28 Април, 2024
0.0265

Самит на БРИКС во Јоханесбург-Путин во Москва

Објавено во: Колумни 21 Август, 2023

Добивај вести на Viber

Утре во Јоханесбург, Јужно Африканска Република, ќе почне средбата на групата БРИКС. Таа ќе јубилејна,  15-та по ред, а на неа ќе учествуваат лидерите на петте членки, Бразил, Русија, Индија, Кина и ЈАР. Четворица во живо, а рускиот претседател, Владимир Путин, преку видео врска од Москва.

Неодењето на Путин на самитот, во основа е продукт на меѓународниот налог за негово апсење, издаден како на осомничен за кривични дела направени во војната во Украина. Патувањето на Путин во Јонесбург беше тема која се разгледуваше со месеци. И пред донесувањето на одлуката, дури и претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса, изјави дека ќе биде домаќин на Путин. Но тоа очигледно беше повеќе ПР, отколку стварност. Јужно Африканската Република го има ратификувано договорот за членство во Меѓународниот кривичен суд. Според тоа таа би требала веднаш да го уапси рускиот претседател доколку тој стапне на нејзино тло.

Во меѓувреме се бараа патишта да се надмине тоа и Путин да присуствува на Самитот, за конечно Кремљ да изјави дека претседателот нема да патува во Јоханесбург. Него во ЈАР ќе го претставува министерот Сегеј Лавров. Путин со таа одлука му излезе во пресрет на неговиот домаќин, Рамафоса, кој беше подвргнат под силен притисок на опозицијата за апсење на рускиот претседател и почитување на меѓународните обврски. Со својата одлука Путин му го олесни товарот на јужноафриканскиот колега во спротивставувањето со опозицијата. Сепак, ЈАР е демократска држава. Впрочем во прилог на ова оди и поканата од Индија до Путин за самитот Г-20 кој на почетокот на септември ќе се одржи во Њу Делхи.  Индија не е членка на МКС. И нема обврска како ЈАР. Ако Путин не оди во Индија тоа ќе биде од други причини. Инаку на средбата во Јоханесбург ќе дојде и генералниот секретар на ОН Антонио Гутјереш, како и лидери на некои земји поканети на неа.

Самитот се одржува во време на голема напнатост во односите меѓу САД, НАТО, ЕУ и нивните силни соперници, Кина и Русија. Тајван, Тихоокеанскиот регион и Украина се само дел од причините за тоа. Трговијата, вкупната безбедност и се’ поголемото будење и значење на „Глобалниот Југ“, го прошаруваат мозаикот на иднината на геополитиката. За волја на вистината има некои автори кои велат дека станува збор за самит на второкласни супер држави, сакајќи да го потценат БРИКС. Па ќе напишат дека во Русија за една година рубљата изгубила половина од својата вредност и дека руската економија расте благодарение на војната. И дека се повеќе од нејзиниот буџет оди во производството на оружје и сродни области. Но отрезнувањето ќе дојде после војната кога ќе се премине од воен на граѓански буџет. За Кина истите автори велат дека доаѓа во ЈАР со економски и финансиски проблеми кои не можат да се скријат. Јужно Африканската Република, пак, го загубила статусот на земја на црниот континент со економска и политичка моќ. Истите тие за Индија велат дека премиерот Нарендра Моди и покрај тоа што го надмина гласањето за недоверба, за тоа како излегол на крај со граѓанските протести на северо-истокот на земјата, допрва ќе има проблеми со етнички шовинизам, кој  го продлабочил насилството. Само за Бразил се вели дека има добри економски новости, без оглед на политичкиот премин од десниот популизам на Жаир Болсонаро, кон обновениот социјализам на Лула да Силва.

КИНЕСКА ДОМИНАЦИЈА

Критичарите на БРИКС велат дека негов голем проблем е што Кина, со нејзиното се’ поголемо економско  влијание, доминира во групата, И Пекинг сака неа да ја претвори во уште еден глобален форум за ширење на ехото на обвинувањата на адреса на САД и ЕУ. Оттука и обидите на Кина да го прошири членството за сметка на земјите кои му се симпатични, на пример, Саудиска Арабија.Бразил и Индија истрајаа, одржувајќи го сопственото влијание во асоцијацијата. „Но, зошто да се задржи влијанието на бродот во кој доминира Кина и кој тече од сите страни?“, прашуваат тие.

Авторите очигледно не ја мирисаат многу Кина па пишуваат:„ Ако инвеститорите сакаат возбуда на пазарите во развој, можеби сега кога гарантниот рок на БРИКС истече, може да се појави друг акроним на пазарот. Размислете за нешто што се нарекува MITKIT, регионална азиска организација чија вкупна тежина во MSCI индексот на пазарите во развој од 46 проценти би била поголема од кинеската 31,4 проценти. Навистина, Кина би можела да биде геополитичката причина за обединување на Малезија, Индија, Тајланд, Кореја, Индонезија и Тајван...“

Многу западни земји го отфрлаат или го намалуваат значењето на организациите, како БРИКС, а исто така и она што тие претставуваат. Велат дека  влијанието на тие групи повеќе е симболично. Но сигурно ќе биде погрешно тие групи да се сметаат како дебатни клубови. Во услови кога слабее еднополарниот свет многу земји од „Глобалниот Југ“ си бараат начини за да си обезбедат сопствен прогрес, а и гаранции за стабилност на своите режими во услови на притисоци од Запад. Таквите напори ќе продолжат, му се допаѓало, тоа на Западот или не.

БРИКС-АЛТЕРНАТИВНА СТРУКТУРА

Акронимот, кратенката „БРИК“ во 2001 година е измислена од еден финансиски аналитичар од Goldman Sachs за да се означат државите кои најверојатно би го преживеале ударот на економскиот раст во наредното дестлетје. Тој ги имал предвид, Бразил, Русија, Индија и Кина. И со таа кратенка тие земји се обединија во 2008 година. А во 2010 станаа официјална меѓународна организација. Во 2011 година им пристапи и Јужна Африка. Па така кратенката стана БРИКС. Во изминатите повеќе од десетина години тие го остварија она што се очекуваше од нив. Според некои податоци во периодот од 2012 до 2022 година економијата на Кина порасна за 176 проценти, на Индија 110 проценти, на Русија 60 проценти, на Бразил 47 и на ЈАР 41 проценти. Нивниот вкупен БДП е поголем отколку оној на Г-7. Банката создадена од БРИКС, Нова развојна банка финансираше проекти во висина од 33 милијарди долари, меѓу другото и во земји во развој. Затоа БРИКС денес е гледан од „Глобалниот Југ“ како алтернативна политичка и финансиска структура за економски развој и заштита на суверенитетот, во која не доминираат САД и ЕУ. Бројката на земји кои сакат да се приклучат кон БРИКС е над дваесетина. Друга организација е ШОС(Шангајската организација за соработка), кон која се насочени земјите од Истокот и Централна Азија, па се до Турција.

Самитот во Јоханесбург ќе треба да одговори на прашањето за иднината на БРИКС. Организацијата е пред раскрсница. Во прв ред ќе треба да се најдат начините за меѓусебна трговија и инвестиции, се разбира без да се користат американски долари, а втора работа е проширувањето. Од 2011 година во БРИКС нема примено нова членка, а желби има многу. Во поглед на откажувањето од доларот членките на БРИКС ќе имаат долготрајна и напорна работа. Тоа е прашање кое би задрело и во суверенитетот, па има геополитички проблеми, па меѓусебни отворени прашања, Кина и Индија , на пример. Така што замената на доларот со нешто друго или трето и натаму ќе остане да се дискутира, иако заедничките групи работат на одговор на тоа прашање. Засега конкретна работа е Новата развојна банка и се чини дека со неа може да се почне да се бега од меѓународни банкарски институции, кои се „доларски“.

Проширување или не? Ова е дилема пред која утре и другиден ќе бидат исправени членовите на БРИКС. Веќе напишавме погоре дека има дваесетина земји кандидати за членство. Сите тие поднеле барања за членство. Меѓу нив се Алжир, Аргентина, Белорусија, Боливија, Египет, Индинезија, Иран, Саудиска Арабија, ОАЕ...Овде има разногласија околу проширувањето. Човек не може да фати крај, кој е за, кој е против. Изминатиов период имаше куп изјави кои фрлаа уште повеќе магла, отколку што даваа светлина во ова прашање. Де, Кина предложила некои држави, де Русија поддржала некои, де Бразил и Индија не сакаат, де ЈАР сака да вклучи африкански држави. Па потоа други информации...Како и да е, побавно или побрзо да се прошири БРИКС, тоа ќе значи чекор напред. Можеби за договарање потешко, но бројноста ќе дава нова тежина на групата. И ќе мора да водат сметка сите оние, кои со неа ќе се соочуваат.

Ако се загребе подлабоко во ткивото на БРИКС, многумина ќе се запрашаат, како тоа Индија и Кина, кои пред три години водеа војна во планините меѓу двете држави, можат да седат и да разговараат. Токму тоа е предноста на оваа организација. Таа не е ОН. На нејзините самити може спокојно да се разговара без притисоци. Двете земји, иако се соперници поаѓаат од сопствените интереси. И се’ додека им е добро ним и на БРИКС ќе му биде добро. ЈАР, Бразил и Индија, за разлика од Кина и Русија имаат подобри односи со САД и ЕУ. Но тоа не значи и протуркување на западна агенда на средбите. И трите земји имаат што да им забележат на Американците, на пример. Инаку, тие не воведоа санкции кон Русија за војната во Украина. Се обидуваат да најдат мирно решение за неа. Сега се говори за нова инцијатива на Индија и Бразил. За разлика од Западот кој е за „војна до победа“.  Сето ова придонесува кон желбата за создавање на повеќе поларен свет.

Промената на глобалниот поредок, кој економски е зависен од монополот на доларот, а политички од Западот, предводен од САД, како да блика од целите на БРИКС. Во среда ќе се знаат некои резултати од самитот. Ќе видиме каква е иднината на борбата со доларот и дали БРИКС вклучил нови членки. Но нема да чуди ако на средбата се прогори и за војната во Украина. Особено по консултациите во Џеда и по новонајавениот план на Индија и Бразил. Кој, најверојатно, ќе ја има судбината на сите досегашни.

Мирче Адамчевски 

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД