26 Април, 2024
0.0327

ПРВИОТ ЧОВЕК НА ШПАРКАСЕ, БИШЕВ, СО ПОРАКА: Банкарскиот систем е стабилен и има капацитет да ја поддржи економската обнова

Објавено во: Финансии 22 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Банкарскиот систем е стабилен, има капацитет да ја поддржи економската обнова по ефективното управување со ковид-кризата и ќе биде еден од основните столбови на економскиот раст на земјата, порача Глигор Бишев, директор на Шпаркасе банка, во отворената програма на Телевизија 24.

Тој истакна дека за здрав банкарски сектор, потребни се три столба: пазарна дисциплина и транспарентност, регулаторни стандарди и супервизор, што кај нас е Народната банка и третиот столб – соодветни корпоративни стандарди и процедури во секоја деловна банка одделно.

Осврнувајќи се на важноста од пазарната дисциплина, Бишев посочи дека таа подразбира деловните банки и да даваат информации на јавноста, вклучително и преку објави на годишни извештаи и ревидирани стандарди на своите веб-страници.

„Банките работат по пазарни принципи, сопственоста е приватна, но за разлика од другата индустрија, тие работат и со туѓи средства – депозитите на граѓаните и на компаниите“, нагласи Бишев во студиото на Телевизија 24.

Централната банка, како што посочи тој, пропишува стандарди во коишто се имплементирани најдобрите светски банкарски практики. Според Бишев, Народната банка ги следи правилата и најдобрите практики објавени од Комитетот за банкарска супервизија на Банката за меѓународни порамнувања, до коишто треба да се придржуваат сите централни банки во светот.

„Ако деловна банка ги следи тие правила пропишани од централната банка, веројатноста e многу мала да биде изложена на ексцесивен ризик и да банкротира“, нагласи првиот човек на Шпаркасе банка.

Акционерите, односно корпоративното управување на секоја банка, според него, поставува и свои стандарди, коишто по правило се многу повисоки од минималните што ги бара регулаторот.

Тој посочи дека ако банка сака да расте преку зголемување на кредитното портфолио, мора и да го зголемува својот капитал со дополнителни вложувања.

„Ако банка, на пример, треба да има 15 отсто капитал, а има пласирано 100 милиони евра во кредити, значи дека треба да има 15 милиони евра капитал. Меѓутоа, ако сака да ги зголеми кредитите за 10 милиони евра, мора да има 1,5 милиони евра дополнителен капитал. А тоа значи ако достигне ниво на кредити од 110 милиони евра, мора да има 16,5 милиони евра капитал“, појасни Бишев.

Тој истакна дека правилата за игра поставени од регулаторот се однесуваат за сите.

„Ако банка сака да расте, а нема доволно капитал, не може да каже дека ќе го прекрши пропишаното од Народна банка, на пример 15 отсто, па ќе падне на 13 отсто и ќе стигне до 110 милиони евра кредитен раст. Или обратно – да направи загуба, лоши пласмани и да не вложи дополнителен капитал...“, посочи првиот човек на Шпаркасе, при што нагласи дека регулаторот не може да толерира ако банка го прекршува пропишаното.

Во емисијата, меѓу другото, Бишев истакна дека во првото полугодие, кредитниот раст на банкарскиот систем е 6,6 отсто, во услови кога во вториот квартал имаше пад на БДП од 12,7 проценти. Со кредитната поддршка, според Бишев, и покрај намалената економска активност, банките излегоа во пресрет на потребите на компаниите, имајќи ја предвид објективната причина – ефектите од пандемијата.

„Во целина, сите показатели укажуваат на тоа дека банките се стабилни. Тие се фундамент на економијата и профитите што ги генерираат се уште еден фактор кој покажува дека зборуваме за здраво банкарско јадро. Во период на криза, банките одобруваат и кредити на фирми кои беа погодени од кризата, но ние ги гледавме нивните биланси за работењето во календарската 2019 година, кога економска криза немаше, и врз основа на тоа одлучивме дека фирми кои сега се во незавидна состојба, сепак треба да бидат поддржани од банките и затоа направивме одредени отстапки“, изјави Бишев.

За ТВ 24 тој истакна дека во завршница е и процесот на второто одложување на кредитите, но дека во однос на претходното одложување, сега значајно е намален бројот на граѓани што бараат ново.

Најголемиот дел од банките, како што посочи Бишев, веќе го завршија процесот минатата недела, а мал дел тоа ќе го направат овие денови.Во однос на претходното одложување, според Бишев, сега значајно е намален бројот на граѓани што бараат ново.

Бишев појасни дека првото одложување беше на голема основа, затоа што се случи нешто што сите нѐ изненади – пандемијата на ковид-19, којашто го наруши живеењето.

„Затоа, секому, особено кај граѓаните, независно дали останал или не останал без работа и независно дали му се намалил или не му се намалил доходот, му се понуди одложување на наплатата на кредитот. Сега доаѓаме во ситуација кога треба да го нормализираме живеењето во услови на вирус, ефективно да управуваме со него и што е можно повеќе да ја извршуваме економската активност и да се вратиме во нормала. Во такви услови, банкарската индустрија не може да ја повтори истата понуда како пред шест-седум месеци кога сите бевме затечени. Прифаќаме да бидеме солидарни, меѓутоа за оние коишто навистина или останале без работа или чие семејство има доход намален за повеќе од 10 отсто, а оние коишто редовно работат и немаат намалување на доходот ќе треба да почнат со отплата на кредитите како и пред кризата“, појасни првиот човек на Шпаркасе.

Но, притоа, во студиото на Телевизија 24, Бишев и напомена: Секако, никој од нас не може да предвиди што ќе се случува во декември или во март догодина. Сите ќе ја следиме состојбата и зависно од движењата би се прилагодувале.

Можеби ќе ве интересира

И СТОПАНСКА БАНКА БИТОЛА ПОТВРДУВА: Се разгледува можноста за присоединување кон Комерцијална банка

И СТОПАНСКА БАНКА БИТОЛА ПОТВРДУВА: Се разгледува можноста за присоединување кон Комерцијална банка

Е СЕГА Е НАВИСТИНА СЕРИОЗНО: Комерцијална банка почнува длабинска анализа на Стопанска Битола за да се одлучи за можно присоединување

Е СЕГА Е НАВИСТИНА СЕРИОЗНО: Комерцијална банка почнува длабинска анализа на Стопанска Битола за да се одлучи за можно присоединување

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈСТАРАТА МАКЕДОНСКА БАНКА СЛАВИ 80 ГОДИНИ, А ИМА И УБАВА ВЕСТ - еве како оствари чист профит поголем од 14 милиони евра

НАЈСТАРАТА МАКЕДОНСКА БАНКА СЛАВИ 80 ГОДИНИ, А ИМА И УБАВА ВЕСТ - еве како оствари чист профит поголем од 14 милиони евра

„НОЌЕВАЊЕ ВО ОХРИД ЗА ДВЕ ИЛЈАДИ ДИНАРИ“: Еве како српски „Б92“ им го претстави македонскиот бисер на Србите

„НОЌЕВАЊЕ ВО ОХРИД ЗА ДВЕ ИЛЈАДИ ДИНАРИ“: Еве како српски „Б92“ им го претстави македонскиот бисер на Србите

ПЛАТА 120.000, А НЕ ВИ ТРЕБА ФАКУЛТЕТ! Младите се почесто отвораат сопствен бизнис во оваа област, а работници нема доволно во Србија

ПЛАТА 120.000, А НЕ ВИ ТРЕБА ФАКУЛТЕТ! Младите се почесто отвораат сопствен бизнис во оваа област, а работници нема доволно во Србија

САМО НЕБОТО Е ЛИМИТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ БАНКИ! Која од нив објави 19 милиони евра профит за три месеци?

САМО НЕБОТО Е ЛИМИТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ БАНКИ! Која од нив објави 19 милиони евра профит за три месеци?

ОВА СЕ ЧЕТИРИТЕ НАЈГОЛЕМИ УЛТРА ИНТИМНИ ВИП НАСТАНИ КАДЕ ОДАТ НАЈБОГАТИТЕ: Тука тешко е да присуствува обичен човек

ОВА СЕ ЧЕТИРИТЕ НАЈГОЛЕМИ УЛТРА ИНТИМНИ ВИП НАСТАНИ КАДЕ ОДАТ НАЈБОГАТИТЕ: Тука тешко е да присуствува обичен човек

РАБОТАТ ОД ДОМА, А СААТНИЦАТА ДОСТИГНУВА 200 ЕВРА: Ова е список на работни места за кои многумина сонуваат

РАБОТАТ ОД ДОМА, А СААТНИЦАТА ДОСТИГНУВА 200 ЕВРА: Ова е список на работни места за кои многумина сонуваат