08 Мај, 2024
0.0247

Полека, но сигурно, обрачот се стега

Објавено во: Колумни 02 Март, 2015

Добивај вести на Viber

Срамно, да се немало морал ниту за морална одговорност, да се немало усул. Повлечете се, не водете инат, не за тие што сметаат дека вие не треба да бидете на власт, туку за оние „вашите“ , вмровците. Нив не ги срамите, не им ја валкајте партијата. Ве фатија со „спуштени гаќи“. И сега, не се обидувајте да манипулирате за да се извлечете. А и вие не сте глупави, само сте многу збунети и исплашени. Веќе незнаете што да демантирате, а што да спинувате. Те странски служби биле, те монтирани биле разговорите,  те после се повикувате на разговорите како  да се вистинити зашто па  нели и вие сте биле луѓе,  те незнам што незнам како . „Облечете се “ и напуштајте терен. Не ја навредувајте интелегенцијата на луѓето.  Човек веќе не знае на што повеќе да се жали-дали на материјалната сиромаштија до која не доведе авторитарната власт со политиките кои генерираат ниски стапки на раст и нагласениот популизам (како божемна грижа за бедните)  или за нивната духовна беда што без срам и перде го омаловажуваат народот и го потценуваат неговиот ум и мудрост, насочувајќи го со лажни аргументи во сопствена одбрана. Фатени во „небрано“ тие конструираат неверојатни, монструозни  бессмислици за да ги исчистат валканиците од незаконитите постапки и однесувања во владеењето во изминатиот период. Наместо да ги признаат грешките и да повлечат определени консеквенци тие со сите средства настојуваат да се оправдаат. Нешто невидено ниту во авторитарни режими. Притоа, не се срамат од тоа што  се случило во нивно време, туку прибегнуваат кон лична одбрана, обвинувајќи ги тие што ги изнесоа на виделина вистините за владеењето на „Груевски и фамилијата“ дека ја загрозуваат безбедноста на земјата. За нив, виновник е гласникот кој објавува дека ни’ гори куќата, а не тој  кој овозможил, со своето лошо работење да се запали куќата. Овој метод од арсеналот „нападот е најдобра одбрана“ е најчесто употребуваниот начин на актуелната власт во одбрана од критиките во медиумите  и во јавноста. Тие толку го унапредија во неговата примена што на секоја критика на власта или на некој нејзин потег се појавуваат бранители. Најновата  критика на распадот на безбедносниот систем  и на автократското владеење на актуелниот премиер ја пресретнаа со организирање на здруженија за одбрана на земјата. И види апсурд. Земјата ќе ја бранат од критичарите, а не од тие кои со  своето неработење, неспособност или расипаност доведоа до невидени поларизации во населението на земјата, до незамисливи злоупотреби на службените позиции, до кршење на уставни и законски права на граѓаните, до контрола на медиумите (кои ги финансираат со средства од даночните обврзници) и нивно сведување на пропагандни средства на владејачката партија, до партиска контрола во правосудството, до политички инспирирани напади на имотот на политичките противници... Секое од овие зла е доволно да ги замисли владателите како луѓе, наместо безочно да се бранат со лажни конструкции на вистината, да ги признаат грешките и да повлечат консеквенци. Најмалку,  барем како луѓе. Да поднесат оставки на позициите од кои не успеале да ја одбранат државата од наводните напади. Меѓутоа, тоа не се случува. Дури децидно се истакнува дека нема да има оставки. Како власта да е нивен мираз и ќе ја обавуваат како што тие сакаат и умеат, дури и со противуставни и противзаконски постапки и однесувања. Ова е срамно од елитите. Во четврт век демократски деклариран развој се успеаја да изградат личен морал, барем дотолку да можат да ги признаат грешките во работењето и да повлечат определени консеквенци. Напротив, градат позиции на незаменливост и непогрешливост, зад што најчесто се кријат бројни слабости, па и злодела, како што се погоре споменатите. Сигурно е дека кога би се преиспитувале на првите грешки, воопшто не би дошло до заглибување во живата песок на вршење на најразлични незаконитости. Сласта на власта заслепува, доколку се избегнува да се расправа за грешките, а се настојува да се изгради ореол на чесни, безгрешни, посветени и работни луѓе во власта. Грешките се кумулираат и во еден момент, кога и да е, доведуваат до општествено-економска хаварија, која не може да се решава со оддолжување и забошотување на легалните постапки, до што неминовно доаѓа доколку сторителите на неделата не се подготвени да понесат ниту морална одговорност за продлабочувањето на политичката криза во земјата. Во такви услови таа набрзо преминува  во економска и општа криза, а во нашиот случај и до разнебитување на државата. Во тоа се во право „бранителите“. Меѓутоа, треба добро да проценат од кого треба да ја бранат земјата. Време е да сфатат и својата енергија да ја насочат кон сторителите не споменатите недела, бидејќи со нив се нарушува безбедносната ситуација во земјата, а не против оние кои  настојуваат да ги сопрат во натамошното нивно незаконито делување. Одбраната на земјата е чест и должност на секој граѓанин и веројатно нема кој нема да се одѕвa на повикот таа да се брани. Нечесно е, меѓутоа, кога потребата за одбрана се злоупотребува за избегнување на одговорноста на сторителите на антиуставни и незаконски постаки и однесувања на највисоките носители на власта. Но, тоа набрзо се открива и ќе се види. Веќе го имаме примерот кога еден „недоквакан“ предлог за воведување на државен испит (како услов за постигнување на божемно повисок квалитет во високото образование), од власта беше бранет со сите средства, па наиде на отпор кај студентите и професорите и власта мораше да се повлече. Не е важно дали тоа го направи тактички, за да ги смири протестите  или навистина ја сфати својата грешка. Тоа што е впечатливо, а го потврдува постоењето на „експерти за една употреба“ чии услуги власта сака да ги користи, е нивното неприсуството кога се донесе одлуката.  Тоа се тие , претставниците од контрапрофесорскиот пленум кои во екот на протестите, без валидни аргументи, ги бранеа позициите на власта. Тоа значи дека нивната еднократна употреба заврши. Ако останат на сегашните позиции, да ги бранат носителите на власта кои забраздиле во незаконитости, голема е можноста, кога ќе се излезе на демократскиот колосек на развојот, тоа да им се случи и на овие „бранители“, да бидат еднократно употребени и да ја изгубат вистинската смисла на постоење. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина