Што мислат Русите за уште еден мандат на Путин?
Објавено во: Свет 16 Ноември, 2016
Две третини од Русите сакаат претседателот Владимир Путин да остане на чело на државата уште еден мандат.
Ова го покажуваат објавените податоци од анкета на агенцијата „Левада-центар", кои беа јавно презентирани денеска. Во анкетата 63% од испитаниците изјавиле дека Путин треба да продолжи да управува и по 2018 година, кога се следните претседателски избори.
Тоа е речиси два пати повеќе отколку пред 4 години, кога само 34% сакаа Путин да добие нов мандат. Бројот на Русите, кои се противат на идејата тој да остане на чело на државата за уште еден мандат, за последните четири години паднал од 40% до 19%. Покрај тоа само 26% од учесниците во анкетата сметаат дека до 2018 година во Русија може да се појави нов лидер, способен да го замени Путин. Медиумите потсетуваат дека гласањето за шеф на државата е закажано за 11 март 2018 година, за кога намера да се кандидираат имаат лидерот на либералдемократите Владимир Жириновски и основачот на партија "Јаблоко" Григориј Јавлински. Самиот Путин во септември годинава во интервју за Блумберг рече дека уште не донел одлука за учество на следните избори.