03 Мај, 2024
0.0289

Што да очекувате од агенцијата за односи со јавност?

Објавено во: Колумни 08 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Креирањето имиџ отсекогаш било предизвик! Денес потрошувачите се насочени кон веќе познати и сигурни брендови, додека градењето имиџ на нов производ бара креативност и упорност. Благодарение на дигиталните медиуми информацијата може многу брзо да се прошири, но за да стигне на вистински начин до оние за кои е наменета, потребно е да биде креирана според нивните потреби, за нив разбирлив јазик, и да остави можност за дијалог. Потрошувачот е инволвиран, заинтересиран и моќен, постојано прашува, коментира и реагира на одредени информации, посебно преку социјалните мрежи, и многу е потешко врз него да се влијае. Токму поради тоа информацијата треба да ги има во предвид неговите потреби и психофизички карактеристики. Во такви услови, односите со јавноста како активност се повеќе се наметнуваат како неопходност, иако во Македонија сѐ уште постојат сопственици и менаџери на компании кои ја отфрлаат потребата од нив. Повеќето од незнаење, но и поради нивниот затворен и недоверлив начин на раководење со своите компании. Во суштина менаџерот за односи со јавност би требало да биде постојано присутен на сите состаноци на управните одбори на компанијата за која работи, да биде во тек со сите случувања, да анализира и препознава можности за подобрување на имиџот на компанијата, бидејќи само така може да биде добар консултант. Агенциите за односи со јавноста ако се користат стратешки, можат да направат многу. Тие ќе воспостават контакти со стручната јавност, засегнатите страни, со медиумите, ќе издаваат соопштенија, ќе организираат прес конференции, ќе користат други ПР алатки зависно од целта која треба да се постигне. Ќе развиваат и предлагаат стратегија, ќе советуваат како бизнисот да напредува, која информација да се објави, а која не. Инвестицијата во односите со јавноста е многу мала, а ефектите можат да бидат многу големи, препознатливост за компанијата, како и подобрени финансиски резултати. Доколку ангажирате агенција за односи со јавноста која може да го прошири вашиот бизнис, имајте во предвид неколку совети: Може да ангажирате ПР агенции или пак индивидуалци-советници за односи со јавност. И едниот и другиот избор имаат предности и слабости. Големите агенции се поскапи, меѓутоа овозможуваат комплетна ПР услуга, имаат поголема репутација во медиумите и можат да реализираат поголема медиумска покриеност. За разлика од нив, ПР индивидуалците ќе ве чинат помалку, може да ви бидат комплетно посветени и максимално инволвирани во вашата проблематика, но не секогаш и можат да помогнат. Тоа особено се однесува во одредени кризни ситуации, кога е потребно размислување на повеќе експерти и кога е потребна помош која доаѓа од добрите медиумски релации. Размислете добро пред изборот на ПР агенција. Изберете ја онаа која може да обезбеди стратешка вредност за вашата компанија. Не паѓајте на ‘украсени’ бројки и  импресивни листи на клиенти, кои може да не се точни, ниту пак на нереални ветувања. Потребни ви се професионалци кои целосно го разбираат она што вие го работите. ПР експертот покрај тоа што треба добро да ги познава ПР техниките, да има капацитете за пишување, почитувајќи одредени неформални правила, треба да има и познавање од областа на вашата индустрија –за да не морате да инвестирате време во неговото обучување за состојбата од вашата област. Доколку работите во банкарската индустрија, се претпоставува дека имате огромен број на контакти во банкарскиот сектор и сигурно дека ќе очекувате од агенцијата за односи со јавноста да има исто толку контакти од новинари кои го покриваат тој сегмент, дека ги познавате состојбите во монетарната сфера, пратите финансиски тенденции итн. Но, најважно од сѐ е искуството и етичноста на ПР лицето. Затоа не е лошо да се распрашате кај медиумите, за да добиете вистинска слика за идниот потенцијален соработник, за неговиот карактер, за она што медиумите и бившите клиенти сметаат за него. Изборот треба да биде на личност во која ќе имате доверба, на која ќе се потпрете дури и во кризни ситуации, и која деловните тајни ќе ги чува и покрај тоа што соработката може да биде прекината. Помалите бизниси најдобро е да изнајмат мала агенција или пак самостоен професионалец. Големите компании, особено оние кои се соочуваат со секојдневни кризни ситуации, имаат потреба од поголема агенција. Она на што треба посебно да внимавте се ветувањата за‘загарантирани резултати’. Никој не може 100 процентно да гарантира исход од реализирана ПР кампања, ниту пак сигурна покриеност во медиумите ниту пак некои други специфични резултати. Исто така не е важен само бројот на објавени текстови, туку и нивната содржина и позиционираност во медиумот, реакциите кои ги предизвикале. Публицитетот и медиумската покриеност бараат време. Кога лансирате производ или услуга и сакате да изградите препознатливост, почнете да разговарате со луѓето од односи со јавност барем неколку месеци однапред. Не очекувајте брзи резултати. А и вашата одговорност не завршува со изборот на агенцијата, туку напротив треба заедно, партнерски  во континуитет да соработувате. Агенцијата оценувајте ја според креативноста на предлозите, советите кои ги даваат, ставот по одредени прашања, дефинираните ПР алатки, чувството кое го имаат за вашиот бизнис, и на крај според бројот на објавени текстови. Имајте на ум дека ефектите од односите со јавноста резултираат по извесен временски период. Бидете сигурни дека очекувањата ви се реалистични. Лесно се случува клиентите да се занесат во своите соништа, така што пропуштаат да го сфатат обемот на работа кој е потребен за да се постигнат големи резултати. Со други зборови, имајте стратегија, бидете храбри, но дајте и време на работата. Сашо Дуљанов сите колумни на следниот ЛИНК

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина