26 Април, 2024
0.0907

Се нуди политички „трет пат“- по којзнае кој пат

Објавено во: Колумни 08 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Резултатите  од  неодамнешните  местни ( локални) избори во соседна Бугарија, освен што ја потврдија децениската доминација на владејачката  ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов, исфрлија на површина и некои интересни тенденции. Имено, во  седум  од  дваесет и осум  обласни градови ( тоа се најголемите бугарски градови-обласни центри), победија кандидати на партии надвор од доминантните две големи партии ( и коалиции) кои гравитираат кон десничарската ГЕРБ и левицата БСП ( наследник на комунистичката партија во Бугарија). Значи бугарските граѓани, знаат да гласаат надвор од доминантниот бипартизам воспоставен скоро во сите постсоцијалистички земји после падот на Берлинскиот ѕид.

Каде е проблемот во немањето на трета опција?

Дека македонските граѓани се апсолутно  разочарани од владеењето на левицата и десницата кај нас, кои наизменично си ја менуваа власта во изминатите три децении, и  не станува збор. Доказ за тоа е апатијата, резигнираноста, гневот и разочараноста кај огромниот дел на граѓанството. Постојано се збори за создавање на независна и професионална јавна администрација, а во  реалноста е сосема спротивното- кој да дојде на власт , ја јавнува администрацијата, ја партизира и ја става под своја контрола, а  истото важи и за судско-обвинителскиот систем, па и за медиумите. Ветувањата дека со одредена политичка гарнитура ќе потечат мед и млеко,  историски ќе се намали  невработеноста, ќе се зголеми животниот стандард, и не се веќе ветувања за коментирање, бидејќи се дегутантни и гротескни. Тогаш во  што е проблемот, што македонските граѓани упорно и упорно три децении гласаат единствено за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и нивните коалициски партнери, а од друга страна ги обвинуваат нив за состојбата во  која се наоѓа Македонија денес, како резултат на катастрофалните јавни политики во  целиот овој изминат период од независноста на Македонија до денеска. Спомнувањето на примерот од изборните резултати од Бугарија, преку буквално пресликување на состојбата кај нас, би значело  една четвртина  1/ 4 од вкупниот број на општини да бидат претставувани од победници од  други помали партии и коалиции кај нас, надвор од доминантните две. Замислете,  Левица, ВМРО-Народна партија, ТМРО, ГДУ, Интегра  и останатите  вонпарламентарни партии, нивните кандидати за градоначалници да бидат победници во голем број општини во Македонија на наредните локални избори во 2021 година. Ова звучи како научна фантастика кај нас, но во соседна Бугарија, е сосема „ нормално“, и тоа пред неколку денови се случи. Тогаш вината, за воспоставениот  бипартиски систем  дали да ја бараме кај малите разединети партии, нивната неинвентивност и нивната безидејност, во постојниот изборен модел, или пак кај самите граѓани  кои не им ја доверуваат токму на нив својата изборна волја, а се  разочарани од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ  воедно?

Чиста и јасна политичка понуда,  за канализирање на разочараните гласови

 Веројатно одговорот е комплот од се по малку. Има огромно активно разочарано гласачко тело кое варира од 150-200.000 гласови, во зависност од  изборниот циклус и тоа гласачко тело е решено својот глас да го даде за некоја политичка партија/ коалиција надвор од големите постојните. Зошто не го дава? Па бидејќи најчесто, политичките  мали  партии  се создадени и формирани од некој политичар кој претходно се скарал  со раководството на својата матична партија (или СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ), па така кога ќе ја погледнете шареноликоста  на македонскиот политички пејсаж од т.н мали политички партии, за кој „ цвет  да се фатите да го скинете“, тој е веќе контамиран. Солза Грчева се разидила со раководството – направила партија, претходно Стевчо Јакимовски и Владо Бучковски истото го направиле, и тие создале свои партии. Во минатото, Лилјана Поповска, Тито Петковски, Љубе Бошковски , Љубчо Георгиевски, беа многу пред овие „ новиве“ иноватори на создавањето на малите партии. Истрошени политичари, со голем сомнителен политички багаж зад себе ( некои со индиции и за сериозен криминален багаж), се претставуваат за алтернатива на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Па затоа македонските граѓани разочарани од овие две доминантни политички партии , не го даваат гласот за „ третата опција“, бидејќи истата во автентичност и ја нема. Само и единствено  политички незагадена, чиста и  политички профилирана трета опција од кадри кои не се извалкани политички (  не мора да се новајлии во политиката), но луѓе со интегритет, кредибилитет и морал, кои имаат капацитет и додадена вредност, можат да бидат сериозна понуда и алтернатива на бипартискиот двоглав змај, кој раководи со Македонија во изминатите години. Во Македонија тоа флуктуирачко гласачко тело, кое како што споменав варира од 150-200.000 гласачи, кои се активни партиципиенти  во секој изборен процес, чека за ваква опција, конечно со душа и мерак да го даде својот глас и на тој начин да се сузбие бипартискиот монопол кој го држат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во изминатите триесет години. Дали тоа ќе се случи, останува во иднина да видиме, но примерите од соседството ни покажуваат и докажуваат дека не е невозможно. Треба  само искрена  волја и идеа и со чесна политичка платформа да се освојат срцата на разочараните македонски гласачи, но што е многу поважно, по освојувањето на нивната доверба,  истата потоа да не биде разочарана, како многу пати досега во нашиот очаен македонски политички случај. 


Благојче Атанасовски - политиколог

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД