Прават милиони евра од трговија со отпад! Кои се тие?
Објавено во: Економија 14 Февруари, 2020
Во дејноста трговија на големо со отпадоци и остатоци има регистрирано 75 домашни фирми. Меѓу нив има пет друштва кои оствариле добивки кои надминуваат 100.000 евра
Во Македонија трговијата на големо со отпад и остатоци е вносен бизнис. Има вкупно 75 компании кои се регистрирани за трговијата на големо со отпадоци и остатоци. Меѓу нив има пет компании кои имаат добивки од најмалку 6 милиони евра или околу 100.000 евра, а меѓу нив убедливо најпопуларна или поточно „нај извикана“ е депонијата „Дрисла“ која има повеќе дејности на делување меѓу кои една е и трговијата на големо со отпадоци и остатоци.
Официјалните податоци достапни од ЦРМ покажуваат дека меѓу овие пет компании кои се заминаваат со трговија на големо со отпад и остатоци најмалата во 2018 година остварила приход од 942.000 евра, а најголемата има приход од 4,85 милиони евра и тоа , замислете, не е „Дрисла“!
„Нутривет“ е скопска компанија која е регистрирана за дејноста трговија на големо со отпадоци и остатоци. При пребарување на интернет се наоѓа иистоимена фирма која се занимава со увоз на ветеринарни медицински препарати, а воедно се занимава и со откуп на стара хартија.
Оваа компанија, чиј сопственик е физичко домашно лице Живко Серафимовски, во 2018 година остварила приход од 4,85 милиони евра, а нејзината добивка изнесува 292.000 евра.
„Дрисла“ е компанија која има најголем профит во конкуренција на овие пет компании, но мора да се истакне дека ова јавно претпријатие својот профит го остварува од повеќе дејности, а не само од трговија со отпад на големо. ВО 2018 година, оваа компанија беше управувана од приватна иницијатива, и оствари приходи од 3,9 милиони евра и профит од 389.000 евра што значи дека имала профитна маргина од речиси 10 отсто. Очигледно е дека приватната иницијатива на италијанско-македонските бизнисмени знаела да прави пари од отпад.
Две компании во 2018 година оствариле приходи од 2,8 милиони евра, а и двете се регистрирани само за дејностите трговија на големо со отпадоци и остатоци. Тоа се Еуро Бос РАФ од скопско Студеничани и Даскало од прилепско Мало Коњари. Еуро Бос РАФ е сопственост на Асан Идризи и оваа компанија во 2018 година остварила приход од 2,8 милиони евра и добивка од 150.500 евра. Прилепската компанија сопственост на Јане Даскалоски била поуспешна. Таа остварила приход од 2,8 милиони евра и нејзината добивка за 2018 година изнесува 234.300 евра.
Најуспешна фирма во трговијата на големо со отпадоци и остатоци е штипската фирма Оаза Минерали сопственост на Соња Ивановска. Оваа фирма во 2018 година остварила приход од 942.000 евра, а добивката за таа година изнесува 199.000 евра. Добивката изнесува 21 отсто од приходите остварени во таа година.
Р.Ф.