05 Мај, 2024
0.0270

САД и Русија пред компромис за Сирија!

Објавено во: Колумни, Свет 30 Октомври, 2015

Добивај вести на Viber

Денес во Виена можеби се решава иднината на Сирија. САД и Русија ќе трагаат и најверојатно ќе го најдат компромисот за Сирија. Преговорите кои започна вчера со билатерални средби на некои учесници. Според она што е познато на заседанието се поканети десетина земји. Нив ќе ги претставуваат министрите за надворешни работи на САД, Русија, за прв пат Иран, Саудиска Арабија, Турција, ОАЕ, Катар, Јордан, Германија, Германија, Франција, Египет, Италија и Велика Британија. Ќе присуствува и Фредерика Могерини во името на ЕУ и Стафан де Мистура, специјалниот претставник на ОН за Сирија. Не е исклучено овој список да се прошири и со други држави.

На овие преговори им претходеше средбата во вторникот меѓу министрите за надворешни работи на САД, Русија, Саудиска Арабија и Турција. Веројатно на таа средба се поставија контурите за денешнте преговори. Новина од нив беше поканата на Иран, кој досега беше игнориран да учествува во какви било преговори за Сирија и покрај настојувањата на Русија. Очигледно на сите им стана јасно дека и таа држава е еден од клучните играчи во настаните во и околу Сирија, исто како што е и Саудиска Арабија и други земји од Заливот.

Впрочем вчера и Стејт департментот преку изјава на советникот Томас Шенон, изјави дека „Учеството на Русија и Иран (во конфликтот) создало нова динамика во ситуацијата во Сирија. И во врска со тоа државниот секретар на САД Џон Кери, сметаше дека е неопходно да се соберат сите и да се определи, дали нивна цел е борбата со ИД и тероризмот, а исто така дали тие се подготвени да работат со меѓународната заедница врз прашањето, да се убеди Асад да замине“.

Во вака сроченото соопштение веднаш паѓа во очи американскиот став-Асад да замине. И навистина тоа е американска желба,  но желбите се едно, а реалноста е сосема друго. Проблемот во Сирија не е само војната. Сите земји, учесници на денешните преговори во Виена имаат свои цели. Тие се едногласни дека заеднички непријател на сите им е Исламската држава. Но патем, во битката со неа имаат и конкретни цели.

Па така Турција сака да го реши прашањето со Курдите, иако како што тргнала таа може да биде следната земја каде што ќе има воени дејства. Од проста причина што на почетокот и до денес за свој главен непријател го сметаше Башар ал Асад, но сега кога виде што се случува на теренот се заканува со бомбардирање и на американските сојузници, Курдите, кои полека создаваат свои автономни области. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, вчера се закани дека нема да дозволи создавање на курдска автономија во Сирија. „Ние сме решени да се бориме против се што претставува закана за нас долж сириската граница“ ги пренесоа агенциите зборовите на Ердоган. Нему не му е сеедно што западните сојузници ги вооружуваат Курдите, па смета дека тоа е апсурд.

Русија во Сирија има цел да ја поддржи власта на Асад, со дополнителни објаснувања дека таа не е главна цел, туку зачувувањето на целосноста на Сирија. Сигурно зад ова има и други цели, останување во Сирија со своите бази, кои и овозможуваат една стратешка позиција и на Блискиот Исток и на Медитеранот. Слични се и целите на Американците. Поради својата политика во регионот, изгубија влијание врз Арапите во тој дел на светот, ако се исклучи Саудиска Арабија и државите од Арапскиот залив. Тие ја сакаат и „главата“ на Асад. Ги поддржуваат Курдите, а со тоа си создаваат непријатели во Турците. Саудиска Арабија, како и секаде во светот, сакаат регионот да биде уште поисламизиран и за таа цел не штеди ни оружје, ни пари. Секако и за Саудијците непријател број еден е „крвникот„ и „диктаторот“ Асад, заборавајќи притоа дека нивната држава не е помалку диктаторска од Сирија.

Се на се, веројатно денес во Виена интересите ќе ја водат расправата. Се разбира ако САД и Русија во меѓувреме не се договориле за нејзиниот епилог, бидејќи тие се главните играчи. Германскиот министер Франк Валтер Штајнмаер не случајно вчера изјави дека „решението за Сирија не може да се најде се доодека САД и Русија не се договорат и додека на зедничката маса за преговори не седнат Иран, Турција и Саудиска Арабија“. За судбината на Асад, тој смета дека не може да се реши на денешната средба во Виена.

Врз што може да се темелат денешните преговори? Најверојатно врз резултатите од „Женева – 1“, конференција одржана во рамките на „групата за дејствување во Сирија“, во јуни 2012 година во Женева. Тоа беше прва меѓународна конференција за Сирија. Покрај  земјите постојани членки на СБ на ОН, на неа учествуваа и Кетрин Ештон од ЕУ, генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, Турција, Ирак, Кувајт и Катар. Резултат од средбата стана заедничкото сооопштение за основните принципи врз кои треба да се реши сирискиот конфликт. Меѓу нив беа, создавање на преоден управувачки орган, формиран врз основа на консензус и вклучувајќи, како членови на сириската влада, така и на опозицијата и на други групи, потоа можност за преразгледување на сирискиот устав, спроведување на претседателски и парламентарни избори и формирање на нови органи на државната власт.

Од сето она усвоено во Женева не се направи ништо. Потоа дојде и „Женева – 2“. Оваа конференција се одржа во јануари 2014 година. Таа не донесе речиси никакви опипливи резултати за решавање на кризата која започна во март 2011 гопдина. Единствен резултат од преговорите на 30-тина учесници на конференцијата беше заклучокот дека решението на кризата може да биде само политичко. И така до ден денес. Само заклучоци, интереси, а најмногу страдаат Сирија и нејзиниот народ. Зарем не можеше да се најде некое решение за изминатите повеќе од четири години? Требаше да се случи бегалската криза во Европа, па да се крене тревога? Или пак, требаше Русија да почне, пред точно еден месец, да бомбардира цели во Сирија, па одново да се преземе некоја меѓународна активност?

Пред средбата во Виена од Саудиска Арабија дојде веста дека таа на конференцијата ќе го покрене прашањето за иднината на Асад. Претставникот, пак на Стеј департментот, Џон Кирби, изјави дека Вашингтон од преговорите очекува практични резултати за решавање на кризата, а посебно, разгледување на составот на новата влада. Марија Захарова, официјалниот претставник на руското министерство за надворешни работи, вчера даде до знаење дека Москва нема намера да разгледува такви прашања. -Задача на Москва на конференцијата е врз основа на меѓународните правни документи да се обезбеди политички процес во Сирија, како најдобар начин за имплементирање на заклучоците од „Женева-1“, изјави Захарова додавајќи дека „иднината на Асад треба да ја решат самите Сиријци и никој друг“.

Како би бил патот до компромис денес во Виена? За некого веќе е компромис фактот што на заеднички стол седнуваат држави кои до вчера не би седнале по никоја цена. Посебно од регионот на Блискиот Исток. Очигледно е дека САД, Русија и Европа во интензивните контакти што ги имаа минативе денови имаат предвид некакво решение. Трескавичната дипломатска активност на релација Москва – Вашингтон, и секако од Москва и Вашингтон кон државите од поблиското и подалечното опкружувањето на Сирија дава надеж за некаков компромис. А Асад? Веројатно него нема да го чепкаат-барем засега. Со него ќе треба да се работи уште некое време.

Се она што сега се случува покажува дека има некаква координација меѓу САД и Русија  што е добро. Дека работите околу Сирија се движат. Тие постигнаа договор да не си пречат во воздушните дејства над Сирија, но веројатно соработуваат и по тајни канали за други прашања. Можеби ќе постигнат и политички договор за Сирија. Можеби ќе има договор и за заедничка акција против заедничкиот непријател – ИД. Копнената интервененција на тие две земји во Сирија е исклучена. Русија е изгорена од Авганистан. А, американскиот претседател, Барак Обама, сигурно не сака да биде еден од многуте американски претседатели од поновата историја на САД, кои во текот на својот мандат, или пред неговиот крај влегувале во војна.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина