Рекордна искористеност на ИПА средствата
Објавено во: Финансии 30 Мај, 2018
Mинатата година имаме рекордна сума искористени ИПА средства, односно европските фондови кои ни се на располагање, неколкукратно повеќе во споредба со претходните години, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, денеска на пуштањето во употреба на надградениот и осовремен граничен премин Табановце како дел од кампањата „ЕУ за тебе“.
– Во 2017 година за проекти од ИПА фондовите се искористени 83,2 милиони евра. Тоа е два и пол пати повеќе од 2016 година кога се исплатени 32 милиони евра. Повеќе е и во споредба со 2015 година, кога се исплатени 51 милион и 2014 со 31 милион искористени ИПА средства – истакна министерот за финансии.
Тој посочи дека Владата ќе настојува и во иднина искористеноста на европските фондови за проекти да биде уште поголема. Во август 2017 година Владата направила план за подобрување на користењето на ИПА. Тој предвидува поголема политичка посветеност, одредување на приоритетни проекти, подобра екипираност и следење на правилата и препораките на ЕУ.