28 Септември, 2022
0.0333

Русија ќе ни стои на вратот се’ додека Западот нема интерес за нас

Објавено во: Колумни 01 Август, 2022

Добивај вести на Viber

На 22 јули час пред полноќ, по руско време, на сајтот на руското Министерство за надворешни работи беше публикувано интервју со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров. Поводот за него  очигледно беше годишнината од смртта на отецот Методиј, архимандрит од Валаамскиот манастир, инаку Македонец од Блатец , Виничко, Венко Петров. Тој почина на 22 јули лани, од последици од коронавирусот.

Отец Методиј дваесетина години служеше во манастирот и иако таму имаше игумен, тој беше најомилен кај верниците кои доаѓаа во манастирот.  Дури и раководителот на манастирот владиката Панкратиј има изјавено дека за многу посетители на манастирот, лице на манастирот секогаш бил отец Методиј. Ако некој од читателите некогаш го видел видеото како еден отец му бацува рака на рускиот претседател Владимир Путин, тоа беше токму отец Методиј.

Во интервјуто дадено за Асоцијацијата „Наше кино“, кое очигледно било и снимено, Лавров покрај за личноста на Методиј, за нивното не често дружење, заедничко свирење на гитара и пеење, за тоа дека се што правел било чесно и искрено, проговори и за политички теми, поттикнат од тоа што отец Методиј е Македонец. Или како што го прашаа:„ Македонец кој засекогаш зачувал прилично изразен и убав јужен акцент и во исто време таква руска личност. Да не ви го „наруши“ тоа сознанието?, го прашаа Лавров.

Одговорот на Лавров беше:„Тоа мене  воопшто не ме збунуваше. Со него се дружевме кога за Македонците, како и за Црногорците, браќата православни Руси  беа пријатели кои доаѓаа на помош во најтешките времиња, го бранеа православието на Балканот и христијанството воопшто. Тогаш тоа беше сосема природно. Тој беше многу загрижен за промените што се случија во Македонија. Земјата стана Северна Македонија за да влезе во ЕУ (каде што не беше прифатена и нема да биде прифатена наскоро, дури и ако се реши ова прашање). Наместо тоа, тие ја втурнаа во НАТО, почнаа да ги загреваат русофобските чувства, агресивна политика кон Руската Федерација. Истото го направија и со Црна Гора: ветија дека ќе влезат во ЕУ, но рекоа дека треба да влезат во НАТО, да се приклучат на санкциите и да заземат став кој е отворено антируски. Тажно е. Бев во Скопје и Охрид, видов како луѓето во Македонија се однесуваат кон нашата заедничка историја и религија. Бев и во Црна Гора...Сега има зачудувачка промена помеѓу тоа што чувствуваат Црногорците и Македонците за Русија и она што нивните политичари се принудени од Брисел, ЕУ, НАТО да го прават. Ова е обид од нив да си направат „алатка“ во антируската игра. Тоа е истото што се обидоа да го направат од Украина и од редица други источноевропски земји.

Лавров не остана должен и на Константинополскиот патријарх. За новинарот е среќа – обновувањето на евхаристичкиот однос меѓу српската и македонската црква. Што по автоматизам го вратило евхаристичкиот однос и со Руската православна црква, за што отец Методиј мечтаел и се молел. Оценката на Лавров за ова е позитивна. „Сметам дека тоа е разумно решение на патријархот Порфириј. Тоа е достоен одговор на интригите кои ги плете Константинополскиот патријарх. Тој се обидуваше за вечно да ги погребе било кои односи меѓу другите православни цркви, пред се’ српската и македонската. Таа провокациона замисла беше спречена. Сметам дека тоа е мудро решение Тоа дозволува евхаристички однос со Руската православна црква за што ние сме заинтересирани. Уверен сум дека тоа ќе послужи за доброто на православието“, рече Лавров.

Ако поводот за интервјуто беше годишнината од смртта на отец Методиј, тогаш Лавров умешно го искористи за пласирање на руски ставови. И за црквата и за односите со Македонија и Црна Гора. И публикувањето на интервјуто во доцните ноќни часови зборува дека некому му се брзало да ја запознае јавноста со нив.  Сигурно интервјуто не било снимано вечерта, туку во текот на денот, а може и порано. Можело да отспие до другиот ден. Барем да го коригираат некои делови, каде што има непрецизности и недоречености во искажувањата на министерот. На пример за нашето членство во ЕУ и НАТО.

Како и да е содржината на интервјуто не остана незабележано кај нас и очигледно ја исполни целта. Да биде прочитана од властите во Македонија. И нормално следеа одговори и од нашето Министерство за надворешни работи, но подоцна и од претседателот Стево Пендаровски. Министерството соопшти дека во интервјуто на Сергеј Лавров „Република Северна Македонија се споменува во неприфатлив контекст“, дека „Западот се обидува да ја направи Северна Македонија алатка во антируската игра“. Од таму додаваат дека „ постојано се бориме против сите злонамерни влијанија од трети држави со цел мешање во нашите внатрешни работи“. Во однос на црквата во соопштението се истакнува дека „Во интервјуто се манипулира со религиозните чувства на православните верници во нашата држава и се користи добивањето на автокефалноста на МПЦ-ОА за промовирање на своите геополитички ставови. Овој историски настан никој не смее да го присвојува како свој успех, особено не оние што прикриено се противеа на ваквиот чин“.

За Пендаровски интервјуто на Лавров е провокација. Тој за неделникот „Фокус“ изјави дека сите државни институции знаат дека Русија се меша во нашите внатрешни работи. И тоа интензивно, со свои луѓе, политички субјекти, инсталации. Дека доаѓаат луѓе на Русите од соседните земји. Има хибридни закани, па политичка пропаганда за влијание. Па и интервјуто на Лавров е политичка пропаганда.  Па има руско мешање и во неодамнешните протести.  

И Пендаровски и нашето МНР добро знаат дека Русија и натаму нема да не остави раат. Дека ќе се обидува на разни начини да не исфрла од седло. Тоа го прави уште од 2015 година. Кулминација беше периодот пред падот на владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, предводени од Никола Груевски и Али Ахмети. Потоа периодот пред влезот во НАТО. На страниците на Фактор за овие работи е пишувано со години. За волја на вистината агресивната пропаганда на Русија во изминатиов период, по доаѓањето на новата власт, како да замре. Се појави неодамна, пак од Лавров во разговор со новинари по блокирањето на неговата посета на Србија од страна на Македонија, Бугарија и Црна Гора.  Според него на НАТО му се потребни такви земји како Македонија и Црна Гора. Кои ќе работат по наредби на ЕУ и НАТО. „Каква и чија безбедност зацврстија Црна Гора и Северна Македонија. Но, затоа како алатка во спречување на Русија, „додворувачи“ на големите „чичковци“, тие во целост се справија со својата улога. Жал ми е за тие земји“, рече Лавров.  Во меѓувреме имаше и некои соопштенија од обете страни, околу протерувањето на дипломати.

До кога ќе трае сегашниот однос на Русија кон нас? Сигурно е дека ќе се јавуваат инцидентно. Но, гледајќи го развојот на настаните во државава не е чудо Русите да преземат и поконкретни чекори. Приказните на Пендаровски за државните служби кои се’ знаат за Русија се за внатрешна употреба. Како викаше министерката од ДПМНЕ – „Се е во рамките на законот и Уставот“. Се’ додека е така, изјавите на Пендаровски се приказни за мали деца. А пред нас се предизвици кои лесно можат да ја нарушат каква-таквата стабилност во земјава. Особено на етнички план. Русите знаат каде сме најслаби. Можат тука да удрат. Исто така и меѓумакедонскиот судир, кој триесетина години не се смирува.

Пендаровски е во едно во право. Кога вели:„ Руската пропаганда, руските лажни вести, не само за војната во Украина, постигнаа одредени успеси кај населението на Западен Балкан, пред се’ поради инертноста на ЕУ. Никој не оди напред, ниедна од шесте држави не напредувала, па беше оставен бришан простор за алтернативни сценарија и руската пропаганда тука наиде на плодна почва. Не е случајно што драстично паѓа поддршката на ЕУ. Ако ЕУ продолжи со оваа политика кон Западен Балкан, руската пропаганда ќе биде посилна.“. Аферим претседателе, ама ова да им го кажете кога кај вас ќе дојдат Фон дер Лајен, Шолц, Борел, Макрон... Да пиштите и плачете, како што го прави тоа Владимир Зеленски. И не само вие. Сите што ве плаќа народот да ја водите државава. Тоа е државниот интерес. Зеленски е пример дека и мажите плачат. Додуша не е балканец. Но можат и балканскиве лидери да проронат по некоја солза и да пуштат крик од болка. Затоа што народот го боли се’ она што се случува околу него и со него, а зад кое стои Европа. Можеби за некого тоа не е фер, да се напаѓа Европа, но во политиката нема фер, има само државни интереси.

Во февруари годинава Институтот за демократија СЦС, презентираше анализа од која се заклучи дека Европскиот сон сè уште блеска, но европската реалност за Северна Македонија станува лош сон. Претседателот на ИДСЦС,  Марко Трошановски  тогаш истакна дека: „Оптимистички набљудувач би заклучил дека поддршката за македонското членство во ЕУ е релативно стабилна на околу 70%. Но, подлабок увид во структурата на ставовите дава сива слика. Неспроведувањето на домашните реформи и блокадата од нашите соседи се клучни причини за стагнација на земјата во нејзините амбиции за ЕУ. ЕУ и Западен Балкан влегоа во маѓепсан круг на меѓусебен некредибилитет. Оваа стагнација го намали значењето на ЕУ во личните преференции на граѓаните, особено на етничките Македонци. 45% од Македонците би поддржале Евроазиска унија предводена од Русија. Перцепцијата за влијанието на ЕУ опадна од 34 на 9 отсто и за првпат Македонците повеќе од етничките Албанци ги сметаат САД за повлијателни од ЕУ“.

Ова зборува дека вината не е само во ЕУ, туку и во властите кои со години не’ замајуваат со реформи, а и соседите со своите „добрососедски политики“. А кои се потхранувани од Западот. Се’ додека е вака Русија ќе ни стои на вратот. А државните институции само ќе го констатираат тоа. Нема интерес Западот за нас. Го имаат само кога ќе дојдат на гости. Кога беше за НАТО, бидејќи од друга страна е Русија, САД притиснаа за Преспанскиот договор. Балтичките земји ги примија во НАТО и ЕУ под итно. Ни јазик, ни идентитет, ни човечки права не се спомнуваа...

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Жешка зима

Жешка зима