РЕНТГЕНОТ НЕ РАБОТИ, ТЕХНИЧАР НЕМА, РЕЗУЛТАТОТ НЕМА КОЈ ДА ГО ПРОЧИТА: За снимање само приватно или никако!
Објавено во: Македонија 14 Мај, 2025 07:38
Ќе паднеш, ќе се повредиш, ќе се сомневаш на скршеница или некакво друго внатрешно оштетување,
но кога ќе стигнеш до најблиската поликлиника или болница, ќе ти кажат: „Извинете,
рентгенот не работи.“ Или пак: „Работи, ама немаме техничар.“ Или уште полошо: „Нема
кој да ги прочита снимките.“ Така изгледа реалноста за голем број граѓани низ
државата, кои и покрај сите напори да добијат навремена и квалитетна
здравствена услуга, остануваат без соодветна дијагностика, изложени на ризик и
често принудени да бараат помош во приватни установи или пак во друг град.
Додека опремата за снимање, од рентген до најсовремена ПЕТ/КТ дијагностика стои во ходниците на болниците, често неупотребена или со месеци расипана, пациентите талкаат по системот. Во некои установи недостигаат техничари кои го вршат снимањето, во други радиолози специјалисти кои треба да ги протолкуваат резултатите. Дури и таму каде што има апарати, нема обучен кадар кој може да ги стави во функција. А и кога ќе се најде некој, најчесто е преоптоварен, работи за двајца или тројца.
„Имам 59 години и со години боледувам од остеопороза. Тоа значи дека коските ми се слаби и често кршливи. Лани ја скршив раката, сега пред некој ден прст на ногата. Од болка не можев да стапнам. Матичната лекарка веднаш ми даде упат за да направам рентген снимање. Отидов во амбулантата „Железничар“, но таму рентген апаратот не работел. Ми рекоа да одам во друга установа. Се јавив во пликлиниката „Идадија“, но таму немале техничар за да ми направи рентген снимање. Ајде, некако стигнав до трета поликлиника, а таму рентгенот работеше, ама ми рекоа дека нема кој да ми ги прочита снимките. На крајот, иако цел живот сум осигуреник и дел од мојот личен приход се слева во Фондот за здравствено осигурување си отидов приватно да се снимам, си дадов пари, снимките ги добив веднаш, и веднаш ми беа прочитани, вели скопјанката Милица С. која своето неодамнешно лошо искуство го сподели во изјава за Фактор.
И токму овие искуства што ги имаат многу граѓани низ државата ја потврдуваат состојбата што ја утврди и последниот извештај на Државниот завод за ревизија. Имено, ревизорите открија дека современата медицинска опрема вредна 18,6 милиони евра, набавена во изминатите три години, во голем дел не е ставена во функција или пак не се користи доволно, и тоа главно поради недостиг на стручен кадар, простор и поддршка во функционирањето.
„И покрај тоа што е постигнат напредок во регионалната распределба на новата медицинска опрема и зголемување на бројот на здравствени услуги, дел од опремата не е ставена во употреба, или не се користи доволно. Главни причини се недостиг на стручен кадар, несоодветни просторни услови, како и непостојано и нецелосно одржување на опремата,“ се наведува во извештајот на ДЗР, кој опфатил шест вида скапа и неопходна опрема, од компјутерски томографи и мамографи, до апарати за роботска рехабилитација и ПЕТ/КТ машини.
Истовремено, иако побарувачката за здравствени услуги постојано расте, бројот на радиолози во јавните здравствени установи не само што не се зголемил, туку е во пад. Од 2021 до 2023 година, бројот на специјалисти радиолози се намалил од 88 на 79, а само во Институтот за радиологија, од 30 на 23.
Ревизорите нотирале и други слабости, системот за евиденција на кадар не се ажурира редовно, што го отежнува планирањето, а податоците за дефекти на опремата не се внесуваат навремено во системот „Мој Термин“, па и таму каде што има апарати често се во дефект без евиденција и без брза реакција.
Во услови на сериозен дефицит, Министерството за здравство најави итно вработување на 600 приватни специјализанти до крајот на 2025 година, од кои 69 треба да бидат радиолози, со цел барем делумно да се стабилизира системот и да се обезбеди континуитет во давањето на здравствени услуги.
Анита Буховски
Можеби ќе ве интересира
МАКЕДОНИЈА ИМА СИЛА ДА БИДЕ НОРМАЛНА ЗЕМЈА: Тошковски вели дека сме станале вистински Европјани
„ВИСТИНАТА Е ДЕКА МИНАТАТА ВЛАСТ ИЗРАБОТИЛА НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ПРИФАЌАЊЕ МИГРАНТИ 2017-2027“: Мицкоски за темата со мигрантите
Стафа примил мито од 50.000 евра за да влијае кај судија
СЕ ОГЛАСИ ДИМИТРИЕВСКИ ЗА МИГРАНТСКИТЕ КАМПОВИ: „ЗНАМ нема никогаш да даде поддршка“
Крај на опасната крстосница во Аеродром: Се поставува семафор на улицата Васко Карангелески
ТОШКОВСКИ ПОТВРДИ ДЕКА Е УАПСЕН ПОРАНЕШНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА: Повеќе детали најавува наскоро
ВИДЕО: ДЕЦА КРВНИЧКИ СЕ ТЕПАА ВО САРАЈ: ОЈО побара судска постапка спрема 5 деца
Макстил: Информациите за пожар не се однесуваат на нашата компанија
Започна демонтажа на стариот радар на Аеродромот Скопје, авионскиот сообраќај се одвива непречено




