паркови, а во последните години и со модерните соларни електрани кои максимално ја искористуваат расположливата светлина во тие северни краишта. Во Шведска главните двигатели на успешната енергетска трансформација се токму тие алки од синџирот кои се недоволно застапени кај нас: локалното учество и одобрување, и тоа преку јасни хиерархиски процедури со моќ на одлучување на граѓаните за големи проекти во нивна непоредна близина.

И покрај енергетската криза во Македонија и натаму не може да се формираат енергетски задруги кои ќе може заеднички да инвестираат во проекти за обновливи извори на енергија, како кај домаќинствата, така и кај земјоделските стопанства, малите компании и потрошувачи како училишта, болници, културни и спортски институции. Кое искуство од регионот и пошироко може да се примени?

ВидоескиМакедонските власти да усвојат и само дел од принципите и законите во Шведска и Германија како земја аспирант за ЕУ, ќе обезбедат многу поправична и подемократска енергетска транзиција. Еден од начините за обезбедување на таа толку посакувана праведност и демократија е да се воведе законска регулатива за формирање енергетски задруги и заедници, како и дополнителна либерализација на пазарот за дистрибуција и трансмисија на електричната енергија.

Така ќе се поттикне движење кое покрај тоа што ќе придонесе за зелената енергетска транзиција, ќе обезбеди и локална енергетска сигурност и ќе ја намали зависноста од неколкуте големи производствени капацитети. Дополнителна вредност ќе биде и отворањето на полето за дискусии за енергетиката како еден од најважните државни сектори и политики во чие креирање и иднина ќе земат учество сите граѓани на Македонија.

И покрај многуте аргументи кои можат да бидат набројани во директен напад на таквиот пристап на отвореност и демократизација, дека за енергетиката сметка треба да водат експерти, а не сите граѓани, или пак дека на мала држава како нас ни се доволни големите производствени капацитети, како и често споенуваниот аргумент дека западноевропски примери не се лесно применливи на Балканот - не треба да заборавиме дека Хрватска и Словенија со кои до скоро делевме иста држава веќе го одат тој пат.

Добра вест е што од неодамна Министерството за транспорт и врски објави дека процедурите за инсталирање на сопствени капацитети за производство на струја од сонце драстично се упростуваат, но тоа е реформа што требаше да биде донесена уште одамна и која би требало да биде надградена и со воведување на регулатива за енергетски задруги и заедници, како и понатамошно отворање на пазарот за дистрибуција со можност за вклучување на локални заинтересирани актери.

Колку регулативата „Чиста енергија за сите Европјани“ е усогласена со македонското законодавство и кои се клучните елементи кои треба да овозможат зголемување на моќта на одлучување на самите граѓани?

ВидоескиСо донесувањето на Стратегијата во 2019 година, како и со Националниот план за енергија и климатски промени во 2021, нашата Влада усвои два важни документи кои носат свои одговорности и обврски, како кон ЕУ, така и кон ЕЕЗ. Домашните регулативи кои се донесуваат во изминативе неколку години во голема мера ги следат препораките на ЕК и ги пресликуваат европските регулативи, барем кога станува збор за стратешките определби и долгорочните таргети.

Сепак, нашите власти потфрлуваат со пократките оперативни цели и подзаконски регулативи, кои наместо поддршка за дополнителна демократизација на енергетскиот пазар, локално учество, и децентрализација, кои би се постигнале преку поттикнување на малите производители на струја и преку создавање на функционални енергетски задруги, се дава голема поддршка и субвенции на големи инвеститори и големи производствени капацитети за кои локалното население каде што се градат и планираат ретко се консултира.

Додека енергетската транзиција не стане локална и демократска, Македонија ќе постигнува таргети за обновливи извори на енергија, а без суштински да има вистинска енергетска транзиција која ќе ги вклучува елементите на праведност и рамноправно учество на сите.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата

Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата

ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите

ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Во која земја од ЕУ храната е најевтина?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Хрватска ги заострува условите за вработување странци

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Во кои европски земји најмногу поскапе млекото?

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра

Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра