05 Мај, 2024
0.0244

Русија и САД го играат второто полувреме

Објавено во: Колумни 13 Септември, 2015

Добивај вести на Viber

Русија и Америка го продолжуваат меѓусебниот натпревар за влијание врз меѓународната политика. Барак Обама, американскиот претседател, вели Русија е регионална, но не и светска сила. Оваа пак, предводена од претседателот Владимир Путин, како за инает прави потези со кои сака да му покаже дека регионот и е мал. Украинската криза и неколкугодишната војна во Сирија се теренот на кои тие се натпреваруваат. Ако на полето на Украина Русија го изгуби првото полувреме, бидејќи Путин не успеа да ја подели Европа, на полето на Сирија е обратно. Таму Русија го доби полувремето. САД, подготвени да ја бомбардираат Сирија, се откажаа благодарејќи на руската маневра околу хемиското оружје. Второто полувреме е во тек. Пред речиси пет години еден пријател од Америка ме праша: Кој е следниот? Стануваше збор за почетокот на воената акција на коалицијата против Либија, во среднината на март 2011 година. Немав одговор. Велам, беа соборени лидерите на Тунис и на Египет, можеби Сирија... Не погодив. Во Сирија не се остварија намерите да се собори од власта „диктаторот“ Башар ел-Асад. Се испречија Русија и Кина. Изгорени од воздржаноста околу Резолуцијата на ОН донесена на 17 март 2011 година  за Либија со која се овозможи создавање на зона на забранети летови. Американскиот претседател Барак Обама тогаш велеше дека  целта е да се спасат животите на продемократските демонстранти на истокот на земјата, кои се најдоа на удар и на остри мерки од страна на Моамер Гадафи. Два дена по овластување од ОН, САД и други земји на НАТО воспоставија зона на забранети летови во Либија и почна со бомбардирање на силите на Гадафи. Дури и надвор од рамките на Резолуцијата. Седум месеци подоцна, во октомври 2011 година, по долга воена кампања, со голема западна поддршка, бунтовничките сили ја освоија земјата и беше застрелан Гадафи. Тоа го бараше индиректно и американската државна секретарка Хилари Клинтон. А сигурно и многу други европски лидери, кои често одеа на бацирака кај Гадафи, а сега беа вклучени во операцијата за негово отстранување. Сигурно им лекна, бидејќи Гадафи знаеше и беше соучесник со нив во многу, многу тајни работи. На пример финансирањето на изборната кампања на Никола Саркози, тогашниот француски претседател. Или пак, откажувањето на Либија од нуклераната програма, или пак големиот долг на американски нафтени компании кон Либија, или пак соработката со британските тајни служби... Западни медиуми тогаш пренесуваа изјави на американски официози, дека станува збор за „модел на успешна интервенција“ и дека целите се остварени без да загина еден американски војник. Некои експерти велат дека во САД тогаш се сметало дека постигнале хет-трик. Продолжување на негувањето на Арапската пролет, избегнат е геноцид од типот-Руанда и Либија е елиминирана како потенцијален извор на тероризам. Епилогот од таа операција, што го имаме денес пред нас, не вели дека е така. Либија не само што не е демократска држава, туку бројот на луѓето што секојдневно гинат неколкукратно го надминува бројот на оние што загинаа во текот на протестите против Гадафи. Убиства, никакви човекови права, ни трага ни глас од продемократските сили, убиство дури на американски дипломат, навлегување на припадници на Ал Каеда и на Исламската држава, голем извор на тероризам, земја со неизвесна иднина во наредните години. На меѓународен план, последиците од Резолуцијата 1973 се заострување на состојбите на Блискиот исток, Кина и Русија во ОН веќе не се кооперативни кога станува збор за акции на Западот од типот на воздушни удари и секако, најлоша последица, граѓанска војна во Сирија. Токму околу последново веќе неколку месеци се разгоруваат страстите. Очигледно е дека таму не одат работите ни како што сака Русија, ниту, пак, САД. Последниот разговор меѓу Обама и Путин, телефонски, на барање на рускиот претседател, беше во јуни. Дека не одат работите потврдуваат вестите за испраќање руски инструктори, воена опрема и оружје во Сирија, работа која ги вознемирува Американците. Режимот на Асад, кој контролира не повеќе од 30 проценти од територијата очигледно е под голем притисок, пред се од припадниците на Исламската држава, но секако и од таканаречените сили на умерената сириска опозиција и други групи, потпомогната и поддржана од Запад, Турција и „демократските“ земји од Арапскиот залив, пред се Саудиска Арабија. Дека и на Американците не им оди, пак, се соопштенијата дека припадниците на сириската опозиција, кои тие ги обучуваат, најчесто заминуваат во редовите на Исламската држава. Но, повеќе загрижува фактот, кој испливува во јавноста деновиве, дека се „фризираат“ разузнавачките податоци од теренот и такви се праќаат до Обама. Станува збор за лажни извештаи со кои се намалува реалната моќ на Исламската држава и огранокот на Ал Каеда во Сирија во „согласност со „розовиот“ јавен став на белата куќе дека САД победуваат во борбата против нив.“. Ако победуваат сигрно и на Асад ќе му беше полесно. По разговорот на Обама и Путин зачестија средбите и разговорите на министерот Сергеј Лавров и државниот секретар Џон Кери, кој, патем да кажеме, беше близок со сирискиот претседател Асад. Од сите овие разговори веројатно може да се наслути дека Русија и САД сакаат да направат нешто заедничко, ама тоа да не изгледа дека некој некого победил или некој во тоа нешто изгубил. Дека е тоа така може да се насети од веста дека Стејт департментот побарал од Бугарија и Грција да не ги пропуштаат руските авиони кои летале кон Сирија, без согласност од американскиот претседател. Повикувајќи се на два анонимни извора од администрацијата, Блумберг пренесува дека претседателот не знаел за тие чекори, а кога дознал „бил вознемирен“ од работањето на Стејт департментот, бидејќи одговорот на новонастанатата кризна ситуација, според негово мислење, барал многу пошироко и повнимателно изучување. Предноста на Путин во овие работи е што тој секогаш има некаков план или предлог, спортски кажано тој ја води играта. Американците како да се во дефанзива. Во истиот текст на Блумберг се вели дека во моментов американските власти се загрижени со тоа, како да одговорат зголемувањето на руско воено присуство во Сирија. Обама ги викнал чиновниците кои што се занимаваат со прашањата од национална безбедност, што побрзо, да направат каков било план, бидејќи разузнавачите велат дека Русија на сириска територија има намера да гради авиобаза. Некои чиновници од Белиот дом, вели Блумберг, даваат приоритет на привлекување на што поголем број земји во борбата со Исламската држава. Тие предлагаат зголемувањето на руското воено присуство да се признае како свршен чин и да се координираат ударите на силите на САД и на Русија на северот на Сирија, каде што коалицијата предводена од САД секојдневно спроведува воени операции. Но во администрацијата на Обама има и такви, специјалисти за Сирија, за кои идејата да се даде согласност на Русија за учество во вооружениот конфликт е исто како да се признае дека пропаднале обидите за соборување на сирискиот претседател Асад. Тие исто така се плашат дека Русија ќе ја искористи борбата против ИД како прикритие за нанесување удари по сириските опозициони групи, кои се борат против Асад. И додека се јави американската администрација со конкретен предлог Путин дејствува. Рускиот влог во оваа игра е многу голем. Сирија е последниот браник на нејзините интереси во тој регион. Воената поморска база Тартус е изградена уште во седумдесеттите години од минатиот век. Таму свраќаат руските воени бродови кои пловат во Средоземјето. Политички, успехот на Русија во Сирија ќе значи дека Русија им останува верна на своите арапски сојузници. Наспроти Америка, која некои нејзини арапски сојузници ја сметаат за предавник, особено околу договорот со Иран. Неодамна кај Путин на гости беа  јорданскиот крал Абдула, претседателот на Египет Абдел Фатах ас-Сиси, принцот на Абу Даби Мухамед бин Заид. Се очекува во Москва да дојде и Саудискиот крал Салман. Во преговорите со нив Русија се обидува да најде решение за сириската криза, но притоа да не се довдеде во прашање претседателствувањето на Асад. Путин ги убедува арапските земји дека вистинска закана за нив не е Асад, туку Исламската држава. Единствениото со кој што не му оди до крај работата на Путин е турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Очигледно е дека односите на двете земји се хибернирани. „Турски поток“ каска во место. Ердоган се обидува да се вмеша околу прашањето на Татарите на Крим, а отворената поддршка на Асад од Русија не може никао да ја свари. Впрочем Ердоган застана на страната на коалицијата против Сирија од прагматични причини, но работите не му излегоа како што сакаше. Ердоган на врвот на својата моќ како премиер ја спроведуваше политиката на „неоосманизмот“. Се сметаше за многу моќен, заборавајќи дека човек треба да си ја чукне главата кога е на врвот на моќта. Бранови од неа дојдоа и на нашиве простори. Со Србија имаше дури и политички инцидент. А како може да има „неоосманизам“ без Сирија? Тука Ердоган се пресмета во проценките. Тој мислеше дека ако дојде до соборување на Асад неговото влијание во регионот ќе се зголеми уште повеќе. Ама есапот дома и на пазар не е ист. Веројатно Ердоган имаше и некако влијание врз Исламската држава, бидејќи и таа сака да го собори Асад. Но, Американците, на крај, го убедија да се откаже од ИД и да удри врз нејзините припадници. Тој тука искористи шанса, па доби дозвола од САД да ги бомбардира и припадниците на Курдската работничка партија во Ирак. Лесно може да се случи најголем губитник од се она што се случува во и околу Ирак и Сирија да биде Турција. Ако Курдите во Ирак имаат автономија, во Сирија сигурно ќе ја добијат, ако не и повеќе од тоа, тогаш останува да се реши прашањето со Курдите во Турција. Тоа решение ќе биде болно, а можеби ќе доведе и до нова војна. Но овој пат на територијата на Турција. Судбината,пак, на Башар ел-Асад ќе биде директно поврзана со успехот во борбата против припадниците на Исламската држава и други милитантни групи во Сирија и во Ирак. Ако тие бидат уништени, тогаш Асад, кому вчера му беше роденден, наполни 50 години, ќе може да смета да претседателствува уште некоја година. Се разбира ако Русија и САД не се договорат за некое друго решение. А токму за заедничко решение меѓу Русија и САД во последно време, особено со бегалската криза, навиваат многу европски политичари. Поранешниот британски министер за надворешни работи Дејвид Милибанд во Њујорк деновиве изјави  дека САД и Русија ќе мора веднаш да почнат со соработка и заедничко работење за средување на ситуацијата во Сирија, во борбата со џихадистите од Исламска држава. Тој смета дека во таа заедничка, американско-руска активност ќе мора се вклучат и земјите од Персискиот Залив, затоа што тие се дел од овој регионален проблем. А Путин предлага нова коалиција, заедно со САД и земјите од регионот. Секако и Сирија, бидејќи таа има армија која што е на теренот. Заедно да се настапи против ИД. Ама Американците, Британците и Французите не го сакаат Асад, па велат дека нема коалиција додека е тој на чело на државата. Путин и за ова има решение. Според него обединувањето на силите за борба со ИД треба да оди паралелно со некој политички процес во самата Сирија. Путин вели дека и претседателот на Сирија е согласен со тоа да има предвремени избори, на пример за парламентот, да се воспостават контакти со таканаречена здрава опозиција, која би се привлекла кон управување со државата. Да почне некаков внатресириски дијалог. Поттикната од сево ова се јави и Британија.и таа подготвува план за борба со ИД, но и за тргање на Асад. Планот, според „Гардијан“, соодржи „ограничени воени напади“ врз позициите на ИД  на сириската територија и покренување дипломатската офанзива за мировни преговори за Сирија. Според дипломатскот дел од британскиот план, за актуелниот претседател Асад,  е оставен само кус период од шест месеци, што се означува како време на транзиција на власта, до кога тој би можел да биде на чело на државата. Планот ја исклучува можноста за останување  на неговиот „безбедносен апарат“. Овде Британците како да не ја научиле лекцијата од Ирак и од Либија. Многу експерти денес велат дека по соборувањето на Садам Хусеин и Моамер Гадафи, не требало да се искорни од корен целата воена и политичка инфраструктура на тие држави. Зашто денес во редовите на Исламската држава најобучени и најоспособени за војување се токму кадрите од таа инфраструктура. А истото тоа би се случило и со Сирија. И нормално ќе се добие нов Ирак и нова Либија. А можеби тоа е цел на Британците? Деновиве се јави и поранешниот француски претседател Никола Саркози. Тој вели: „Ние направивме голема грешка кога создадовме услови за нова Студена војна со Русија. Ние имапе потреба од неа околу прашањата со Сирија и ИД. Треба да ја затвориме страницата со студена војна со Москва, тоа  и нека не значи дека ние сме во се согласни со неа или го прифаќаме она што се случува во Донбас. Русија треба да покаже добра волја, да и помогне на меѓународната зедница да ја победо ИД и да се реши долгата сириска криза. Русија мора да се врати во „осморката“, да го симне ембаргото за месо. Треба дијалог меѓу Европа и Русија. Тоа е во интерес на двете страни. Според него иднината на Сирија не е можна со Асад, но тоа не значи дека треба да се избришат сите што работеле во партијата Баас. Тоа беше главна грешка во Ирак. Треба да се даде старт за национално помирување со учество на членови и од стариот режим, вели Саркози. За вклучување на Русија во решавање на ситуацијата во Сирија неодмана прозборе и канцеларката Ангела Меркел, се со цел да не се оди на нејзино воено решавање. Исто и австрискиот министер за надворешни работи Себастиан Курц. Првиот човек на вашингтонското биро на весникот „Ал Кудс“ Саид Арикат, за прашањето на Асад вели дека треба да се почне со преговори на кои ќе биде претставен целиот сириски народ, вклучувајќи ги и оние кои сметаат дека Башар Асад ги изразува нивните интереси. Друг излез, според него, нема. Упорно да се настојува на тоа дека Асад престанал да биде легитимен лидер нема иднина во Сирија. На тој начин само се влошува ситуацијата и се придонесува кон зголемување на бројот на групи, кои во иднина можат да станат нешто друго, некоја нова сила. Мислејќи на тоа дека можат утре другиден да станат нова Ал Каеда или ИД, кои израснаа токму од рацете на САД. Како ќе заврши сето ова? Одговор е тешко да се даде. Кон крајот на месецов во Њујорк ќе биде Владимир Путин. Веќе е најавено дека главно ќе зборува на темата ИД и Сирија и потребата од коалиција за заедничко дејствување на воен и политички план. Руското оружје и натаму ќе оди во Сирија, бидејќи за такво нешто нема никаква забрана. Можеби американските чиновници ќе изготват план за одговор на руските чекори. Но како и да е решението е едно-мораат САД и Русија да седнат да се договорат. Без комплекси, без суети. Се разбира доколку сакаат да дојде до мир во Сирија и на Блискиот исток. Патот до него ќе биде долг, можеби месеци и години. Но треба да се почне. Европа овде е само посматрач. Таа таквата улога си ја одбра самата. Неа и останува грижата со бегалците. Мирче Адамчевски  

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина