ПОЧНА БЕРБАТА НА ЈАБОЛКА ВО ПРЕСПА: Работниците бараат и по 2.200 денари дневница, но не сите овоштари се во можност да платат толку
Објавено во: Економија, Агробизнис 24 Септември, 2024 07:48
Од 1.500 денари до 2.000 или 2.200 денари се движат дневниците во Преспа за берба на јаболка. Некои од овоштарите на работниците им нудат сместување и три оброци дневно и тоа ја одредува висината на дневницата. Двете страни се договараат и за превозот. Тоа е работа на договор меѓу овоштарот и работниците.
Еден работник во просек дневно треба да собере 35 до 40 гајби со јаболка.
„Кога зборуваме за рентабилност, низа на години и оваа не сме рентабилни во суштина. Се работи да се преживее година за година. Има намалување како на површината, така и на бројот на овоштарите. Некои се откажуваат, во неможност да обезбедат рентабилност или во крајна мера ги одржуваат овошните насади со одредена заштита, колку да произведат индустриско јаболко, а трпезното јаболко е минимално. Втората работа е што веќе од пред една или два години бројот на работници се намалува, се активираат сопствените ресурси по семејства, роднини, пријатели, од други градови за да се реализира бербата. Таа дневница која се споменува не можат да ја исплатат дел од овоштарите. Оние овоштари на кои овоштарството им е дополнителна дејност, ако се две - три лица вработени во администрација или во која било дејност, фабрика, за нив не претставува проблем да платат. Тука имаме нерамноправност на оние на кои овоштарството им е основна дејност и тешко дека ќе можат да продолжат во иднина“, вели Љубе Пампулески од Здружението на овоштари „Благој А.Котларовски“ од Ресен.
Работници доаѓаат од соседните општини, а има и одредена категорија на луѓе кои можат во октомври да користат неплатен одмор за да одат на берба на јаболка или станува збор за пензионери кои можат да работат.
Притисок прави прави и времето, затоа што имавме суша, па врнежи. Не се знае дали времето ќе им оди во прилог на овоштарите во октомври. Ако има осцилации, тоа нема да им одговара.
Неколку илјади работници се потребни во Преспа за берба на јаболката. Пампулески објаснува дека делумно бербата е почната, поради порана зрелост на јаболката, но тоа се 10 до 20 отсто, а за недела дена бербата ќе се интензивира и сите ќе бидат во овоштарниците.
Се очекува да има околу 60.000 до 70.000 тони трпезно јаболко и 20.000 до 30.000 тони индустриско јаболко. Од низа фактори, а пред сè од температурните разлики, тешко е точно да се предвиди количината на јаболката која сезонава ќе биде собрана.
Сања Атанасовска
foto freepik.com
Можеби ќе ве интересира
Мицкоски: Мерките на Владата даваат резултати, зголемени бројки на туристи и ноќевања во првите 10 месеци
Меѓународниот аеродром Скопје станува апослутен лидер во регионот по раст и по број на нови понудени места
КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември
Кинеската економија во 2025 година и предвидувања за 2026 година
Тактики, а не паника, ја создаваат моменталната вредност на криптовалутите
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети
Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март
Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година




