Поради мигрантите: Берлин издвои повеќе пари за безбедност
Објавено во: Свет 11 Ноември, 2016
Германија планира да одвои повеќе пари за безбедност, разузнавање и надворешна помош, изјавија денеска пратеници, цитирани од американските медиуми.
Тоа е реакција на растечките закани за безбедноста и протокот на стотици илјади мигранти во последните години.
Според ДПА дел од парите ќе бидат искористени за создавање до 2020 година на 4300 нови работни места во полицијата и безбедносните сили.
Членовите на парламентарната буџетска комисија исто така се согласија да биде двојно зголемен персоналот на нова агенција, чија цел е да продира во кодирани комуникации. Таа ќе има 120 вработени.
Дополнителни 1,1 милијарда евра ќе бидат одвоени следната година за хуманитарна помош и програми за справување со причините за миграцијата. Сумата е мала во споредба со 22 милијарди евра, кои Германија очекува да ги потроши за поддршка на стотиците илјади луѓе кои побарале азил во земјата во последната година.
Буџетската комисија се согласи да бидат обезбедени дополнителни 40 милиони евра за програма која има за цел да им помага на луѓето чии барања за азил биле одбиени.
Дневниот весник „Зидојче цајтунг" соопшти дека Федералната разузнавачка служба ќе добие сопствен сателит. Досега таа се потпираше на сателитски податоци од германската армија или од сојузнички разузнавачки служби.