12 Мај, 2025
0.0301

По средбата на Трамп и Зеленски во Ватикан – повици до Путин

Објавено во: Колумни 28 Април, 2025 07:30

Добивај вести на Viber

Погребот на Папата Франциско во Ватикан покажа дека само „левичарите“на нивниот погреб можат да соберат многу повеќе од стотина светски лидери и  делегации од многу земји. И, ако на погребот на Јосип Броз Тито присутните достоинствено се простија од него, во Ватикан достоинството на испраќањето на Франциско беше нарушено со набрзина договорените кратки политички средби, кои се одвиваа во кулоарите на погребот. Средби кои во еден момент беа и комични, за што сведочат извештаите на светски медиуми. За нив погребот на Папата имаше, според пласманот на настанот на насловните страници и во ударните вести, исто значење, на пример, со притисокот на Европа, американскиот претседател Доналд Трамп да се поразговара со неговиот украински колега, Владимир Зеленски.

Последново зборува за уште еден успех на украинската дипломатија, колку и да е потпомогната од Европа, да му организира на Зеленски средба со Трамп. Особено по „несреќната“ средба во Белата куќа. Трамп и Зеленски разговарале 15 минути. За Зеленски средбата беше „добра и симболична, која има потенцијал да стане историска, доколку ги постигнеме заедничките резултати“. Тој изјави дека се разгледувал целосниот прекин на огнот. Дека се „разговарало за чувствителни прашања, па затоа и нема да соопшти „многу подробности“. За средбите во Париз и во Лондон меѓу Европа, Украина и САД, како и за патот до мирот. За Белата куќа средбата на двајцата претседатели била  „многу продуктивен“ краток разговор. Што се’ се крие зад општите фрази може само да се претпоставува, но развојот на настаните ќе го покаже и тоа.

Но, факт е дека Трамп по средбата со Зеленски во неговата социјална мрежа „Тру сошл“, ги нарече „неубави“ барањата Крим и другите територии под руска контрола да и се вратат на Украина, а истовремено ја критикуваше Русија за бомбардирањето на Украина и и’ се закани со санкции. Заканите кон Русија беа на крајот од неговото пишување, откако претходно го направи „парче“ текстот и неговиот автор во The New York Times, кој беше публикуван во саботата под наслов: „Како Трамп игра во рацете на Путин: Од Украина до слабеење на американското влијание“. Во текстот, одделно се критикуваат намерите на Трамп да го признае Крим руски, а се вели дека тоа е „поткопување на позициите на Америка во однос на главниот противник“, Русија, која останува, „постојана потенцијална закана за моќта, за присуството и за глобалните интереси на САД“. Се тврди дека Трамп работи на штета на Украина и во полза на Русија. Во овој контекст “нападот“ на Трамп врз Русија, по повод бомбардирањата, може да се смета како јавен обид да се покаже себе си не „проруски“, туку и „проукраински“, кој, иако е согласен да го признае Крим руски, сепак не е во се’ согласен со Путин.

СКЛУЧУВАЊЕ ЗДЕЛКА

Трамп и вчера го повика Путин да демонстрира приврзаност кон мирот и да ги прекине воените дејства во Украина. Тој пред новинарите рече дека Путин треба да седне и да го потпише договорот. Тој смета дека постојат услови за склучување зделка. „Јас сакам тој да ја потпише неа, да заврши со тоа и да се врати кон нормален живот“, изјави Трамп. За средбата со Зеленски тој вели дека поминала добро. И очекува што ќе се случи во неколкуте наредни денови. Можеби ќе се дознае нешто ново. „Бев многу разочаран од тоа што ракетите летаа од руска стана“, рече Трамп и додаде дека смета оти Зеленски е заинтересиран за постигнување мир.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој е во Бразил на средба со своите колеги од БРИКС, вчера разговараше со државниот секретар, Марко Рубио. Според соопштението од руското МНР, главно се разговарало за кризата во Украина. И одделно била нагласена „важноста на консолидацијата на претпоставките за преговори“.Како неопходност за усогласување на патот кон долгорочен мир во Украина. Што се’ се крие зад „важноста на консолидацијата на претпоставките за преговори“? Дипломатскиот јазик е многу богат, кога нешто не треба да се каже отворено, а сепак е кажано во некоја форма, која треба внимателно да се дешифрира. Може да се претпостави дека работите околу преговорите не се завршени. Не се консолидирани или не се обострано прифатени. А тоа е многу важно. Лавров вчера во едно интервју, спомна и Запорожје, атомската централа, руските интереси, усогласени со оние на САД и Украина, бомбардирањата на воени цели, гаранции за прекин на огнот и не вооружување на Украина. Од друга страна на Трамп му се брза. А Лавров за тоа вели дека Русите го разбираат нетрпението на САД, затоа што во американската култура е да се создадат очекувања и да се расте напнатоста околу нив. „Тоа не помага во работата со реалната политика. Но, во нашиот случај, ние сме подготвени за дијалог, ние сме подготвени за преговори и не сакаме да се обложуваме на неуспех“, рече Лавров, додавајќи дека тоа ќе биде карактеристика на лоша зделка.

ДИПЛОМАТИЈАТА НЕ БАРА ЈАВНОСТ И МИКРОФОНИ.

Трамп и минативе денови зборуваше дека мнозинството главни точки од разговорите за Украина се усогласени и двете земји (Русија и Украина), се многу блиску до договор и дека треба многу брзо да се сретнат на многу високо ниво за да се договорат. Инаку Путин е подготвен да ги обнови преговорите со Украина без претходни услови. Таквата позиција Путин ја озвучил пред Стив  Виткоф, специјалниот пратеник на Трамп, на нивната средба минатата недела. Подготвеност за преговори искажал и Зеленски. Но секогаш има некое - но. И Зеленски и Путин имаат свои погледи околу тоа, како и за што ќе се водат преговорите. Трамп го испорача неговиот предлог. Украина, заедно со  Британија и Франција направија свој контра-предлог. Русија јавно молчи, но заткулисно работи. Во Москва велат дипломатијата не бара јавност и микрофони.

Неделава Трамп ќе треба да даде отчет за своите први 100 денови на власт. Меѓу другото и за меѓународните односи. И за конфликтот во Украина и неговите планови за мир таму. Ќе треба да каже и што ќе работи во наредниот период. Уште колку време ќе му треба во Украина да зацари мирот. Државниот секретар Рубио во една прилика спомна дека ќе бидат потребни неколку месеци. Како што стојат сега работите и Украина и Русија, како да се обидуваат пред очите на САД да покажат кој е против преговори, против мирот, па Амерканците нека ценат и нека притиснат врз „виновникот“. Но најлошо ќе биде ако двете земји со своето однесување доведат до тоа Трамп да се повлече од намерата да биде покровител на мирен договор меѓу Украина и Русија, што може и да е блеф. Доколку не е тоа ќе значи продолжување на војната. Со нови жртви и уривања. Доколку САД кренат раце целосно од воениот конфликт, тогаш товарот ќе падне врз Европа. А колку таа е подготвена со години да финансира војна, која на крајот ќе треба да заврши со преговори? И кои ќе бидат последиците за Европа, за Украина и за Русија?

За важноста на брзото носење и реализирање мировни договори сме пишувале многу. За Украина, тоа беа Минските договори од 2015 година, кои и гарантираа територијална целосност и суверенитет, па предлогот на договорот за прекин на војната од март, април 2022 од Истанбул. Но ништо од нив не се реализираше и војната еве веќе е влезена во четвртата година. Во октомври 2022 година, по успешните офанзиви на украинските сили таа есен, во САД, претседателот на Обединетиот комитет на  штабовите,  генералот Марк Мили, тврдеше дека Украинците на воено поле го достигнаа она на кое што сметаа до почетокот на зимата. Вратија територии и протераа руски војски од одредени територии. Па Мили предложи воениот успех да го зацврстат на масата на преговори, бидејќи Русија тогаш беше во дефанзива и се подготвуваше за одбрана на освоените територии. Но високи чиновници од Белата куќа, советници на Џо Бајден, беа против. Епилогот е пред нас. Сега се подготвуваат нови преговори. Добро е што сега во Белата куќа нема многу разногласија околу преговорите. Најголемите противници се во Европа и одделни медиуми.

ТЕРИТОРИИ ЗА МИР

Што може да се очекува? Ако и Русија и Украина се согласат на преговори, тогаш, како што стојат работите Украина ќе мора да проголта многу од она што не сакаше да голтне пред некоја година. Русија сигурно нема може да очекува дека ќе освои уште територии во Украина за кои смета дека се населени со Русија или рускојазично население. Нејзината програма максимум ќе се намали. И наместо да ги добие целите територии на освоените области, сигурно ќе се согласи на прекина на огнот на линијата на фронтот. Картите можеби се исцртуваат од страна на Американците, а можеби и се исцртани.  Украинците пак ќе мора да ги прифатат договорот, и да се согласат дека САД ќе го признаат Крим. Доколку во последен час со помош на Европа не направат некое чудо и ги ублажат условите за мир. Секако менувањето на границите е нарушување на меѓународното право, но Русите се повикуваат на она што го правеше Западот во годините пред руската агресија  врз Украина.  А Трамп вели дека војната во Украина не е негова, туку на неговите претходници.  Во Украина има се повеќе повици за отстапување на територии за мир. И за прифаќање на предлозите на Трамп.

Во јавноста се појавија верзии на мировен план на американскиот претседател, но конечниот план не е никому јасен. Јасно е само едно. САД бараат, она што и вчера го побара Трамп, итен прекин на огнот и директни преговори на високо ниво меѓу Русија и Украина. Најтиражирана беше верзијата дека Америка ќе го признае Крим како дел од Русија, дека другите територии под руска контрола ќе бидат приз,нати неофицијално, дека додека е Трамп на власт Украина не може да стане членка на НАТО и дека ќе се симнат санкции што беа донесени против Русија во 2014 година. Надвор од ова, а тоа е многу важно за Русите, е нормализацијата на руско-американските односи. Тоа за нив е можеби поважно и од одлуката за мир во Украина. Зашто по заминувањето на Трамп од власт на новите власти нема да им биде сеедно односите да ги враќаат на најниско ниво, практично замрзнати. Украина беше предупредена од Трамп дека доцни со потпишување на договорот со САД за минералните суровини, но се чини Зеленски тука полесно би се договорил. Иако се работи за недра кои ја гарантираат благосостојбата на земјата и се вметнати во нејзиниот устав.

Украина мора да се согласи со конечните американски предлози. Во спротивно на воен план, како што стојат сега работите, времето не работи за неа. Трамп предупреди дека за три години таа ќе ја загуби небаре цела територија. Една од причините ќе биде отсуството на американска помош. И воена и финансиска. Шанса за Украина би била голема европска помош и да се чека во САД да се промени власта, да дојде некој човек кој ќе сака да ја продолжи војната до победа на Украина. Но за такво нешто треба да се издржи војна до јануари 2028 година! И никој не гарантира дека тогаш Украина не ќе мора да преговара за мир, под потешки услови отколку сега. Останува мала веројатност по средбата во Ватикан, Трамп да го промени предлогот за мир. Но за тоа ќе треба да се почека неделава, бидејќи државниот секретар Рубио најави дека таа ќе биде одлучувачка за американските напори за мир во Украина.

ПРЕКИНОТ НА ОГНОТ Е МНОГУ БЛИСКУ

Колку и да изгледаат работите црни за Украина, таа може да се надева на Европа, а подоцна и на Америка, со некој нов претседател. Да се насочи сериозно кон членство во ЕУ, а можеби и во воен пакт, кој се споменува, меѓу Британија, Франција, Полска и Украина. За изгубените територии, кои ќе бидат дел од Русија, ќе може да „сонува“ дека ќе ги врати некогаш. Како што вика Зеленски, по дипломатски пат. Важно прашање во се’ ова е судбината на самиот Зеленски. Во САД, во власта,  не го милуваат. Дури би биле задоволни ако го нема.  Многу поважно е дали во земјата ќе го милуваат. Како, на пример, радикалите ќе ја прифатат загубата на територии? Кој ќе биде виновникот за тоа? Опозицијата која сега не е многу гласна може да се обедини и ако годинава има претседателски избори земјата да добие нов претседател. И покрај напорите на Зеленски, уште сега да ги елиминира сериозните противници.

Односот на САД кон Путин и Зеленски покажува дека за Американците прекинот на огнот е многу блиску. На дофат за сите учесници во подготовката на договорот. Како ќе се одвиваат работите во наредниот период, никој не може да претскаже. Путин, доколку го прифати договорот во онаа форма која сега е најтиражирана, лесно ќе се справи дома со „воените јастреби“, прикажувајќи го како победа. Зеленски ќе има расклатена столица. И ако не ја напушти Украина на почетокот на руската агресија, тоа може да му се случи сега. Европа ќе треба да се консолидира себе си, а потоа да се префрли и кон консолидација на Украина. За тоа ќе требаат многу пари. Да не зборуваме за нејзината безбедност која исто ќе чини пари.  Трамп најави во мај турнеја во Саудиска Арабија, Катар и ОАЕ, некој спомна дека е можна и средба со Путин! Се’ ќе зависи од тоа колку се подготвени работите за неа. Средба, заради средба не е ништо. А, Американците и Русите имаат што да подготвуваат.  Потоа Трамп може слободно да се префрли на загриженостите за Далечниот исток. Тајван, Кина, сега Индија и Пакистан, а патем Иран и Северна Кореја. Не е малку. Украина ќе му се покаже детска приказна доколку пукне таму.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Ултиматумите од Западот ја продолжуваат војната во Украина – некој тоа го сака?

Ултиматумите од Западот ја продолжуваат војната во Украина – некој тоа го сака?

Комората испраќа јасни пораки

Комората испраќа јасни пораки

Доналд Трамп оствари една цел во Украина

Доналд Трамп оствари една цел во Украина