СЕ ПЛАШАТ ОД ОДМАЗДАТА НА ИРАН: Израелците велат дека ги загрижува можната ескалација
Објавено во: Свет 12 Април, 2024
Израелците живеат во страв, одмаздата е неизбежна, а САД ги предупреди своите граѓани.
Во Ашкелон, израелски град на границата со Газа, жителите се навикнати да живеат со заканата од палестинската терористичка група Хамас, но сега се загрижени за понатамошната ескалација на конфликтот и воздушните напади на уште поголем непријател.
„Се надевам дека Иран нема да направи ништо. Тоа би било страшно. Денеска го славиме Бар мицва на мојот син. Не спиев ноќе, загрижена сум поради оваа ситуација. Не е пријатно. Не е добро чувството. Не е безбедно да се живее во Израел во моментов, но ние сме тука, нема второ место“, изјави вчера Корин Перец за Скај њуз.
Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи изјави дека Израел мора и ќе биде казнет за нападот во кој загинаа седум членови на иранската револуционерна гарда, вклучително и висок командант на елитните сили Кудс во странство.
Израелците знаат дека израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе одговорат на секој ирански напад, што може да предизвика поширока регионална војна.
САД го ограничија патувањето на своите вработени во Израел поради страв од ирански напад. Американската амбасада им порача на вработените да не патуваат надвор од поголемите области на Ерусалим, Тел Авив или Бершеба како мерка на претпазливост, јавува Би-Би-Си.
Хамас на 7 октомври лани го нападна Израел. Терористите убија над 1.200 Израелци, но и странци. Потоа Израел почна операција во Газа, каде загинаа над 30.000 Палестинци.