Полицијата го уапси напаѓачот од Квебек - кој е тој?
Објавено во: Свет 31 Јануари, 2017
Полицијата го обвини студентот Александер Бизонет за вчерашниот напад во џамијата во канадскиот град Квебек.
Бизонет е уапсен во неговиот автомобил на мост на излез од Квебек, откако се јавил во полиција и кажал дека сака да соработува. Тој е обвинет за шест убиства и пет обиди за убиство.
Напаѓачот студирал политологија и антропологија на универзитетот Лавал, чиј кампус е на три километри од џамијата во која се случи нападот.
Според Би-би-си, Бизонет бил познат по ултрадесничарските уверувања. Тоа го потврдува и Франсоа Дешамп, службеник на советодавната група „Добредојдовте бегалци“.
Момчето е познато по своите националистички и расистички ставови и поддршката за Французинката Марин Ле Пен и претседателот на САД, Доналд Трамп, како и негативниот став за феминизмот.
Низ Канада беа организирани бдеења и молитви за жртвите на терористичкиот напад. Во моментот кога Бизонет почнал да пука, во џамијата имало над 50 луѓе. Вкупно се ранети 19 лица, а од петте кои се во болница, две се во критична состојба.
Канадскиот премиер, Џастин Трудо пукањето во џамијата го окарактеризира како терористички напад. Тој им порача на муслиманите кои живеат во Канада дека Канада е со нив.
Нападот се случи во моменти на засилени тензии поради забраната за влез на муслиманите во САД. Белата куќа го осуди нападот, но оценија дека токму поради него е потребна политиката на американскиот претседател Доналд Трамп.