24 Април, 2024
0.1906

Проф. Радмила Шалиќ Макреска, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС)

Шалиќ Макреска ИЗИИС: Неколку региони во Македонија се со најголема сеизмична опасност, но има начини за заштита

Објавено во: Македонија, Интервјуа 18 Февруари, 2023

Добивај вести на Viber

Разорниот земјотрес кој ја погоди Турција предизвика немири кај граѓаните. Дополнително и земјотресите во Романија и Хрватска кои иако не се со иста моќ, па ниту со приближна штета, сепак, влеваат дополнителна загриженсот поради зачестеноста на земјотресите. Нашата земја не е имуна на земјотреси, а дел од граѓаните и понатаму се сеќаваат на разурнатото Скопје од 1963 година. Дали има поврзаност меѓу земјотресите во Турција и Романија и Хрватска, може ли да се предивидат земјотреси, како да се заштитат граѓаните, но и што покажа земјотресот со магнитуда 5,3 степни од 2016 година. Ова се дел од темите на разговор со Професорката Д-р. Радмила Шалиќ Макреска од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје.

Дали земјотресите во Романија и Хрватска се поврзани, последователни, по јакиот земјотрес во Турција?

Шалиќ Макреска: Земјотресот кој се случи во Турција е резултат на придвижувањето на Источно-анадолискиот расед кој ги дели Арапската плоча и Анадолиската микро плоча. Овој земјотрес припаѓа во групата на земјотреси кои се јавуваат по границите на тектонските плочи и тие се обично земјотреси со најголеми магнитуди. Териториите на Романија и Хрватска се наоѓаат на друга тектонска плоча, Евроазиската. Последните земјотреси кои се случија таму не се директно поврзани со земјотресот во Турција, иако постои можност зголемената сеизмичка активност да е резултат на промената односно прераспределбата на напрегањата помеѓу тектонските плочи, стемејќи се за повторно воспоставување на рамнотежа.  

Дали појавата на земјотреси со поголема магнитуда во соседството, може да се прелее и кај нас, дали е за очекување земјотрес во Македонија?

Шалиќ Макреска: Ќе беше многу лесно да можеа земјотресите да се предвидат точно или приближно точно. За жал и покрај континуираните напори на сеизмолошката наука се уште точните предвидувања на земјотресите не се можни, но секако и понатаму остануваат императив. Територијата на Македонија спаѓа во регионите со умерена сеизмичност, иако одделни подрачја во блиското и подалечното минато искусиле силни земјотреси со деструктивен карактер. За очекуваната сеизмичност во Македонија во континуитет се работат анализи на сеизмичка опасност од кои последните на национално ниво се изработени од нашиот Институт за потребите на Европските прописи за проектирање. Резултатите од овие истражувања се презентирани на карти за различни повратни периоди. Согласно на нив регионите на Скопје, Пехчево, Валандово, Охрид и Дебар остануваат да бидат региони со највисока сеизмичка опасност во Македонија.   

Деновиве има прогнози од соседна Србија од нивни сеизмолози дека се очекува јак земјотрес... На што се темелат вакви очекувања?

Шалиќ Макреска: Балканот е сеизмички активен регион. Земјотресите се случувале во минатото, ќе се случуваат и секако очекуваме да се случуваат и во иднина. Очекувањата во моментов доминантно се темелат на студиите и истражувањата за очекуваната сеизмичката опасност врз основа на веројатносна метода која се базира на податоци од случените земјотреси, нивната повторливост, сеизмо-тектонскиот склоп и моделите за предвидување на движењето на тлото. Резултатот од овие просторни анализи ја дава веројатноста за нивото на сеизмичката опасност во определен временски период. Претоставувам доколку има вакви изјави, тие се поврзани со нивните најнови истражувања за сеизмичката опасност во Србија, кои југот на државата го издвојува како зона со највисока сеизмичка опасност.

Има ли начин како можат граѓаните да се заштитат во случај на земјотрес?

Шалиќ Макреска: Заштитата од земјотресите, односно заштитата на човековите животи и материјалните добра е исклучиво можна преку доследната примена на совремнените прописи и стандарди за проектирање и планирање на просторот. Секако заедно со подготвеноста на населението и институциите за одговор во случај на земјотрес. Мора да напоменам и дека системските континуирани мерки за подобрување на подготвеноста, ублажувањето и одговорот играат клучна улога во справувањето со последиците од земјотресите. Состојбата со постарите објекти (градени пред 1963 г.), објектите кои се изградени вон прописите за градење (безправно изградените и легализираните објекти), постојните објекти на кои се вршени разноразни конструктивни интервенции (отстранување на носечки елементи, надградби и доградби) мора системски да се евалуира и да се превземат соодветни мерки. Во оваа смисла, иако повеќе пати апелираме, неопходно и итно се потребни студии за процена на сеизмичкиот ризик посебно за урбаните зони, каде имаме поголема концентрација на население и материјални добра, како основа за системски и плански мерки за намалување на сеизмичкиот ризик.

Што покажаа последните земјотреси во Македонија? Дали земјотресот во Скопје од 2016 година со магнитуда 5,3 степени укажа на одредени слабости?

Шалиќ Макреска: Земјотресот од 2016 г. иако беше средно јак земјотрес и не предизвика посериозни материјални штети беше своевиден тест не само за квалитетот на градбите, туку повеќе за спремноста и капацитетот на институциите за одговор. На сите вклучени чинители им стана јасно дека треба многу повеќе да се работи на подготвеноста, јакнењето на свеста и капацитетите за одговор. А соодветната подготвеност е исклучиво можна само преку веродостојни проценки на сеизмичкиот ризик, за кои претходно е неопходна инвентаризација, типизација и класификација на урбаното портфолио во соодветна резолуција. Искрено се надевам дека последиците од скорешните земјотреси во Турција и Сирија ќе ги побудат надлежните институции да покренат иницијатива за изработка на проценки за сеизмичкиот ризик и ја искористат нашата експертиза во таа област.

Оваа година се навршуваат 60 години од Скопскиот земјотрес во 1963 година. Дали можеби оваа катастрофа се повеќе се заборава?

Шалиќ Макреска: Да, за жал со текот на времето и доаѓањето на новите генерации од овој земјотрес како да остануваат само старите фотографии. Но, сите ние и понатаму мора да ја негуваме меморијата за оваа катастрофа, лекциите кои ги научивме и напорите кои се направија за изградба на сеизмички сигурен град. Како дел од тие напори е и формирањето на нашиот Институт кој низ половина век е не само национален, туку и регионален лидер во областа на земјотресното инженерство и инженерската сеизмологија. Континуираната соработка со останатите Европски и светски институции во рамки на разни проекти и иницијативи, ни овозможува да бидеме во тек со најновите научни сознанија од областа. Оваа година, нашиот Институт припрема посебна програма за одбележување на 60 годишнината од Скопскиот земјотрес под мотото „ИЗИИС за СКОПЈЕ“, во која ќе бидат предвидени повеќе настани.

Петранка Огнаноска

Можеби ќе ве интересира

МВР: Регистрирани се две фотографирања на гласачко ливче во Скопје и Штип

МВР: Регистрирани се две фотографирања на гласачко ливче во Скопје и Штип

ОДЗИВ ДО 11 ЧАСОТ: Гласале 12,78 отсто или 229.417 избирачи

ОДЗИВ ДО 11 ЧАСОТ: Гласале 12,78 отсто или 229.417 избирачи

ПРЕКИН ВО ОПАЕ: Се расипал биометрискиот уред

ПРЕКИН ВО ОПАЕ: Се расипал биометрискиот уред

ИЗЛЕЗНОСТ ПО ОПШТИНИ: Како тече гласањето ширум Македонија?

ИЗЛЕЗНОСТ ПО ОПШТИНИ: Како тече гласањето ширум Македонија?

МАКЕДОНИЈА ГЛАСА: Обвинителството го следи изборниот процес за евентуални кривични дела

МАКЕДОНИЈА ГЛАСА: Обвинителството го следи изборниот процес за евентуални кривични дела

ДЕНЕСКА Е НЕРАБОТЕН ДЕН: Македонците се упатија кон Грција

ДЕНЕСКА Е НЕРАБОТЕН ДЕН: Македонците се упатија кон Грција

ДО 9 ЧАСОТ: Колку граѓани гласале?

ДО 9 ЧАСОТ: Колку граѓани гласале?

ДАШТЕВСКИ: Доставени се 12 приговори за заштита на личното избирачко право

ДАШТЕВСКИ: Доставени се 12 приговори за заштита на личното избирачко право

ТОШКОВСКИ OЧЕКУВА МИРЕН ДЕН: Немаме забележано никакви посериозни нарушувања на изборниот процес

ТОШКОВСКИ OЧЕКУВА МИРЕН ДЕН: Немаме забележано никакви посериозни нарушувања на изборниот процес