29 Април, 2024
0.0645

Русите најавуваат „обоена револуција“ во Македонија

Објавено во: Колумни 08 Јули, 2016

Добивај вести на Viber

Малку невообичаено, илјада километри далеку од Москва, во Крим, портпаролот на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова вчера одржа брифинг за новинарите.  И оттаму, „ничем изазвана“, ни најави дека во Македонија има опасност од „обоена револуција“. Захарова зборуваше за „ Учеството на американски претставници во антивладините демонстрации во Белград“! Повикувајќи се на „публикувани материјали во српските медиуми за учество на соработници на американската дипломатска служба во демонстрациите во Белград насочени против раководството на суверена држава“, таа нагласи дека „непосредни организатори на тие настани редовно се разни видови НВО, кои се финансираат од странство“. А учеството на американските дипломати во протестите го сведе на тоа дека странските спонзори не им веруваат на  „граѓанските активисти“ и дека тие на тој начин го контролираат трошењето на доделените пари. Значи Американците даваат пари за протести и контролираат на терен како тие се трошат! ЕДЕН КУРШУМ ТРИ ЗАЈАКА И веднаш потоа во истото соопштение - Македонија. „Ние во целост констатираме дека на Балканот е длабоко вкоренета практиката за безочно мешање во внатрешните работи. По таквите добро проверени шеми за активирање на однадвор платено „агресивно малцинство“, се подготвува почва за провоцирање на уште една „обоена револуција“, овој пат во Македонија“, изјави Захарова. Потоа на ред е Црна Гора каде што се “игнорира вистинското мнение на мнозинството“ од граќаните“. Станува збор за влегувањето на Црна Гора во НАТО, но за тоа „никој не го побарал мислењето на Црногорците“. „Подгорица при активна поддршка од водечките земји на Алијансата до денес се откажува да спроведе референдум за ова вонредно важно прашање кое го задира секој жител на земјата“, изјави Захарова. И така со еден куршум “три зајака“. И Србија, и Македонија и Црна Гора. И тоа на ден пред почетокот на  НАТО самитот. Очигледно изјавата временски е темпирана. Русија знае дека Балканот, кога-тогаш, во целост ќе замине во НАТО, но постојано презема чекори, ако може, тоа да не се случи. Немајќи што да каже ново за Македонија Захарова одново се враќа на приказната за „обоена револуција“. Во изминативе повеќе од една година дена, руските дипломати неколку пати се јавува со приказната за обид за уривање на владата на тогашниот премиер Никола Груевски со „обоена револуција“. Москва отворено се стави на страната на Груевски. Го бранеше на секој начин, но работите си го зедоа својот природен тек и Груевски замина, а прашање на ден е кога ќе падне и системот што тој го надгради во државава. ПОТЕМКИНОВО СЕЛО Прашањето за „обоена револуција“ и „украинско сценарио“ се актуелизираше во мај минатата година. Тогаш во Скопје дојдоа неколку телевизиски екипи од националните руски телевизии и се обидуваа да направат приказна за „украинско сценарио“ во Македонија. На една од нив и јас им бев домаќин. И кога ги видоа спомениците, градбите од така наречениот „барок“, портите, па фасадите со нивните задни страни, им стана јасно дека Македонија е едно големо Потемкиново село. Во емисијата монтирана во Москва, работите не беа претставени до крај еднострано и покрај обидите на водителот да направи паралела со Украина. Потоа медиумската еуфоријата набрзо спласна. Во Македонија не може да има никакво „украинско сценарио“. Во Украина народот излезе на „Мајдан“ со барање за ставање крај на владеењето на корумпираната власт и олигархијата. Потоа дојде прашањето за договор со ЕУ или Русија. Работите се изместија донекаде со вмешување на радикалните националисти, а власта не сакаше да попушти. Паднаа и првите жртви. Се вмеша Русија. Украина остана без Крим, а нема контрола ниту врз Донбас. Кај нас битката е внатрешно политичка. Ние не се изјаснуваме дали сакаме да одиме во ЕУ или со Русија. Ниту се изјаснуваме дали сакаме да одиме со Бугарија, Грција, Србија или Албанија. Барем засега. НИЕ СМЕ ЗА ВУЈКО СЕМ   Македонија уште во почетокот на деведесеттите години се определи за САД. Тогаш претседателот Киро Глигоров го направи вистинскиот избор, меѓу Русија и САД. Се определи за побогатиот и посилниот. И до ден денес сите анкети покажуваат дека најголем дел од граѓаните на Македонија се определени евроатлантски. Но дали е така и со  луѓето од власта? Во неколку настапи македонскиот претседател Ѓорге Иванов и поранешниот премиер, обвинуваа надворешни сили за проблемите со кои денес се соочува Македонија. Меѓу редови под „надворешни сили“ се подразбираа силните западни држави. Мегафоните на власта тоа не го кријат. Ако е така, тогаш зошто Иванов во неодамна испратената честитка до Барак Обама го повикува да помогне Македонија да биде примена во НАТО. Ова наиде дури и на потсмев во некои руски медиуми кои пишуваа дека „Иванов го моли Обама за НАТО“. А што пиша Иванов? „Високо го цениме севкупниот придонес, како и силната и континуирана поддршка на Вашата држава за консолидирање на мирот, демократијата и стабилноста во Регионот, како и за остварување на стратешките надворешно-политички цели на Република Македонија. Стапувањето на Република Македонија во одамна заслуженото полноправно членство во НАТО, и натаму останува голем предизвик со кој нашата држава се соочува. Во тој контекст, ја очекуваме Вашата натамошна, уште позасилена поддршка во пресрет на Самитот на Алијансата, во јули оваа година во Варшава“ напиша, меѓу другото, Иванов. Е, сега, кога Иванов ја зборува вистината? Дали САД даваат придонес во демократијата или пак се  спонзори на уривањето на сегашната власт? БЕЈЛИ ФРАПИРАН Ваквиот однос на политичарите од власта не им се допаѓа ниту на Американците. Вчера американскиот амбасадор во Скопје, како и Захарова, се повика на пишување на медиуми. Амбасадата излезе со соопштение во кое амбасадорот на САД Џес Бејли реагираше на обвинувањата во медиумите за американско мешање во внатрешните работи и за обиди за дестабилизација на Македонија. - Ние во Американската амбасада во Скопје често гледаме приказни во медиумите за некои теории на заговор и обвинувања за американско мешање во македонските домашни работи или за акции за дестабилизација на земјата. Веруваме дека повеќето граѓани на Македонија, како и ние ја препознаваат апсурдноста на овие приказни. Како и да е после неколку скорешени тврдења за наши вработени и програми, дозволете ми да ги појаснам овие работи особено околу нашата поддршка за владеењето на правото. Ние сме многу отворени за нашата програма и за нашата вклученост, наведе Бејли на Фејсбук страницата на американската амбасада во Скопје. А потоа соопшти што се направиле САД во последните 15 години за владееење на правото во Македонија. Русија во моментов е многу ангажирана на Балканот. Таа од петни сили се труди, ако може барем да го оттргне од Западот, посебно од прегратките на НАТО, делот на земјите кои се уште не се влезени во Алијансата. Македонија со ненадминувањето на политичката криза само придонесува кон задоволување на руските апетити. Можеби тоа му одговара некому внатре во државава. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД