СЕ БАРААТ БЕРАЧИ НИЗ МАКЕДОНИЈА: Среќен е оној кој има обезбедено работници
Објавено во: Агробизнис 10 Јуни, 2024
Се бараат берачи
за овошје и зеленчук низ цела Македонија, а среќни се оние земјоделци кои си
обезбедиле работници. Таквите се ретки, а повеќето мака мачат да најдат берачи.
Дневниците некаде се фиксни, а некаде се плаќа по килограм собрано овошје, но
добар берач дневно може да заработи и до 2.000 денари. Плус, газдите и
работниците се договараат дали е потребен превоз и оброци.
„Со години е тешко, луѓето се генерално незаинтересирани. Наоѓаме, моментално имаме берачи. Минимум 5 берачи ни требаат за собирање на родот. Тоа се луѓе од градот. Цреши собираме, плаќаме по 15 денари по килограм. Флексибилни сме со време, собира кој колку сака и може во текот на еден ден“, објаснува овоштар од Битола.
Има и огласи на интернет на кои луѓето бараат берачи.
„Многу тешко оди. Еден – два дена доаѓаат и потоа ги нема. Бербата не е лесна како што гледале на Јутјуб. Постари луѓе се јавуваат, млади нема. Мене ми требаат 10 луѓе за берба. Едни си одат, други доаѓаат, се снаоѓаме. По килограм се плаќа. Ако работникот е повешт, може да собере до 80 килограми дневно“, вели друг овоштар од Битола.
Оние берачи кои се искусни во работата, самите калкулираат каде ќе работат ако во ист период се поклопи бербата на повеќе овошки или други култури. Ја бираат онаа работа која е полесна и поплатена.
„За берачи немаме проблем. Си имаме луѓе со кои соработуваме. Дневно по 10 или 12 работници, а во екот не бербата и до 30 се ангажирани, додека 200 денари се плаќа по час. Има и постари и помлади работници. Касијата се бере од крај на април, па до пред 10 дена завршивме. Сега имаме нектарина една недела и готово. Во валандовско мислам дека нема проблем за берачи. Да се бере бостан и зелка е потешко за разлика од овошје“, објаснува Славе Крстев, овоштар од Валандово.
Во Ресен и Преспа е рано за берба на јаболка, но работната сила обично е ромската популација од соседните градови или работниците од Албанија.
„Најверојатно сезонци од Албанија ќе ги покријат потребите на овоштарите за работна рака, од септември до крајот на октомври, и дел во ноември зависно од површината. Се намалува работната сила дефинитивно и се кубури“, рече Љубе Пампулески од Здружението на овоштари „Благој А.Котларовски“ од Ресен.
Во струмичко оние кои имаат по еден хектар домати, плодот го собираат со помош на сезонски работници.
Тутунарите исто се жалат дека младите не сакаат да берат тутун, а старите веќе не се во можност да работат.
„Имаше пред некоја година, се јавуваа, пензионери, а млади нема. Жени беа повеќето берачи. Тешко е, никој не сака да работи и полека се откажавме. Некој сади 15 декари, а некој 50, некои по 30. Јас имав 4 работници кои ми помагаа за берба. Сто дена се бере тутунот. Многу ретко сега некој да се нафати. Оние кои работеа имаа искуство со берба на тутун, затоа што порано скоро секоја куќа во Прилеп имала засадено тутун“, вели прилепчанец.
Македонските земјоделци бараат работници за берба на домати, пиперки, овошје, а наесен се бере и грозје. Во соседна Србија малинарите бараат берачи, а дневницата е околу 50 евра. Ако судиме според објавите на интернет, веќе има и посредници кои нудат работа кај северниот сосед за берба на малини.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com