„ПОЧИВАЈ ВО МИР, ГЕНЕРАЛЕ“: Ковачки се простува од екс началникот на Генералштабот на АРМ, Ѓорѓи Бојаџиев
Објавено во: Македонија 02 Декември, 2024 08:36
Тажни вести синоќа пристигнаа од Драган Ковачки. Тој објави дека вчера починал поранешниот началник на Генералштабот на АРМ, генералот Ѓорѓи Бојаџиев.
„Денес почина нашиот поранешен началник на Генералштабот на АРМ, генерал Ѓорѓи Бојаџиев.
Неговата посветеност, љубовта кон татковината и личниот придонес за Армијата и за Македонија, како и грижата за неговите подредени, ќе останат засекогаш запаметени.
Последен пат се сретнавме за време на парламентарни избори, кога, како и секогаш, зрачеше со енергија, оптимизам и љубов кон својот народ.
Како таков генерал ќе го паметам – секогаш на страната на вистината.
Почивај во мир, генерале.“, напиша тој.
Информацијата утринава ја потврдија и од Генералштабот.
„По кратко и тешко боледување во текот на вчерашниот ден на 74- годишна возраст, почина пензионираниот генерал-мајор Ѓорѓи Бојаџиев, поранешен началник на Генералштабот на Армијата. Бојаџиев е роден 31 март 1950 година во Ново Село, Струмица. Завршил гимназија во 1969 година, а потоа своето образование го продолжил на Воената академија на Копнената војска на ЈНА и истата ја завршил во 1973 година. Командно-штабна академија завршил како припадник на АРМ во 1995 година, а највисокиот степен на воено образование Школо за национална одбрана завршил во Франција, во 2001 година.
Генералот Бојаџиев во текот на неговата воена кариера, до неговото пензионирање во 2005 година, извршувал повеќе високи должности во Армијата, како командант на моторизирана бригада, командант на дивизија, началник на управата за операции, готовност и обука во Генералштабот, командант на гранична бригада, а во период од 2004 до 2005 година и највисоката должност началник на Генералштабот на Армијата.
Во текот на својата кариера повеќе пати добивал награди и признанија како заслуга за својата беспрекорна посветеност и залагање во армиската служба, пред сè во унапредувањето и усовршувањето на Армијата и армиските процеси, меѓу кои е одликуван и со Медал за воени заслуги и Орден за воени заслуги со сребрени мечеви.
Генералот Ѓорѓи Бојаџиев ќе биде погребан со воени почести денес на Градските гробишта во Штип во 14 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 13.00до 14.00 часот“, се вели во соопштението оттаму.
Можеби ќе ве интересира
Стафа примил мито од 50.000 евра за да влијае кај судија
СЕ ОГЛАСИ ДИМИТРИЕВСКИ ЗА МИГРАНТСКИТЕ КАМПОВИ: „ЗНАМ нема никогаш да даде поддршка“
Крај на опасната крстосница во Аеродром: Се поставува семафор на улицата Васко Карангелески
ТОШКОВСКИ ПОТВРДИ ДЕКА Е УАПСЕН ПОРАНЕШНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА: Повеќе детали најавува наскоро
ВИДЕО: ДЕЦА КРВНИЧКИ СЕ ТЕПАА ВО САРАЈ: ОЈО побара судска постапка спрема 5 деца
Макстил: Информациите за пожар не се однесуваат на нашата компанија
Започна демонтажа на стариот радар на Аеродромот Скопје, авионскиот сообраќај се одвива непречено
Контрола во угостителски објекти во Куманово, затекнати малолетници после 24:00 часот
Од 9 часот не работи радарот за контрола, полетувањата и слетувањата ќе доцнат по час и половина




