16 Април, 2024
0.0381

Русија: Збогум Запад, здраво Исток

Објавено во: Колумни 06 Март, 2023

Добивај вести на Viber

Пред неколку месеци, во октомври лани, на овие страници пишувавме за дипломатската преориентацијата на Русија кон Исток. Основа за такво тврдење беше едно излагање на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Лавров беше јасен: „ Нема ниту желба, ниту смисла да се сочува претходното присуство во западните земји. Нашите луѓе работат во услови, кои тешко можат да се наречат човечки. Им создаваат постојани проблеми, закани со физички напади. Главно – таму нема работа, откако Европа реши да се затвора за нас и да ја прекине секоја економска соработка. Со сила мил не можеш да бидеш. Земјите од таканаречениот трет свет( во Азија, Африка, латинска Америка), спротивно, имаат потреба од дополнително внимание“.

Во контекст на она што се случува во Украина тогаш беше спомнато дека  Западот застанал на страната на оние кои сакаат да го возродат нацизмот. Па оттука Русија „тежиштето“ ќе го префрла на земјите подготвени да соработуваат со неа, врз взаемна и рамноправна основа и да бараат перспективни заеднички проекти. Лавров вели дека не сака да преувеличува, но, според него, Русија сега го преживува преломниот момент, поточно епоха. Што значи дека тоа ќе биде долг временски период. А ако викаат Русите „збогум“ на Западот, тогаш јасно е дека ќе кажат „здраво“ на некој друг. Како што стојат работите тоа е Истокот и Југот. И Русија поголемо внимание ќе им посветува на земјите членки на Шангајската организација за соработка(ШОС), заедничките организации со земјите од средна Азија, некогаш дел од Советскиот Сојуз. И секако земјите од Африка, каде што Лавров беше минатиот месец и со кои се очекува, во наредниот период, Самит Русија-Африка, секако земјите од Латинска Америка и нормално БРИКС.

Промените во руската надворешна политика се резултат на актуелните светски состојби и регионалниот воен судир во Украина. Последиците за Русија се тешки, но се чини дека тоа е и нејзин избор. Како што се избор и промените во надворешната политика. Рускиот претседател, Владимир Путин, во своето обраќање до Федералното собрание , за што нешто пишувавме минатата недела,  зборуваше не само за „суспендирањето“ на руското учество во договорот СТАРТ, туку многу повеќе време посвети на безбедноста, политиката, економијата, културата, етичките прашања. Прашања во кои има разидување со Западот. И оттука нема потреба за заедничка соработка на тие полиња. Русија ќе оди по својот пат. Подалеку од Западот.

РАДОСТ ОД ПРЕДИЗВИКОТ НА АМЕРИКА

Професорот на Високата економска школа и главен уредник на списанието „Русија во глобалната политика“, Фјодор Лукјанов, во  врска со новата надворешна политика смета дека Русија имала успех, надворешно политички, во воената кампања во Украина. И тој успех не е резултат на руското дејствување, туку е резултат на објективните тенденции на светскиот развој. И тоа се гледа во фактот што:„ САД не успеаја да вовлечат во антируската коалиција никој кој што не бил поврзан со нив во разни форми на обврзувачки односи. Европа, англосаксонскиот свет, Јапонија и Јужна Кореја“. Очигледно Лукјанов, иако не ги спомна, за такви форми ги смета НАТО, договорите на САД со Јапонија и Јужна Кореја и англосаксонската петорка. Секако ова не треба да се толкува и како поддршка на Русија. Има и држави кои кон неа се однесуваат негативно. „Но тоа го нагласува несакањето на целиот останат свет да ги следи инструкциите на САД. И тоа е битниот симптом за тоа како се менува светот. А САД не можат ништо да направат со тоа. Како ќе се одвиваат работите натаму, зависи од тоа колку ќе биде успешна нашата политика. Но претпоставките се такви“, вели Лукјанов.

Друго прашање сега е како Русија може да го искористи таквото расположение на државите кои војната во Украина ја гледаат како спротивставување со Западот. Лукјанов смета дека многу држави, што е човечки, се радуваат дека се нашла земја која ја предизвикала Америка. Затоа што на многу од нив во светот им дошло преку глава доминирањето на САД. Но, тука е битно, како тоа ќе го исползува Русија. Лукјанов смета дека само со реторика нема да се стигне далеку. Потребни се конкретни предлози со она што им е од интерес, полза и потреба од Русија. Исто така потребна е и промена во сопствените мозоци. „Затоа што кај нас традицијата на западоцентрична дипломатија и воопшто политика е длабоко вкоренета“, вели Лукјанов. Русите треба во себе да го сменат односот кон незападниот свет, кој за нив секогаш бил на втор план. Сега Русија, која го барала своето место во Европа од почетокот на 18. век, мора да се избави од западоцентризмот. Не само од причина што односите со европејците се лоши, туку, поважно, „Европа престана да биде центар на светот, каква што беше во текот на на неколку столетија. Дури и да не беше украинскиот конфликт, сеедно ќе мораше европските наочари да се сменат со светски“, вели Лукјанов.

Но, тука и Русија ќе мора да го смени својот поглед кон нејзините соседи, кои таа понекогаш ги гледа како периферија на имперскиот центар. За многумина беше дрскост обраќањето на таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон кон Владимир Путин, на еден собир на земјите од регионот во Казахстан, кога Рахмон му рече дека некогашните советски републики бараат од Москва и почитување, кое не го добиваат секогаш. Тоа искажување, дадено во време кога Русија води војна во Украина, доволно зборува што ги плаши земјите од Средна Азија, некогашни делови од Советскиот Сојуз. И тука се потребни сериозни промени во однесувањето на Русија кон нив во рамките на нејзината нова надворешна политика. Затоа што Западот ќе сака максимално да го искористи  пренебрегнувачкиот однос на Русија кон нејзините соседи. Што впрочем го покажа и неодамнешната посета на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Средна Азија, кога се сретна со своите колеги и со некои лидери од поранешните членки на СССР. 

КРАЈ НА ГЛОБАЛНИОТ ХЕГЕМОН

Дали Русија со новата политика ќе формира нови блокови. Нема и не може да ги има. Таа е толку блиска со Кина и имаат односи на највисокоо ниво, стратешко, специјално партнерство, но ниту Русија, а уште помалку Кина сакаат да се врзуваат во некаква алијанса. ШОС и БРИКС и организацијата на Азиско-тихоокеанскиот регион даваат доволно простор за раскрилување на Русија и на дипломатски и на економски план. И со државите од Африка и Латинска Америка. Веќе денес е јасно дека е дојден крај на еднополарноста и хегемонизмот на една држава.

Или како што пишуваше „Џерузалем пост“:„ Тоа не е нова студена војна, туку повеќе придвижување од евроцентичен свет, чии корени се во колонијалното господство и светските војни, од свет каде што глобалниот хегемон во облик на САД, наметнуваше поредок основан на правила, кон нов свет, наводно многуполарен, кој ќе го возглават Кина, Русија, Иран, Турција и нивните пријатели, претежно авторитарни режими“.  И додава: „Пророците на подемот на Азија и посебно Кина го истакнуваа тој аргумент со векови. За никого не е тајна дека Азија е во подем, а на Западот му предвидуваат пад. Обичното пребарување на Google ќе ви даде доволно храна за размислување“. Израелскиот весник е загрижен од промените во светот од аспект на безбедност на неговата земја. „Некогаш Русија се претставуваше како гарант за стабилноста на Блискиот Исток, поддржувајќи авторитарни режими. Москва ја обвинуваше Америка за предизвикување хаос и за отворање бескрајни војни. Сега ситуацијата стана сосема спротивна: Русија е таа која може да сее хаос и да отвора бескрајни војни, додека задачата на регионот, напротив, ќе биде да ја одржува стабилноста. Сè уште не е јасно како промената во надворешно политичките приоритети на Москва ќе се одрази на Блискиот Исток, но тоа е поврзано со крајно сериозни последици, ако партнерството меѓу Москва и Техеран се прошири, а Иран почувствува ветер од Русија и Кина во своите едра и продолжува со ракетните и беспилотните напади во регионот“, заклучува весникот.

За збогување со Западот неодамна зборуваше, можеби, творецот на таа надворешна политика на Русија, Сегеј Караганов, еден од највидните руски експерти. За него руската надворешна политика од советско време, за зближување и интеграција со Западот била грешка. Стратешка грешка на касното советско и раното руско раководство. Значи годините пред и по распадот на Советскиот Сојуз. Годините на раководење на Михаил Горбачов и Борис Елцин. „Нам не ни е патот со Западот ни од геополитички, ниту од геоекономски причини. Но, меѓу другото, Западот или западните елити, не Западот, се откажуваат од вредностите кои ги споделувавме со нив: верата, љубовта кон татковината, кон семејството, односите меѓу мажот и жената, се нормално што е битие на човекот“, вели Караганов.

ЗАПАДОТ НЕ Е СПОСОБЕН ЗА ДОГОВАРАЊЕ

Во поглед на тоа каде е местото на Русија за членување во организации, Караганов вели:„ Сосема е очигледно дека глупаво и бесмислено се задржувавме во една таква гнила организација како што е Организацијата за безбедност и соработка во Европа, фактички поддржувајќи го овој полу-труп. Најголемата грешка беше обидот да се преговара со НАТО, легитимизирањето на оваа организација и нејзиното проширување. Друга работа е што бевме слаби, но бевме и глупи, па мислам дека сега ова прашање е веќе решено“. Според него може да се учествува во работата на „Г-20“, во ОН. А да се затвори делот од историјата на Русија, кој се нарекува европски или западен, со благодарност, спомнувајќи си за тоа дека зближувањето со Западот ја направи Русија посилна во многу односи, и создаде голема држава, благодарејќи на апсорбирањето на западното воено и техничко искуство... Караганов смета дека Западот не е способен за договарање, дека отфрлал и мамел. А потврда за тоа се изјавите на претседателот на Франција, Франсоа Оланд и канцеларката Ангела Меркел, кои „ признаа“(станува збор за изјавите дека не сакале да се спроведат Минските договори и намерно ги одолговлекувале до зајакнување на украинската армија). А таква и е сегашната состојба на западните елити.

Ќе ги замени ли зближувањето со Азија раскинатите односи со Западот и што ќе и даде тоа на Русија? Ако веќе се води нова политика веројатно таа е претходно продумана. Свртувањето за 180 степени сигурно не е направено на памет. За Караганов резултатите од замените веќе се видливи. Пазарот тоа го потврдува. Русите нема веќе да се возат на скапи германски автомобили, туку ќе произведуваат малку повеќе домашни, а ќе се возат и на поевтини и квалитетни корејски и на уште поевтини и квалитени кинески. Ќе се произведуваат и сопствени авиони.  Поради сопствена глупост со помош на западните партнери Русија ја уништила авионската индустрија.

Секако за ова ќе требаат години. И Путин зборуваше за промени во структурата на производството и економијата, но тоа не бива преку ноќ. Исто како што и одлепувањето од Западот ќе оди со години. Сега многумина велат дека сето ова требало да се направи порано, а се прави со задоцнување. Караганов парафразира една руска поговорка. Па вели:„ Како што е познато Руските долго впрегнуваат, но брзо одат“. Пред Русија сега се јавува предизвикот од нов и жесток конкурентски свет. Велат поопасен и помалку стабилен. Почнат е светскиот геополитички и геоекономски земјотрес, кој ќе трае две децении. И, се разбира, спокојство.

РУСКАТА ШАХОВСКА ФЕДЕРАЦИЈА ВО АЗИЈА!

Ќе и помогне ли Кина на Русија на тој пат? Побрзо да заврши војната на Украина. Да се успокојат работите. И Русија да може да се посвети на сопствените внатрешни проблеми. Повикот и планот на Кина за преговори и прекинувањето на огнот во Украина може многу да придонесе за тоа. На почеток е подготовката на посетата на кинескиот претседател Шји Џинпинг на Русија. Западот не е задоволен од позицијата на Кина. Некои ја нарекуваат „проруска неутралност“. Неодамна Financial times напиша дека Западот не ја дооценува  позитивната улога на Поднебесната. Прво, таа не подлева масло во огнот. Воениот конфликт покажа дека колку и да се блиски Русија и Кина, меѓу нив нема сојуз. „Ако Пекинг заземе руска страна во конфликтот тогаш сме на прагот на трета светска војна. Тогаш ситуацијата ќе биде многу полоша отколку во епохата на студената војна во чие време САД и СССР на секој начин се обидуваа да одбегнат директна конфронтација, пишува весникот. Второ, Кина е против примена на нуклеарно оружје. Таквата нејзина позиција ги намалува шансите од почеток на нуклеарна војна, иако не се исклучени до крај. Никој не знае дали Путин блефира или не, зборувајќи за нуклеарното оружје. Но до ушите на Кремљ секако дојдоа јавните искажувања на Џинпинг за некористење на нуклеарното оружје. И покрај ова факт е дека е во тек прегрупирање на силите во светот. Кина и Русија се на една страна, сакале тие или не. САД и нивните сојузници се на друга.

За крај. Шаховската федерација на Русија влезе во состав на Азиската шаховска федерација! На последниот ден од февруари во Абу Даби во рамките на Азискиот шаховски самит се реши прашањето за членство на Русија во АШФ. Преминувањето стапува во сила од 1 мај. Претходно ФИДЕ даде согласност не наоѓајќи никакви нарушувања на статутот. На овој начин ШФР стана прва руска спортска организација, која го смени регионалното членство, од европско на азиско. Пред извесно време и на фудбалски план во Русија имаше дискусии за префрлање од Европа во Азија. Според првиот човек на рускиот шаховски сојуз, Алекандар Ткачов, ползата од овој чекор е во тоа што сега ќе можат да се натпреваруваат поголем број руски шахисти на официјални натпревари. Второ, шахистите во Азија се посилни од европските и трето ќе се избегнат откажувања на организирањето официјални шаховски натпревари во Русија. Конечно ќе се избегне и изолацијата на руските шахисти во Европа. За што веќе има навестувања.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?