03 Декември, 2024
0.0290

Путин ќе оди на петти мандат – само тој може да биде претседател

Објавено во: Колумни 11 Декември, 2023

Добивај вести на Viber

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот објави дека ќе се кандидира за претседател на изборите закажани за 17 март наредната година. Тоа не изненади никого. И така веќе извесно  време јавноста во земјата ја поготвуваа за такво нешто. Извесното трае неколку години.На 11 март 2020 година Државната дума ги усвои измените во Уставот со кои  на Путин мандатот од 2012 до 2024 година се „анулира“, па на тој начин му се овозможува да учествува на изборите во 2024 и во 2030 година! Предлогот беше поднесен од космонаутката Валентина Терјешкова, а наводно на барање на работниците.

Во Русија кога е Путин во прашање се’ е пресметано. Изјавата за кандидирање на изборите тој ја даде на собир посветен на одбележувањето на Денот на хероите на татковината. Немаше директен пренос, но затоа веднаш по свеченоста низ етерот проструи очекуваната вест. „Ќе се кандидирам за должноста претседател на Руската Федерација“, рече Путин. Повеќе молба, отколку барање да учествува на изборите, беше изустено од еден татко на загинат Русин од Доњецк, прогласен за херој. Таткото е претседател на парламентот на ДоњецкатаНародна Република. Путин нагласи дека имал разни размислувања во поглед на претседателствувањето во иднина, „Но сега вие сте во право. Сега е такво време, кога треба да се носат решенија“, одговори Путин на молбата. Неговиот сегашен мандат истекува на 7 мај догодина. За да биде барањето поткрепено од народот, на церемонијата кон претседателот пријдоа неколкумина и сите бараа тој да оди на избори во 2024 година.

„Благодарение на вашите постапки, вашата одлука, добивме слобода, право на избор. <...> Има многу работа, сè уште ни треба интеграција во социјалната комуникација, во сите други економски формати. И чисто [премин кон ] обичен, човечки, мирен живот . И под ваше водство би сакале да го направиме сето ова. Вие сте наш претседател, ние сме ваш тим. Ни требате вие, ѝ требате на Русија", нагласи претседателот на парламентот на ДНР.Него го поддржа мајка на загинат борец на СВО, херој на Русија. Како наставничка во основно училиште, таа потсети колку е важно децата да се воспитуваат правилно, да се всади во нив патриотизам, за во иднина да пораснат во херои.„Но, оваа работа треба да се продолжи“, додаде жената. „Ни требате како лидер. И јас се придружувам на барањето да се кандидирате. Вие сте нашиот претседател. Ние сме вашиот тим.Ним им се придружи и награден херој на Русија, кој му ги пренесе на шефот на државата зборовите на војниците од линијата на фронтот. „Момците, пред да ги искажете вашите зборови сега, беа загрижени - ќе се кандидирате за функцијата, нема да се кандидирате. Затоа, побараа да пренесам, драг Владимир Владимирович, да останете со нас, бидејќи заедно сме сила и со вас ќе победиме, вие сте нашиот претседател“, му се обрати тој на Путин. Имаше уште некои други исти и слични искажувања, кои го „убедија“ Путин да каже дека ќе се кандидира, затоа што после слушнатото  „поинаку и не може“.

НЕ СЕ ОДБИВААТ МОЛБИТЕ НА НАРОДОТ

За Путин не е ништо ново да носи одлуки на „барање на народот“. Него се’ други го бараат. Во 2000 година БорисЕлцин и камарилата околу него го предложија за претседател. Елцинпобара од народот да гласа за Путин. Новиот претседател на изборите освои 52,94 проценти од гласовите. Во декември 2003 година на „ненарачано прашање“, во програмата на „Директна линија со народот“, Путин ја потврди намерата за кандидирање за втор мандат во 2004 година. Додаде дека имал намера наредните денови да каже дека ќе се кандидира. Но еве, веќе  кога имало прашање, па да одговори. По завршувањето на мандатот во 2008 година, тој стана премиер, а за претседател беше избран Димитриј Медведев.

Во 2011 година во Русија имаше големи протести, кои беа жестоко угушени. Во септември истата година Медведев го предложи Путин за кандидат за претседател, а овој му вети премиерско место. Тоа беше прва злоупотреба на Уставот. Иако со него не беше изричито забрането таквото кандидирање. И во 2012 година започна новиот мандат на Путин, со зголемено траење од шест години. Во декември 2017 година, Путин ја посети фабриката за автомобили во НижњиНовгород, и таму на барање на работниците кажа дека ќе се кандидира на изборите во 2018 година. И така се’ до денешен ден.  Не се одбиваат молбите на народот.

Путин исто така или го објави разводот со неговата сопруга. На крајот од една балетска претстава, на која беа сопружниците,  доаѓаат „ненарачани“ новинар и камерман и по неколку реченици за впечатокот од претставата, прашање право во ребра. Демек дека ретко ги гледаат заедно, дека се зборува дека не живеат заедно. Путин со крупен план во камерата, подготвен, гледа кон сопругата и одговара дека „тоа е така“. Па почна да зборува дека работата му е таква што практично не се гледаат со сопругата. Таа тоа го потврди и рече дека нивниот брак е завршен.

Ова е интересен феномен. Него се’ други гопрашуваат, се’ други го бараат, се’ други го викаат, се’ други му предлагаат. И сето тоа во директен пренос или снимка, која веднаш станува видлива во етерот. Се разбира, само кога станува збор за тоа, кога треба да се испратат пораки до јавноста, која ќе ги прифати или чека да ги прифати неговите одговори на нејзините барања. Многумина очекуваа и најавуваа дека Путин кандидатурата за претседател ќе ја обнароди на 14 декември, кога ќе биде програмата „Директно со народот“. Кој знае што се’ е подготвеноза тој ден. Какви прашања и какви одговори?

ВЕЌЕ СЕ РАБОТИ НА ЦЕЛИТЕ

И така Путин ќе биде претседател најмалку уште шест, а најмногу уште 12 години, ако не му текне во меѓувреме да го смени Уставот и да се прогласи за доживотен претседател. Има предвидувања дека изборите ќе бидат досадни, бидејќи се знае победникот. Димитриј Песков, портпаролот на Кремљ, неодамна, кога Путин не беше кажал дека ќе се кандидира, изјави дека Путин ќе победи на изборите и тоа со над 90 проценти од гласовите. И токму тука сега се насочени напорите на претседателската администрација. Како да му обезбедат на Путин победа од над 80 проценти од гласовите и со не помала излезност? На бранот на војната во Украина Путин има поддршка, но сега не станува збор за гласање за војна, туку за престанување на сегашната.  Сигурно и тоа ќе има влијание врз избирачите. Но и многу други прашања од внатрешната политика. Во 2018 година Путин беше избран со 76,69 проценти од гласовите, а излезноста беше 67, 54 проценти. Очекувањата на Кремљ за излезноста беа 70 проценти.

Администрацијата на претседателот веќе работи врз поставените цели. Па, така , меѓу другото, на еден семинар организиран од Администрацијата, како што пишуваше „Коммерсант“, на вицегубернаторите им раскажале за темите, кои странските не добронамерници би можеле да се обидат да ги искористат за да ја дестабилизираат ситуацијата во Руската Федерација. Конкретно, темата за меѓуетничките односи, чија сериозност се покажа со неодамнешните спонтани протести во Махачкала. Во ризиците за информации се вклучени и чувствата на жените, чии најблиски се во зоната на Североисточниот воен округ: неопходно е да се биде во контакт со нив, да се внимава на нивните проблеми и да се помогне во нивното решавање. Иако малубројни, но сепак во руски, но и украински градови се собираат сопруги и мајки на војници заминати на фронтот и бараат нивно враќање. Тоа засега е инцидентно, но тенденцијата треба да се почитува.

Дополнително,  на семинарот било споменато дека негативна информативна позадина може да создадат Руси, кои ја напуштиле земјата и кои сè уште имаат роднини и пријатели во Русија. Во Германија, Берлин и во балтичките земји веќе се одржуваат средби на лица избегани од Русија по војната и се организираат настани на кои се зборува за начините како да се спротивстават на Русија или за поткопување на нејзиното единство, за евентуално учество во воените единици во Украина, кои се составени од Руси и по воен пат да дојде до соборување на власта... Сепак, според соговорници на Комерсант, овој проблем не се смета за сериозен ризик. „Генерално, сите ризици се мали наспроти позадината на општата консолидација“, објаснува еден од изворите на Комерсант.

ПОДГОТОВКА ЗА ФАЛСИФИКАТИ

Токму погоре споменатите теми на семинарите на Администрацијата ќе го одбележат и новиот мандат на Путин. Малцинските прашања, етничката шареноликост, се теми за кои сите знаат дека можат болно да удрат врз единството на земјата. Не случајноизминативе години Путин постојано ги нагласува потребите од сплотеност во државата. Војната ќе биде втората болна тема. Дали таа ќе заврши за време на неговиот втор мандат? Што ако тоа не се случи? Дали ќе расте незадоволството кај жените и мајките? И што ќе стане со економијата? Па потоа, за каква консолидација ќе може да се зборува?

Администрацијата сега , како и во 2018 година, сигурно е зафатена со избор на противкандидати на Путин. Во 2018 година се бараше противкандидат кој не е млад, туку некој кој е приближно возраст на Путин. За да не изгледа Путин многу стар.Се чини и сега ќе биде така. Тогаш во договор со Администрацијата, за идеолошка разноликост на изборите, се пријави и „либералката“ Ксенија Собчак, која освои нешто над еден процент од гласовите.

Што прави руската опозиција пред изборите? Прво, за опозиција, системска, не може да се зборува. Онаа што е во Думата е прилепена за власта. А и не е толку бројна. Повеќе е декор, отколку активен актер во политичкиот живот на Русија. Несистемската опозиција е во затвор или надвор од Русија. Но и таа е расцепкана.Навални уште кога разбра за датумот на избори, уште пред да сеизјасни Путин, веднаш одговори на одредувањето на датумот, повикувајќи ги 110-те милиони граѓани со право на глас да гласаат за „кој било друг кандидат“ освен Путин, иако „конечните резултати ќе бидат наместени“.„Путин ќе ја уништи Русија. Тој мора да замине. За Путин, овие избори се референдум за одобрување на неговите постапки. Референдум за одобрување војна. Да ги попречиме неговите планови и да се погрижиме на 17 март никој да не се грижи за фалсификуваниот резултат, туку цела Русија да види и да разбере: волјата на мнозинството е Путин да замине“, напиша Навални во објавата на неговиот блог.Во меѓувреме се зборува дека „исчезнал“, дека веќе неколку дена нема никаков глас од него. А велат бил и болен.

За фалсификуваниот резултат се зборуваше и во 2018 одина. И на изборите за Думата во 2021 година. Се гласаше три дена, а имаше и далечинско електронско гласање, без да се доаѓа на избирачкото место. Туку со паметни телефони или компјутер и на специјален портал за избори. Што се случи? После три дена гласање на кои се виде дека некаде опозицијата има солидни резултати, по пребројувањето на далечинското гласање резултатите се променија. Некои експерти графички докажаа манипулација со резултатите од таквото гласање. Оттука и сегашните тврдења на опозицијата за подготовка на фалсификати.

ЉУБОВТА КОН ПУТИН

За луѓето од власта или доближените до неа не треба да се трошат многу зборови. Тие се „вљубени“ во Путин. „Русија доброможе да се споредува со демократските земји во Европа, бидејќи рускиот претседател Владимир Путин не размислува за следните избори, туку размислува за „децениите што следуваат“, изјави помошникот на шефот на државата Максим Орешкин.„Сите добро знаеме дека хоризонтот на планирање на претседателот Путин не е три месеци, ниту една година, па дури и пет години. Тоа се децении нанапред, генерации“, рече Орешкин во интервју за „Московски Комсомолец“.Според него, Путин ниту едно решение не го носи „заради избори“. „Тој секогаш размислува во однос на следните генерации“, нагласи Орешкин, потсетувајќи како живееше земјата во 2000 година, кога Путин дојде на власт.Претседателскиот помошник, исто така, отфрли дека откако Путин ќе биде реизбран за петти мандат во 2024 година, Русите ќе се соочат со „горчливи апчиња“. Напротив, рече тој, властите разговараат за „стратегија за развој - инфраструктура, образование и така натаму“. „Прашањето е: Колку брзо можеме да си ја дозволиме целата оваа позитивна промена? - забележа Орешкин.Тој е во право за Русија до 2010 година, но потоа работите тргнаа надолу.Путин ја крена Русија, која беше падната на колена. И економски, но и воено-политички. А потоа работите се променија. Веројатно се во право и научниците кои утврдиле дека автократските режими се ефикасни во првите два мандата или првите десет години од владеење, а потоа, ако не дојде до промена на лидерот се’ оди во обратна насока.

За „љубовта“ кон Путин може да ја споменеме и Валентина Мативиенко, прв човек на Советот на Федерацијата. Валентина Матвиенко предложи промена на имињата на должностите на шефовите на Федералната адвокатска комора и Федералната нотарска комора на Русија. На една средба со министерот за правда таа изрази мислење дека употребата на терминот „претседател“ во овие контексти може да предизвика недоразбирање. „Присутни ги имаме претседателите на Адвокатската комора и на Нотарската комора. Патем, сакав да прашам: нели  е премногу громко - претседател? Мислам дека Русија треба да има еден претседател. Можеби треба(овие) да се викаат поинаку?“ - рече Матвиенко.

Во декември 2021 година, рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој им забранува на регионалните шефови да се нарекуваат претседатели. Иницијативата предизвика незадоволство во Татарстан дури и во фазата на разгледување. Парламентот на републиката се спротивстави на законот.Во декември 2022 година, Татарстан усвои уставни амандмани кои му дозволија на Миниханов да ја задржи титулата претседател на републиката до крајот на неговиот мандат. Сепак, таму одлучија да го напуштат овој преоден период „по дополнителни консултации“. Подоцна, Државниот совет на Татарстан веќе го измени уставот на републиката, заменувајќи го терминот „претседател“ со „раис“ - арапски збор што значи „главен“.

Во Русија назначувањето на датумот за избори значи и почеток на изборната кампања. Во предизборието ќе се изнаслушаме мноштво ветувања. Но, дали ќе има и ветување за „крв, пот и солзи“. Се чини тоа е најважната работа на која ќе треба да се посвети Путин. Најважна доколку сака да го консолидира општеството. Предизвиците се огромни. Тој започна игра со цел да води сметка за интересот на Русија за нејзината безбедност. Назад враќање нема. Но да не се случи наместо до 2030, тој да треба да бара и нов мандат до 2036 година. Тогаш би имал 84 години. Ако во Русија му се потсмеваат на ЏоБајден за неговата „сенилност“, тоа може да се случи и со Путин. Некаде прочитав дека во Русија веќе зборувале за проект „Мугабе“. Некое лице, кое понекогаш работело за Кремљ,  во предвоените времиња, раскажувал дека на Стариот плоштад(каде што е сместена администрацијата на претседателот), зборувале со него со смеа, но сериозно, за проектот „Мугабе“, именуван по националниот лидер на Зимбабве, кој владеел таму 38 години. Па оттука и заклучокот дека Владимир Путин ќе мора уште еднаш да го промени уставот, бидејќи сега неговиот законски максимум е само 36 години.

Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии