25 Април, 2024
0.0316

Почеток на голема војна - крај на една хегемонија

Објавено во: Колумни 05 Јуни, 2023

Добивај вести на Viber

Се’ уште се свежи впечатоците од мартовската посета на кинескиот претседател Шји Џинпинг на Москва, каде што се сретна со својот колега, Владимир Путин. Особено неговите зборови кон Путин, на заминување од Кремљ, „ Сега се случуваат промени, какви што немало100 години. А ние заедно ги движиме тие промени“ му рече Џинпинг при напуштањето на Кремљ. Путин одговори дека е согласен со тие зборови. „Чувај се драг пријателе“, додаде Џинпинг, а Путин му посака среќен пат.

Во март напишав на овие страници :„ Во Русија веќе се зборува за десет тешки години кои го чекаат светот. И двајцата претседатели навестуваат промени во светскиот поредок. Џинпинг можеби ја имаше предвид Октомвриската револуција и потресот што го направи таа на почетокот на минатиот век во светот. Тие промени траеја 80-тина години. И беа урнати од Западот, читај САД, кон крајот на векот. Како и да е годините што следат ќе бидат „весели“.

А дека ќе бидат „весели“ почнуваат да зборуваат и во САД. Колумнистот Фарид Закарија во „Вашингтон пост“ деновиве напиша текст озаглавен:„ САД веќе не можат да претпоставуваат дека остатокот од светот е на нивна страна“. Станува збор за текст во кој тој укажува на опасноста од крајот на американската хегемонија. Тој се запрашува што се случува? Зошто САД имаат многу проблеми со големите земји во развој? Зборува за промените кои се случуваат на геополитичката шаховска табла.

„Кога го следев текот на неодамнешните претседателски избори во Турција, мене ме порази настапот на еден од високите чиновници на земјата, министерот за внатрешни работи Сулејман Соилу, кој се обрати кон луѓето од балкон од едно здание. Тој вети дека претседателот Реџеп Таип Ердоган „ќе ги протера сите кои ќе и нанесат непријатности“ на Турција, „вклучувајќи ги американските вооружени сили“. Порано Соилу исто така изјави дека тие кои „се придржуваат до американскиот пристап ќе се сметаат за непријатели““, пишува Закараија , напоменувајќи дека Турција е членка на НАТО веќе 70 години. Тој додава дека и Ердоган често се користел со антизападна реторика. Но не е осамен во тоа. „ Како што нагласуваа многу коментатори, поголем дел од светското население не го поддржува Западот во неговото спротивставување на руските дејствија во Украина. И тој конфликт само го изостри вниманието кон покрупните појави: многу крупни и влијателни земји од светот во развој заземаат се повеќе антизападна и антиамериканска позиција“, пишува Закарија.

ШТО СЕ СЛУЧУВА

Тој во неговата колумна го споменува бразилскиот претседател Лула да Силва, кој неколку месеци по стапувањето на должност почнал демонстративно да го критикува Западот, огорчен е поради хегемонијата на доларот и изјавува дека Русија и Украина се подеднакво одговорни за започнувањето на конфликтот. „Оваа недела тој беше домаќин на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, чие брутално владеење принуди милиони луѓе да ја напуштат земјата. Лула беше полн со пофалби за диктаторот и го критикуваше Вашингтон за отфрлање на легитимноста на режимот на Мадуро и воведување санкции против него“, пишува Закарија.

По Лула да Силва на тапет доаѓа и претседателот на Јужноафриканската Република Сирил Рамафоса. Закарија не може да сфати како тој од умерен лидер, кој одржувал тесни врски со Западот, направил неговата земја постепено да се доближува кон орбитата на Русија и Кина. ЈАР не ги осуди дејствата на Русија во Украина, имаше заеднички морски воени маневри со руските и кинеските воено морски сили. САД сега ја обвинуваат ЈАР за испорака на оружје во Русија, обвинение кое таа го отфрла. Не е заборавена ниту Индија, која уште од почетокот на војната во Украина јасно даде до знаење дека нема да биде против Русија, која пак е главниот снабдувач со оружје на индиската армија. Американски експерти го предупредиле Вашингтон дека Индија сака да има избалансирани односи со Западот и Русија и Кина, и дека тој не може да смета на индиска поддршка во случај на криза во односите со Пекинг.

Па, Закарија се прашува, што се случува? Нему му  е јасно дека во последните две децении во меѓународниот систем  дојде до гигантско придвижување. Земјите кои некогаш беа густо населени, но сиромашни, од периферијата на настаните се префрлија во нивниот центар. И политички и економски. „ Како што овие земји стануваат силни не економски, стабилни на политички и самоодржливи во кулутурна смисла, тие се повеќе клонат кон национализам, па често нивниот национализам добива форма на отпор кон волјата на оние држави кои доминираат во меѓународниот систем, односно на Западот. Многу од нив во минатото биле колонии на западните држави, па оттука тие до ден денес имаат силен отпор кон обидите на Западот да ги втурне во една или друг алијанса или група“, пишува Закарија. 

Тој е во право кога станува збор за држави членки на БРИКС или земји кандидати за приклучување кон таа група, а се споменува бројка од триесетина кандидати. Неодамна во Јужна Африка се одржа средба на министрите за надворешни работи на членките на БРИКС. Во рамките на настанот се одржа и проширено заседание со министрите за надворешни работи на 12 земји во развој, наречена „пријатели на БРИКС“. Таму беа министрите на Аргентина, Бангладеш, Габон, ДР Конго, Египет, Индонезија, Иран, Казахстан, Коморските острови, Куба, ОБединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија. Сите овие земји, а и други, тешко дека „Западот ќе ги втурне во една или друга алијанса или група“. Тоа може со земја, како нашата или слични на неа. Сега е актуелна Грузија, на пример. САД и се закануваа дека ќе и’ воведат санкции доколку ги обнови авионските летови со Русија. Но САД не му се закануваат, на пример, на Азербејџан, кој исто така има авионски сообраќај со Русија.

НАШИОТ НОВ СВЕТ

Барајќи одговор на прашањето зошто САД имаат проблеми со земјите во развој, Закарија се повикува на Фиона Хил, експерт за Русија. Таа, размислувајќи за тој феномен во контекстот на украинскиот конфликт, нагласила дека уште еден фактор кој ја обусловува сомничавоста на земјите во развој е тоа што тие едноставно не им веруваат на САД, кога тие настапуваат со изјави во поддршка на светскиот поредок, заснован врз нормите на меѓународното право. Според Хил, пишува Закарија, тие земји го сметаат Вашингтон за „арогантен и дволичен“. „Америка наметнува правила на другите, но самата таа често ги нарушува, иницирајќи воени интервенции и воведува еднострани санкции. Таа ги повикува другите земји да ги отворат пазарите за трговија, но притоа самата ги нарушува тие принципи, кога неа и е од полза“, вели Закарија.

Таков е нашиот нов свет, пишува Закарија. Притоа додавајќи дека него не го карактеризира опаѓањето на Америка, туку повеќе „подемот на сите други“. „Крупните области во светот, кои не толку далечно, беа пиони во големата игра, сега се претворија во нејзини полноценети учесници, стремејќи се да прават свои сопствени, понекогаш демонстративно егоистични потези. Ќе биде тешко нив да ги заплашиш или да ги измамиш. Сега ќе треба да се убедуваат со чекори, кои ќе биде нужно да се прават внатре во својата земја, а не само да се проповедаат на меѓународната арена. Напредокот во новите услови ќе стане сериозен предизвик за американската дипломатија. Ќе излезе ли на крај Вашингтон со таа задача?“, прашува на крај Закарија.  

Една мала дигресија или надополнување на се’ погоре кажаното. Неодамна беше одбележан 100-тиот роденден на Хенри Кисинџер. По тој повод ширум светот имаше пригодни публикации. Во тие рамки беа посочени и некои цитати од негови трудови или интервјуа. Овде ќе спомнам само три, во контекст на темава. Па така, Кисинџер ќе рече:„ Империите не се заинтересирани да дејствуваат во рамките на меѓународниот систем, туку тие се стремат самите да бидат меѓународен систем’. Не враќајќи се многу векови наназад, пред неколку децении години тоа беа САД и СССР. Последниов се распадна па остана само една империја. Но сега се раѓаат и други, кои, пак, сакаат да станат тоа. Ете поле за работа. Вториот цитат е:„ Да се биде непријател на Америка може да биде опасно, но да се биде пријател на Америка е фатално. Два примера. Едниот од соседството. Државничкиот став на премиерот на Косово Албин Курти, околу последните настани, беше дочекан со критики од тие кои ги прогласија изборите на Северно Косово за легитимни. Но сега тие го менуваат ставот. Тоа може да биде фатално за самиот Курти. Втор пример е Украина. Нејзиното пријателство со САД може да биде фатално за неа. Но и за светот. И третиот цитат:„ Кога државниците сакаат да добијат време, тогаш тие предлагаат да се поразговара. Пример, Минските договори, наместо да се спроведат и да не дојде до крвавиот расплет, францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел, според нивни изјави, намерно ги одолговлекувале разговорите само да се добие време Украина воено да зајакне. Епилогот од воено зајакната Украина е пред нас.

ВОЈНА ДО КРАЈ

Епилогот е крвава војна, која допрва ќе се разгорува. За тоа зборуваа Украинците, а и Западот, уште зимоска. Де денес, де утре, де на пролет, де на лето ќе почне украинската контраофанзива. Војната и натаму ќе ескалира. Можеби наредниве денови. Ако лани почна со руска агресија и давање западно нелетално оружје, сега на ред се авионите Ф-16. Западот, НАТО, постојано „одбиваа“ да даваат ново и современо оружје на Украина, но како врвеше времето од пушки и „стингери“ се стигна до тешки тенкови, противракетни системи „Патриот“, а сега се чекаат и авионите. Сето тоа е само влог во ескалацијата. Ако се врати човек наназад ќе ги види брановите на ескалацијата и качувањето по  спиралата на уништување на се’ и сешто. Епилогот од контраофанзивата ќе ја одреди идната насока на војната. НАТО, Западот и ЕУ се за војна до крај, до тотален пораз на Русија. Таа, пак, е подготвена да се брани, а има најави или желби за освојување и на целото крајбрежје на Украина, па и целата територија на земјата.

Факт е дека Западот не сака пораз, но доколку тој се наѕре, тогаш ќе може да дојде до нова-нова ескалација. Западни медиуми веќе цитираат американски извори дека Русија и покрај заканите и црвените линии досега неколку пати нив ги избришала , а Западот тоа го искористил. Кои ќе бидат новите црвени линии? И што ако и тие бидат поминати? Нуклеарната војна меѓу САД и Русија е неизбежна, пишува поранешниот вработен во Белата куќа Пол Крег Робертс во напис за Institute for Political Economy. Според него американските неоконзервативци непромислено ја убедија Москва дека Вашингтон сака да ја избрише од лицето на земјата и нема да успеат да ја уверат во спротивното.

„Дојдов до заклучок дека Кремљ се подготвува за нуклеарна војна, бидејќи вашингтонските неоконзервативци и нивното господство во секоја американска влада во 21. век, ја убедиле Русија дека САД имаа намера да ја збришат од површината на земјата. За тоа не еднаш јавно зборуваше и Путин. Не ми влегува во глава, како Вашингтон можеше да дејствува толку непромислено, неодговорно и глупо и да и’ ја втурне на Москва таа мисла. Чудно, ама изјавите на рускиот претседател не предизвикаа никакви уверувања од Белата куќа“, пишува Робертс. Тој на читателите им порачува:„ Насладувајте се на животот. Не се беспокојте за иднината. Неоконзервативците веќе се погрижија за тоа, дека ќе ја немате“.

И Метју Андерсон во American Thinker пишува „Зошто САД сакаат војна“? Па вели:„Како што Киев се повеќе е изложен на гранатирање, а Москва на нови напади со беспилотни летала, непријателството достигнува ново ниво на директна конфронтација меѓу највисокото раководство на овие држави. Можете да имате различен поглед кон она што се случува, сметајќи ги акциите на Русија во Украина за неприфатливи, или, како политикологот Џон Миршајмер од Универзитетот во Чикаго, гледајќи долг синџир на провокации и неодговорност од страна на САД и ЕУ, но една работа е јасна: САД не се заинтересирани за мирно решавање на конфликтот. Сегашната надворешна политика на САД кон Русија е на тесниот пат на жестока конфронтација на суперсилите. Русија нема да го преземе водството во мировните напори, како и Украина“.

ЗАГРИЖЕНОСТ ЗА АМЕРИКАНСКАТА ПРОПАГАНДА

Андерсон се повикува на поранешниот потсекретар на САД и преговарач за оружје, Јуџин В. Ростоу, кој во неговата книга „Кон управуван свет“ тврди дека Вашингтон не може да се откаже од својата водечка улога во глобалната политика и дека, згора на тоа, највисоките интереси за националната безбедност на Соединетите држави бараат активирање државен систем како мировен механизам. „Меѓутоа, наместо тоа, администрацијата на Бајден ја следи сосема спротивната стратегија и, како резултат на својата некомпетентност и не работоспособност, го губи лидерството во однос на другите земји. Таквата стратегија ги уништува економијата и индустријата, а можеби дури и води до намерно уништување, вклучувајќи ја и самата американска влада“, пишува Андерсон.

Американската хегемонија исчезнува и на пропаганден план. За тоа е загрижен поранешниот министер за одбрана Роберт Гејтс, кој во „Вашингтон пост“ во април напиша дека „САД треба одново да се научат да му ја раскажуваат на светот својата историја“. Покрај економијата како оружје, тој тврди дека во САД сериозно се пренебрегнати другите инструменти на сила „кои имаа основно значење за победа во студената војна, умеење да се понудиш себе си на целиот свет, навики да се носи вистината до целото население на државите управувани од авторитарни режими и умеење да се разобличи дезинформацијата, која се распространуваше од тие режими“. Според Гејтс, стратешките комуникации и заемната работа со странски лидери и јавност се неопходни за формирање глобална политичка средина на начин, за да се поддржат американските национални интереси. Меѓутоа, признава тој, на таа решавачка арена, соперниците од Русија и Кина буквално не „опколуваат од сите страни“.  Пропагандата, како дел од специјалната војна во минатото, меѓу соперниците  САД и СССР, сега одново се нуди како формула за враќање на американското влијание во светот.

Јасно е дека во периодот што следи ќе бидеме сведоци на големи промени. Вредностите кои САД ги пропагираа во време на Студената војна, беа прифаќани и посакувани. Но денес работите не стојат баш така. Развојот на настаните во светот зборува дека она што се случува во САД не дава некоја желба за сите нации и земји во светот да одат по нивните стапки. Затоа и отпорот кон Западот е голем. Особено од земјите кои се политички и економски стабилни. Американците ќе треба да измислат некоја нова „мека сила“, која би била прифатлива.  Ако има  време за тоа. Како што се одвиваат работите  не се знае дали ќе има време за такво нешто. Зашто во крајна линија ќе треба да ја спроведат својата цел – Русија да биде поразена во секој поглед. А можеби Русите се во право кога велат дека Западот ќе сака и да им ја распарчи земјата. Такви изјави беа давани и се даваат од западни политичари, но и аналитичари. Во таков случај може да дојде до директна конфронтација меѓу НАТО и Русија. А можеби ќе се посегне и по нуклеарното оружје. А потоа ќе нема ниту хегемон, ниту нова војна.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок